1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Германија треба да ги намали даноците?

Себастијан Шрајбер | АРД
7 февруари 2024

Германската економија работи во кризен режим. Владата планира да ги подобри условите за работа на претпријатијата, но дискутира околу тоа кој би бил исправниот пат. Каква е проценката на експертите?

https://p.dw.com/p/4c7j4
Германската економија никако да излезе од криза
Германската економија никако да излезе од кризаФотографија: Udo Herrmann/CHROMORANGE/picture alliance

 

Иако германската  т.н. семафорска владина коалиција  сигурно не е идеален пример за единство, шефот на Либералната партија и министер за финансии, Кристијан Линднер и министерот за економија од Зелените, Роберт Хабек имаат барем една заедничка цел.

Треба да се растоварат претпријатијата во Германија и да се зајакне економијата. Владата води кавги околу исправниот начин на остварување на оваа цел.

Хабек се изјасни за посебен инвестициски фонд кој би овозможил даночни олеснувања. Министерот за финансии Линднер не е за тоа, аргументирајќи дека тоа ќе значи  зголемување на задолжувањата.

Линднер предложи укинување на данокот за солидарност за претпријатијата – таа давачка се плаќа во западниот дел од земјата за развој на источниот дел, бившата ГДР. Шефицата на Зелените Рикарда Ланг го критикуваше овој предлог, зашто не чула како ќе се надокнадат средствата кои потоа ќе недостигаат.

Две различни филозофии

Штефан Котс од Институтот за светска економија од Кил смета дека станува збор за две целосно различни филозофии. Според него, на Хабек не му е важно вкупно да ги намали даноците за претпријатијата, „туку со тоа веднаш да го поврзе управувањето со стопанството. Да се формулира поточно - за кои конкретни инвестиции треба да важат даночни олеснувања“.

А зад предлогот на Линднер според Котс не стои намера за управување со економските текови, туку генерално намалување на  издатоците за претпријатијата.

Шефот на Институтот за еконоски истражувања (ифо) од Минхен, Клеменс Фист вели дека во германската влада недостига економско политичка стратегија. „Постои големо разијдување меѓу Министерството за економија и Министерството за финансии и со тоа голема несигурност“, истакнува Фист.

Економистите се поделени кога станува збор за нови долгови. Карстен Бржески, главен економист на банката ИНГ, смета дека јакнење на економијата не е можно без задолжувања: „Кога имаме државни издатоци кои изнесуваат речиси педесет проценти од бруто домашниот производ, тогаш теоретски имам право да кажам, би можел овде-онде нешто да одземам“. Тој меѓутоа објаснува дека политичката стварност е поинаква, па е поедноставно да се земат нови кредити.

Штефан Котс има поинакво мислење. Тој се противи на олеснувања за стопанството на кредит, предупредувајќи дека уште сега постои конфликт околу распределбата на парите: „Влегуваме во фаза на демографски промени кои со себе за жал носат заострување на конфликтите околу распределбата во Германија.“ Котс додава дека кредитите значат само одложување на конфликтите за во иднина.

„Законот за шансите за раст“ во застој

Во препирката меѓу Линднер и Хабек се вмеша германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој укажа на „Законот за шанси за раст“ кој предвидува даночни стимулации за инвестиции и технологии кои помагаат за заштита на климата.

„Се надевам дека и со согласност на покраините, ќе биде нешто од овој многу конкретен и практичен проект со кој би требало да се олесни инвестициското дејствување на претпријатијата“, рече Шолц.

Канцеларот Олаф Шолц и министрите за економија, Роберт Хабек и за финансии, Кристијан Линднер
Канцеларот Олаф Шолц и министрите за економија, Роберт Хабек и за финансии, Кристијан ЛинднерФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Моментално законот е заглавен во Комисијата за посредување меѓу двата парламентарни дома. Покраините го критикуваат законот зашто сметаат дека на нив ќе префрли најголем дел од трошоците. Затоа е нејасно кога воопшто ќе биде усвоен, следната седница на Комисијата е закажана за 21 февруари.

Хабек стравува дека германските покраини би можеле да го намалат планираното растоварување на стопанството за осум милијарди евра: „На крајот ќе испаднат три милијарди, значи пакетот станува сѐ помал, речиси ќе биде хомеопатски“, предупреди министерот за економија.

Германија сѐ послаба во меѓународна конкуренција

Во Берлин беснее економско-политичка бура, која е предизвикана од мртвилото на други места. Во јануари, според анкетите повторно е  влошено расположението кај стопанствениците.  Сѐ повеќе претпријатија јавуваат за  изостанување на порачки  и во индустријата и во услужните дејности. Последиците се предвидливи.

Германија и натаму заостанува  во меѓународна конкуренција. Економистите предвидуваат поголем раст во Шпанија, Италија  или Франција отколку во Германија.  Изгледа дека разликата во однос на САД ќе биде посебно голема, зашто таму економијата во последно време порасна за три проценти.

Ниските даноци не се волшебно стапче

Економистите се единствени во проценката дека ниските даночни издвојувања сами по себе не се доволни за да помогнат во опоравувањето на економијата.  Котс напоменува дека економската активност на земјата зависи од низа фактори.

„Можеме овде да имаме и повисоко даночно оптоварување, ако земјата е вредна за тој данок“, вели тој. Но, напоменува дека на Германија полека ѝ се трошат аргументите да го убеди светот дека и натаму е добро место за стопанствениците.

Слично аргументира и главниот економист на ИНГ банката, Бржески, според кого само дебатата околу даноците е премногу ограничена. Позицијата на Германија во однос на стопанството не се состои само во даноци: „Тогаш ние би конкурирале со Ирска или со Луксембург, а тоа не можеме да го направиме."