1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата во Берлин – семафор кој не функционира

Сабине Кинкарц
9 јануари 2024

Трите партии во германската влада се во постојан судир, а канцеларот Шолц е се` помалку омилен меѓу граѓаните. Коалицијата најмногу ја одржува стравот од нови избори, додека радикалната десница се засилува.

https://p.dw.com/p/4aypx
Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан Линднер
Калцеларот Олаф Шолц, министрите Роберт Хабек и Кристијан ЛинднерФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Три четвртини од Германците не се задоволни од работата на германската владејачка „семафор коалиција“ која името го доби според боите на коалициските партнери - Зелените, жолтите Либерали и црвените Социјалдемократи. Деновиве дури 48 проценти од членовите на Либералите, додуша со мала излезност на партискиот референдум - се изјаснија за прекин на коалицијата. Тесното мнозинство сепак беше за да се продолжи владеењето. Во партиските централи на коалициските партнери резултатите од гласањето објавени на први јануари веројатно донесоа олеснување. Додуша, по статутот на партијата, резултатот не го обврзува раководството, но да беше поинаков исходот, немаше да може ни да се игнорира.

Кристијан Линднер ФДП
Кристијан Линднер - тесен резултат на партиското изјаснување на ФДП за останување во владатаФотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Сето ова всушност може да донесе само  мало олеснување за владејачката коалиција  затоа што оваа година може да биде најтешката од доаѓањето на власта.  Претстојат избори, прво за Европскиот парламент на почетокот на јуни, а потоа во септември и покраински избори во Саксонија, Тирингија и Бранденбург. Освен тоа, веројатно во девет од 16 покраини ќе се одржат и локални избори.

Подем на десницата, пад на владејачките партии

Во Саксонија, Тирингија и Бранденбург партијата Алтернатива за Германија (АфД) е убедливо најсилна, иако покраинските ограноци на партијата се под надзор на Службата за заштита на уставниот поредок затоа што се сметаат за екстремистички.

Единствено Демохристијаните се до некаде рамо до рамо со АфД.  СПД, Либералите и Зелените драматично губат гласачи. Според една анкета, Социјалдемократите и Либералите во Саксонија не би го поминале ни прагот, а Зелените едвај би влегле во покраинскиот парламент. И на сојузно ниво трите владејачки партии од стапувањето на власт во декември 2021 година  изгубија добар дел од поддршката. На почеток со околу 52 проценти од гласовите имаа тесно мнозинство, но во меѓувреме бројката е падната на 32 проценти. Шолц во новогодишното обраќање констатираше дека голем број луѓе се незадоволни, но додаде дека светот е станат „немирен и посуров“ и дека се менува „со брзина која те остава без здив“. Канцеларот заклучи дека токму затоа и Германија мора да се менува.

Олаф Шолц – непопуларен канцелар

Дали навистина промените се проблем за луѓето или е тоа начинот на кој „семафорската коалиција“ се однесува во кризите и сузбивањето на нивните последици?

А, кризите се сериозни – енергетската после нападот на Русија врз Украина, експлозијата на цените и падот на германската економија. Бројни граѓани веќе не веруваат дека оваа влада може да ги реши таквите проблеми. Канцеларот Шолц лично исто така ужива се` помалку поддршка од граѓаните. Тоа секако е предизвикано и од стилот на раководење и комуницирање кои го негува. Нему не му поаѓа од рака да ја објасни својата политика и да ги поттикне луѓето да му веруваат.

Канцеларот Олаф Шолц
Канцеларот Олаф Шолц - непоколеблив и опуштен за едни, надмен и тврдоглав за другиФотографија: Fabian Bimmer/REUTERS

Неговиот наратив често звучи како да зборува робот, тој ги комплицира речениците често до неразбирливост, останува и неодреден. Тие кои со него работат велат дека никогаш не доживеале да подигне глас, но никогаш не покажал ниту опуштеност или одушевување. Колку повеќе околу него станува немирно, толку е потивок. Непоколеблив и опуштен за едни, надмен и тврдоглав за други. Кога Либералите и Зелените се караат, а тоа често го правеа минатата година, Шолц се држи на страна. Често поради тоа го критикуваат префрлајќи му лидерска слабост. Шолц вели дека тој не е човек кој би удрил со рака по маса. Важни му се дебати и барање чесен компромис. „Иако би можел да поминам и без некоја од дебатите во последните неколку недели и месеци“, призна во новогодишното обраќање.  

Разнишана финансиската основа

Такви дискусии сигурно ќе има и во новата година. Коалицијата се состои од две партии од левиот центар и една која застапува економски либерализам. СПД и Зелените се потпираат на силната држава, потребни им се повеќе пари за социјални и климатски политики. Либералите инсистираат на индивидуалната одговорност на граѓаните и на штедлива држава.

Тие идеолошки разлики нужно доведуваат до расправии за парите. Во ноември Уставниот суд  дел од буџетот го прогласи за неуставен  и потсети дека Уставот не предвидува нови задолжувања. Со тоа е разнишана и  финансиската основа на коалицијата. Шолц уште како министер за финансии смисли трик со кој 65 милијарди евра кои Бундестагот во 2021 година ги издвои како посебни средства за кризата предизвикана од пандемијата, би ги претворил во „посебни“ средства. Кога стана канцелар, тоа беше буџет од сенка за проектите на СПД и Зелените, а либералниот министер за финансии Кристијан Линднер можеше да го заокружи буџетот божем без долгови. Планот функционираше две години, но по одлуката на Уставниот суд дека наменски средства не може да се пренаменуваат на тој начин, остатокот од мандатот владата ќе мора да го помине крпејќи дупки во буџетот и во штедење. Тоа е силна причина за нова кавга во коалицијата.

Спор околу „кочницата за долгови"

Каде може да се заштеди во буџетот, а кои издатоци се нужни? Шолц на партискиот конгрес на СПД рече дека  Германија можеби ќе мора да издвои повеќе средства за Украина  ако се намали поддршката од други земји. Канцеларот очигледно мислеше на американските претседателски избори и можните последици. Со тоа Шолц ја доведува под прашање „кочницата за долгови“ предвидена во германскиот Устав. Неколку години заради пандемијата и војната во Украина кочницата беше вон сила, но сега Либералите ја враќаат во игра. СПД и Зелените го сакаат спротивното, барајќи реформи на уставната „кочница за долгови“. Тие тврдат дека токму таа е кочничар на иднината, затоа што со новите задолжувања мора да се финансираат важни инвестиции. Спорот во коалицијата со порастот на финансискиот притисок е речиси извесен.

Стравот ги држи на купче

Канцеларот кај министерот за финансии издејствува барем уште еднаш да се дискутира за можната суспензија на „кочницата“ за оваа година, ако војната и финансиската поддршка за Украина мора да се зголемат.

Тоа не значи дека Линднер ќе се согласи на таквиот чекор. Особено ако се потсетиме дека 48 проценти од членството на Либералите кои гласаа се изјаснија партијата да ја напушти коалицијата. Тој процент лесно би можел да се зголеми. Но, раководствата на партиите се плашат од раскинување на коалицискиот договор повеќе од било што друго. Ако се распишат вонредни избори во Германија, кои во земјата се исклучително ретки, им се заканува опасност од губење на власта. Многу од пратениците веќе не би седеле во Бундестагот. Затоа речиси сите партиски функционери се трудат да се продолжи соработката во поприлично напнатата коалиција. Стравот од политичката пропаст е единственото што уште ги држи СПД, Зелените и Либералите на купче.

Текстот првично беше објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