1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разунавачките служби ќе се спојуваат во една агенција

ДТЗ
1 јули 2024

Процесот на спојување на службите за безбедност се очекува да трае неколку месеци. Планот за спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност го потврди премиерот Христијан Мицкоски.

https://p.dw.com/p/4hjLx
Христијан Мицкоски
Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат, најави Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција. Процесот на спојување се очекува да трае неколку месеци. Овој план го потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на општина Бутел. 

„Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји - членки на НАТО. Меѓу нив во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум“, рече Мицкоски. 

План за спојување

Планот за спојување е дел од програмата за работа на Владата. „Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во парламентот“, изјави премиерот.

Во програма на Владата беше наведено дека Агенцијата ќе биде раководена од високи професионалци избрани под строго утврдени критериуми според стандардите на ЕУ и НАТО. За правилно функционирање на Агенцијата, се предвидува изградба на комплетно нов објект за таа намена, врз основа на строги безбедносни НАТО стандарди, надвор од Министерството за внатрешни работи.

Целта е да се зајакне и унапреди соработката меѓу сите чинители на кои во фокусот им е борбата и детектирањето на тероризмот на национално, регионално и меѓународно ниво, како да се надогради безбедносниот систем за да има капацитет да се спротивстави на сите облици на организиран криминал и корупција. 

Еролд Муслиу
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го разреши досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд МуслиуФотографија: Erold Musliu

Сомнежи и обвинувања 

Агенцијата за разузнавање е во надлежност на претседателот.  Станува збор за посебен орган на државната управа и е надлежна да собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации од значење за безбедноста, одбраната, надворешно-политичките и економските интереси на Република Северна Македонија. Агенцијата собира разузнавачки информации за закани и ризици од странство за заштита на националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и слично. 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 28 јуни донесе одлука за разрешување на досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу и на негово место ја постави Габриела Јаковлева. Тој преку медиумите порача дека е разочаран од одлуката, која што оцени дека е резултат на политички притисоци. Тој беше првиот Албанец на кого му била доверена задачата да ја предводи Агенцијата за разузнавање во 2019 година.

На чело на Агенцијата за национална безбедност, пак, од 2022 година е Зарко Милошевски, кој го наследи Виктор Димовски. АНБ и Оперативно-техничката агенција (ОТА) во 2019 година произлегоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, по аферата со прислушувањето. Формирањето на Агенцијата беше последниот чекор во реформирањето на безбедносните служби, со цел да се спречат злоупотреби.