1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без данокот на имот Германија загубила 380 милијарди евра

Андреас Бекер
4 јули 2024

Откажувањето од данокот на имот од 1997 година Германија до сега ја чини околу 380 милијарди евра, покажува нова студија, чиј заклучок гласи дека стравот оти богатите би можеле да се преселат во странство е без основа.

https://p.dw.com/p/4hqci
Пари финансии
Огромна парична загуба за Германија поради откажувањето од данок на имотФотографија: Thibaut Durand/Hans Lucas/picture alliance

До 1996 година имотот на богатите луѓе во Германија беше оданочен со еден процент годишно. Данокот на имот потоа беше укинат, што во буџетот до сега предизвика дупка поголема од 380 милијарди евра, покажува студија изработена од Мрежата за даночна правдина и развојната организација Оксфам.

Пропуштените приходи соодветствуваат на 80 проценти од  сојузниот буџет  за 2024 година, кој предвидува издатоци од околу 477 милијарди евра. Истовремено богатството на 100-те најбогати Германци од 2001 година до денес е зголемено за околу 460 милијарди евра, се вели во студијата.

100 години борба против „даночна миграција“

„Големото мнозинство на луѓе се залагаат за повторно воведување на данокот, но истовремено се плашат од наводната даночна миграција на богатите", пишуваат авторите Михаел Алка и Кристоф Траутфетер од Мрежата за даночна праведност со седиште во Берлин. Студијата под наслов „Нема страв од даночна миграција" истражува со кои закони германската држава во изминатите 100 години се обидела да спречи даночна миграција. Едноставно да си ја сменат адресата на живеење и да се преселат во странство, за  богатите во Германија  не е толку едноставно откако во 1972 година беше воведен т.н. данок за селидба кој доведе до тоа „што даночни бегалци на граница мораа да отстапат на државата околу една третина од богатството стекнато во Германија". Седум германски милијардери кратко пред воведување на данокот се преселиле во странство, а државата реагираше законодавно и на подоцнежни обиди, како на пример преселбата на семејството Порше во 2010 година и ги затвори законските дупки.

Сузане Клатен
Сузане Клатен, најбогатата жена во Германија и главен акционер на БМВ, отселување од земјата според студијата би ја чинело околу 6,5 милијарди евра, една третина од нејзиното богатство Фотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/IMAGO

„Денес е можно отселување без  плаќање данок само доколку имотот и натаму подлежи на оданочување во Германија", се вели во студијата.

Малку познати даноци

И преселбата на фирми или делови од фирми во странство може да биде скапо. Малку познати даноци во јавноста се причина за тоа што сопствениците при префрлање на компанијата треба „речиси половина од богатството стекнато во Германија да го остават на државата“. Класичното затајување данок според студијата исто така е отежнато, откако во 2017 година стапи на сила автоматската размена на информации со која германските даночни власти добиваат информации од 100 држави за банкарски сметки на даночните обврзници.

Овој милионер сака повисоки даноци

Заклучокот од студијата гласи дека заканата оти богатите би можеле да ја напуштат земјата при евентуално повторно воведување на данокот за богати, не е веродостојна. Нема основа ни за стравувањата дека такво нешто би довело до намалување на бројот на работни места во Германија.

Пофалби и барања

Авторите севкупно го оценуваат  германскиот даночен систем  како добар. „Германија во изминатите децении усвои опширни правила кои на меѓународно нивно може да служат за пример против даночно бегство бидејќи многу го отежнуваат или го прават невозможно", се вели во студијата.

Затоа, според нив, повторното воведување на таков данок „не само што е можно, туку е и итно потребно“. Можноста да се оданочи имотот е укотвена во член 106 од Уставот. Таму стои и дека приходите од таа даночна основица им следуваат на покраините. Но, Уставниот суд во 1995 година пресуди дека начинот на кој до тогаш се наплатувал данокот на имот е спротивен на Уставот, меѓу другото и поради застарена база за оценување на оданочувањето.

Како дојде до укинувањето

Тогашната влада од Унијата и Либералите се одлучи против новото оценување барано од судот, како и поголемо оданочување на недвижнини посочувајќи на во тогашно време највисокиот степен од 53 проценти за  оданочување на примањата.  Денес највисоката стапка за оданочување изнесува 45 проценти. Потоа владата на Кол се откажа од собирање на данокот на имот. Но, Законот за оданочување на имотот не е укинат.

Во 1996, кога последен пат беше собиран данок на имот, тоа придонесе околу 4,6 милијарди евра за буџетот. При пресметувањето по глава на член на семејство важеше износ од 60 илјади евра кој не се даночи, а од вредноста на имотот можеа да бидат одбиени и долговите. Проценката на студијата дека од укинувањето на овој данок Германија загубила околу 380 милијарди евра се потпира на претпоставката дека приходите ќе се развивале во просек како во годините кои претходеа на укинувањето. Во тој случај приходите на годишно ниво до 2023 години би пораснале на околу 30 милијарди евра, а вкупните приходи од сите години од 1997 до 2023 година би изнесувале 380 милијарди евра.