1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојан Христовски се „паркираше“ во АНБ

ДТЗ
17 октомври 2024

Опозицијата стравува дека со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, власта спроведува опасна партизација на безбедносните институции. Но, премиерот Христијан Мицкоски не гледа никаков проблем

https://p.dw.com/p/4luC0
безбедносни служби
Назначувањата во АНБ по лупа на јавноста - се случува ли опасна партизација на безбедносните институции?Фотографија: Fotolia/Kobes

Владата го разреши досегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски. Тој на новата функција доаѓа од Министерството за внатрешни работи, но неговиот партиски ангажман, пред се како претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ му стои како тежок товар на стартот на обавувањето на новата одговорна функција.

Опозицијата стравува дека со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, власта спроведува опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции. Но, премиерот Христијан Мицкоски не гледа никаков проблем во назначувањето на Христовски за нов директор за национална безбедност. 

Влада
Владата го разреши досегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој е првиот ловек на АНБ? 

Бојан Христовски, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, по локалните избори во 2021 година, беше поставен за директор на „Градски паркинг“, каде во септември 2022 година поднесе оставка поради несогласувања со скопската градоначалничка Данела Арсовска. Тој беше и претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, но последните информации се дека ја напуштил партијата во 2023 година. 

Разрешениот директор на АНБ, Зарко Милошевски беше назначен на функцијата во декември 2022 година, за време на Влада на СДСМ и ДУИ. За прв директор на АНБ беше назначен Виктор Димовски.

Законски пречки 

Од СДСМ се децидени дека партиско ангажирање на Христовски е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган. 

„Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото.Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ“, вели Миле Талески, пратеник на СДСМ. 

Според него, дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО.

Тие прашуваат како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка и бараат власта да го повлече ова незаконско назначување. „Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ. За ова СДСМ ќе ги извести нашите стратешки партнери, земјите членки на НАТО преку нивните амбасасади и Европската комисија“, порача Талески.  

„Допрва ќе ја дознаете вистината“ 

Агенцијата за национална безбедност започна со работа во 2019 година, по реформите во безбедносниот сектор, со што згасна дотогашната Управата за безбедност и контраразузнавање. Но, Христовски тогаш од УБК не премина во новата Агенција, бидејќи не му беше издаден безбедносен сертификат.

Мицкоски при посетата на Брвеница рече дека е исправена неправдата којашто му била нанесена на Христовски. 

„Кога се трансформираше УБК во АНБ и се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во АР, УБК и АНБ кои што ги профилираа луѓето и врз основа на тоа гледаа како да им наштетат преку лажни вести, клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат. Откако беше констатирана таа неправда којашто му беше нанесена на Бојан Христовски, на кој во прво време не му беше даден безбедносен сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството пред се на раководството на Агенцијата за разузнавање“, вели Мицкоски. 

Христијан Мицкоски
Мицкоски при посетата на Брвеница рече дека е исправена неправдата којашто му била нанесена на Христовски. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Грешката е исправена“

Според премиерот, грешката е сега исправена и Христовски има серификат. 

Тој најави дека јавноста „многу набрзо ќе биде запознаена за многу работи за АНБ, како се злоупотребувале партиски и лични цели“. „Не гледам причина зошто човекот којшто го поминува речиси цeлиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ. Има доста уплашени структури и има за што да се плашат, коишто се дел од поранешната влада. Во периодот што следи ќе ја дознаете вистината“, рече Мицкоски. 

Според Законот за АНБ, мандадот на директорот на Агенцијата изнесува четири години, со право на повторен избор за уште еден мандат. За да биде поставен на оваа функција, директорот мора да има најмалку 12 години работно искуство, во областа на одбраната, безбедноста, односно разузнавањето или во области поврзани со нив, од кои најмалку пет години на раководни позиции. Исто така, еден од условите наведени во член 10 е да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи