Еролд Муслиу: Нема големи или мали, туку ефикасни служби
3 јуни 2019Говори англиски, италијански и француски, а неговата работна биографија е целосно посветена на јазикот на безбедноста. По дипломирањето на Факултетот за безбедност, неговата професионална кариера почнува во МВР, а продолжува во Агенцијата за разузнавање (АР), каде во изминатите две децении бил на разни позиции - главен инспектор, помошник на директорот на Директоратот за оперативни работи, директор на Директоратот за разузнавање на меѓународниот тероризам и организиран криминал, советник за меѓународна оперативна соработка, помошник на директорот на АР задолжен за координација на оперативните работи... Пред десетина дена Еролд Муслиу (49) беше именуван за директор на АР, институција која е под надлежност на шефот на државата, а е овластена за собирање, анализа и обработка на разузнавачки информации значајни за безбедноста, одбраната, политичките, економските и други интереси на Република Северна Македонија. Муслиу, кој во текот на неговата професионална кариера завршил и бројни меѓународни обуки за оперативно работење, водење сложени разузнавачки операции, менаџирање и лидерство, во разговор за Дојче веле ги сподели неговите планови за работата на АР.
ДВ: Кога самиот би се претставиле себе си, кои позиции од вашата професионална кариера ги сметате како најсилни адути за новата функција?
Еролд Муслиу: Неблагодарно е човек сам да ги истакнува своите адути, особено кога станува збор за професионалната кариера, туку остава тие да бидат препознаени од средината каде работи и дејствува. Сепак, за да одговорам на прашањето, би ги истакнал следните адути за новата функција. Прво - професионалност пропратена со развој и напредување во службата. Мојата биографија ги опфаќа сите скалила на вистинскиот профил на разузнавач кој по вработувањето работел како теренски оперативец, па се до раководител, согласно со професионалните правила и етика. Напредувањето во службата беше постепено, благодарение на критериуми базирани на заслуги. Тоа ми овозможи целосно да ги научам процесите на работа, да созреам професионално и да имам разбирање за проблемите со кои се соочуваат вработените на сите нивоа. Вториот адут е - визија и нови предизвици. Да се биде предводник на една институција не е доволно само да се биде професионалец, туку да се има визија за институцијата. Но и самата визија не е доволна сама по себе, ако не се знаат расположливите капацитети со кои се стремите да стигнете до целта. Во таа смисла, новата функција ја гледам како мотив за совладување на предизвиците при градењето на перспективите на Агенцијата. Третиот адут е - непартиски кадар. Јас не сум, и никогаш не сум бил член на политичка партија. Секогаш сум настојувал да градам професионална, а не партиска кариера. Со овој адут јас сум имун на контролата и влијанието на партиите врз мојата личност и професионален профил на разузнавач кој работи за доброто на својата држава и нејзините граѓани.
Во изминатите неколку години, за жал, дел припадници на АР беа спомнувани како инволвирани во настаните во „Диво насеље“ од мај 2015 година, но и во настаните од 27 април 2017 година. Како ќе ги тргнете тие темни сенки од институцијата со која раководите?
За жал, навистина се работи за два исклучително немили настани, кои ќе останат запаметени во меморијата на сите нас кои го минуваме овој период од развојот на демократијата во нашата држава. Двата настани се случија во многу чувствителни политички моменти и делумно произлегоа од погрешното раководење со безбедносните служби. Секако дека се работи за две темни сенки и во професионалната работа на безбедносниот сектор во кој припаѓа и АР. Самиот факт што и во двата настани се спомнува инволвираност на припадници и на АР во разни фази и нивоа од постапувањето и раководењето со активностите на инволвираните, покажува дека состојбата во безбедносниот сектор била надвор од контрола и сите професионални стандарди. Факт е дека ниту АР ниту Република Северна Македонија, нема да оди напред без расветлувањето на овие случаи. Некои работи едноставно не се забораваат, е сега како можам јас како поединец да ги избришам темните сенки од овие два немили настани проследени со човечки жртви, нанесена физичка болка и уништување на имот? Можам да потенцирам дека целосно ќе се ставам на располагање и ќе соработувам со ОЈО заради расветлување на сите дилеми околу институционалната одговорност во двата случаи.
И покрај тоа што вашето име воопшто не е меѓу „спорните“, ДУИ имаше забелешки за вашиот избор, со образложение дека „се додека не се расветлат докрај кумановските настани, ниту еден човек кој бил дел од службите на Иванов не треба да биде на чело на таа институција“. Имавте ли каква било врска со тие настани?
Морам да признаам дека реакцијата на ДУИ за мене беше изненадување, бидејќи моето име никогаш не беше спомнато во контекст на „Кумановските настани“. Изненадување е и фактот што ДУИ молчеше за „одговорноста“ сѐ до моето именување. Но, доколку располагаат со други информации и факти од оние со кои располага ОЈО, јас сум подготвен да се разјаснат истите. Еве, да одговорам конкретно на прашањето: најодговорно тврдам дека на никаков начин не сум вмешан во настаните, ниту пак моето име беше спомнато во овој контекст. Но, од позиција на директор на АР, должност ми е да се залагам за целосно расчистување на овие настани. Дополнително, Еролд Муслиу никогаш не бил дел, ниту пак работел и служел на лични служби и лични интереси, секогаш работел и ќе продолжи во тој правец да им служи на својата држава и граѓаните.
Се донесоа повеќе нови закони со кои треба да се реформира сферата на безбедноста, но сѐ уште не и за АР. Има ли причини што такви законски измени не влегоа во истиот пакет?
