1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: Германија е соочена со „невидени проблеми“

Тагесшау | ЕМФ
28 ноември 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц во својата владина изјава за буџетот денеска призна дека владата е соочена со финансиски проблеми. Тој не презентирташе решенија, но најави крај на кочницата за цените на енергијата.

https://p.dw.com/p/4ZX3t
Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот, 28.11.2023Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Канцеларот Олаф Шолц призна дека пресудата на Уставниот суд, кој ја прогласи за ништовна прераспределбата на 60 милијарди евра од буџетот за 2021 година, ја отежнува работата на неговата коалиција. „Оваа пресуда создава нова реалност- за сојузната влада и за сите сегашни и идни влади, на сојузно и покраинско ниво. Реалност која го отежнува постигнувањето важни и широко прифатени цели за нашата земја“, рече канцеларот во денешната (28.11) владина изјава во Бундестагот. Германија се соочува со „предизвици кои нашата република веројатно никогаш досега не ги доживеала во ваква концентрација и сериозност“.

Разговорите за последиците од пресудата сѐ уште не се завршени, вели Шолц, но јасно е: „Да знаевме каква ќе биде сегашната одлука, зимата 2021 година ќе тргневме по други патишта - патишта што и судот ги посочи во својата пресуда“.

60-те милијарди евра беа одобрени како кредит за справување со последиците од корона-пандемијата, но потоа беа пренаменети за заштита на климата и модернизација на економијата. Тоа, според Уставниот суд, не смее да се прави. Уставните судии пресудија и дека државата не може да резервира итни заеми за подоцнежни години. Сојузната влада го направи тоа во случајот со неколку специјални фондови, вклучително и за сопирачките на цената на енергијата.

Канцеларот Олаф Шолц во Бундестагот
Шолц: Германија се соочува со предизвици кои „нашата република веројатно никогаш досега не ги доживеала во ваква концентрација и сериозност“Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Кочницата на цената на енергијата ќе заврши на почетокот на наредната година

Канцеларот Шолц во денешната владина изјава најави и крај на кочниците на цената на струјата и гасот на почетокот на следната година. Тоа е можно затоа што низ Германија повторно се достапни тарифи за струја и гас кои се под горните граници на ценовните сопирачки, рече тој. Покрај тоа, резервоарите за складирање гас се „толку добро исполнети што не очекуваме ненадејни скокови на цените“. Ценовните сопирачки инаку требаше да важат до крајот на март.

гас
Најавен е крај на кочниците на цената на струјата и гасот на почетокот на следната годинаФотографија: picture alliance / Inderlied/Kirchner-Media

„Државата ќе продолжи да ги исполнува своите задачи“

Во исто време, Шолц на граѓаните им даде уверување дека и покрај буџетската криза, државата и натаму ќе пружа доверливи услуги. Тековните трошоци не се засегнати, рече политичарот од СПД. „Државата ќе продолжи да ги исполнува своите задачи.“ Тој рече дека ова е упатено и до граѓаните, кои се вознемирени од некои нереални предлози и целни лажни вести. „Одлуката на Сојузниот уставен суд не менува ништо во вашето секојдневие овде и денес – без разлика дали добивате детски додаток или студентски заем, пензија или станбен надомест“, уверува канцеларот.

Мерц: Ќе се држиме до кочницата за задолжување

Опозицискиот лидер Фридрих Мерц остро го нападна Олаф Шолц по неговиот говор и рече дека тој нема компетенции да биде канцелар. „Не можете“, рече Мерц обраќајќи му се на Шолц. Чевлите на поранешната канцеларка Меркел, според Мерц, се барем два броја преголеми за Шолц.

Канцеларот дава само технички одговори на високо политички одлуки, оцени Мерци, додавајќи: „Вие сте водоводџија на власта“. Тој исто така јасно стави до знаење дека неговата партија (ЦДУ) сака да се држи до кочницата за задолжување. „За да немате никакви илузии: Ќе се држиме до уставната кочница за задолжување“, рече лидерот на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во Бундестагот.

Фридрих Мерц (ЦДУ)
Фридрих Мерц (ЦДУ) смета дека Шолц нема компетенции да биде канцеларФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Мерц ја предупреди владејачката семафор-коалиција да не се обидува да забие клин во Унијата по прашањето на должничката сопирачка. „Одлуките се носат овде, во германскиот Бундестаг, а не во Градското собрание на Берлин“, рече Мерц, алудирајќи на изјавите на владејачкиот градоначалник на главниот град, Кај Вегнер (ЦДУ), кој ја критикуваше кочницата за задолжување во нејзината сегашна форма, исто како и други покраински шефови на влади од редовите на ЦДУ.