Реформите во безбедносниот систем на РСМ се одвиваат во повеќе фази. Согласно извештајот на Прибе, првите чекори почнаа во 2017 година за да во првата фаза се донесе закон и се формира Оперативно техничката агенција (ОТА), која почна со работа на 01.11.2018 година. Следната фаза беше законот за новата служба, Агенција за национална безбедност (АНБ), која се формира по одвојувањето на УБК од МВР, за која законот се донесе пред некој ден. Останува премиерот да го именува новиот директор, потоа процесот на селекција на идните кадри, и така по ред сите останати компоненти за нормално функционирање на модерна безбедносна служба. Третата фаза беше Законот за координација на службите, кој исто така е донесен, и со кој се утврдија начините на определување на стратегиските барања на државниот врв, спроведување на заклучоци на Советот за безбедност и за соработката на безбедносно-разузнавачките служби во РСМ. Факт е дека во овие реформи се стекна впечаток дека АР беше тргната настрана извесен период, но тука нема ништо нејасно, бидејќи Агенцијата е единствена служба што има закон уште од 1995 година. Во оваа фаза, од безбедносно-тактички аспект е добро што АР и УБК не беа опфатени во истиот момент, бидејќи во ситуација кога АНБ во наредните месеци ќе треба да го спроведе процесот на селекција на кадри и екипирање, АР е таа која ќе е операбилна на терен. Секако реформите се неизбежни и за АР, затоа во претстојниот период јас како нејзин директор ќе се залагам за измени на постојниот закон за АР, со јасно дефинирање на нејзината надлежност како служба за надворешно разузнавање, но рамноправна во безбедносниот систем на РСМ.
Кои реформи се клучни за професионалното растење на АР?
Со измените на законот на АР, многу работи ќе се подобрат. Прво, улогата на АР ќе биде јасно дефинирана, со што ќе се направи јасна дистинкција во надлежностите кои ги имаат АР, АНБ и другите чинители во безбедносниот сектор на РСМ. Со законот ќе предвидиме подобра социјална сигурност за вработените, со цел да не бидат ранливи, односно изедначување на сите параметри со предвидените за припадниците на АНБ, и донесување најповолен пензиски пакет за вработените, со исти услови како во МВР и АНБ. Второ, внатрешната реорганизација е клучна за создавање на професионална служба, која ќе може да одговори на предизвиците, а истовремено да изгради систем на вредности компатибилен на потребите на РСМ како идна членка на НАТО и ЕУ. Моменталната организациска структура не е променета уште од 1998 година. Трето, продолжување на веќе започнатите проекти за соработка на АР со други институции во нашата држава. Тука, пред се, мислам на проектот за безбедносни брифинзи за дипломатите од МНР. Следен чекор ќе биде истата практика да се примени и за пратениците од Собранието, како и земање активна улога во процесот на оформување и создавање на пропишани техники и модус за успешно спроведување на собраниската контрола врз безбедносните служби во РСМ, која, за жал, засега има само технички карактер.
Според вас, кои се клучните предизвици пред АР денес, во еден мултиполарен свет со силна динамика на промени, интереси, сензитивни геополитички процеси и сајбер закани?
Прашањето потсетува на борбата на Давид против Голијат. РСМ како географски мала држава и АР како бројчено мала служба се соочуваат со истите безбедносни предизвици со кои се соочуваат и другите земји од регионот и пошироко. Имајќи го предвид фактот што РСМ наскоро ќе биде полноправна членка на најмоќниот воено политички сојуз во светот - НАТО, значи дека покрај следењето на сопствените стратегиски државни интереси, нашите капацитети ќе бидат ставени и во функција на одбрана на интересите на НАТО. Тоа значи дека безбедносниот сектор во РСМ е рамноправен партнер со истородниот на НАТО во кој членуваат безбедносно-разузнавачките служби на земјите-членки. Во однос на клучните предизвици, на прво место би ги потенцирал асиметричните закани, пред сѐ екстремизмот и тероризмот од сите видови, како и транснационалниот организиран криминал каде сме фокусирани - илегалната миграција, трговијата со дрога и другите форми. Од друга страна, мултиполарниот свет се карактеризира со спротивни стратегии и борба за влијание. Геополитичките процеси предизвикани од борбата за влијание се карактеризираат со широк спектар на помалку препознаени методи на дејствување, во кои честопати ги инволвира и разузнавачките служби на главните актери на шаховската табла. Тука, пред сѐ, мислам на светски и регионални актери кои развиваат стратегии за хибридно постапување, со цел влијание врз одредени држави и региони од нивен стратегиски интерес.
Каква е соработката на АР со службите за разузнавање на партнерските земји и каков е нејзиниот професионален углед на тој план?
Во разузнавањето постои непишано правило дека не постојат големи или мали служби, туку ефикасни и добро поставени служби што можат да направат нешто. Во моето долгогодишно искуство во соработка со партнерски служби, АР се покажа како достоен и признаен партнер. Нејзините предности се препознаени од респектабилни партнери со кои имавме важни меѓународни разузнавачки операции во различни региони. Слободно можам да кажам дека една од големите предности на АР е фактот што на најдобар начин ги користиме нашите човечки капацитети кои покрај професионалниот имаат уште еден многу битен елемент за успешност - пред сѐ мислам на мултиетничкиот, мултиконфесионалниот и мултилингвистичкиот момент, и тоа како битен за разузнавачкиот процес на собирање сознанија и реализирање операции. За да го задржиме меѓународниот оперативен имиџ, во наредниот период во АР ќе работиме на надградба и засилување на човечкиот потенцијал со разни профили на личност потребни за една модерна служба, како и на подобрување на техничките капацитети за најдобро поставување заради идентификација и реакција на современите закани.