1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканска помама по дронови „Барјактари“

Самир Хусеиновиќ
26 јули 2023

Албанија и Косово веќе ги имаат, Србија подготви пари, а ги сака и БиХ. Во регионот владее помама по турските дронови „Бајрактар“. Зошто се толку барани и дали го менуваат односот на силите во регионот?

https://p.dw.com/p/4UPKC
„Барјактар“ од турскиот производител „Бајкар“
„Барјактар“ од турскиот производител „Бајкар“Фотографија: Petras Malukas/AFP

„Не се срамам да кажам дека сакаме да купиме беспилотни летала 'Барјактар', но ги сака цел свет, па затоа застанавме во ред“, изјави Александар Вучиќ при последната посета на Реџеп Таип Ердоган на Белград.

Српскиот претседател тогаш рече дека државата, доколку е потребно, ќе плати стотици милиони евра за тие летала.

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, моментално е во Турција, но не одговори директно на прашањето на ДВ дали БиХ ќе побара од Анкара Бајрактари ​​ТБ-2.

„Сакаме сѐ што може да придонесе за одбраната на Босна и Херцеговина, а нашиот фокус е на одбранбените системи“, вели Хелез. Тој додава дека секој министер би сакал неговата земја да има најмодерно оружје „вклучувајќи ги и најмодерните дронови“.

Меѓутоа, Бајрактари пред Србија ​и БиХ ​овој мај доби Косово. „Косово сега е уште побезбедно и погордо“, рече косовскиот премиер Албин Курти кога косовските безбедносни сили ги презедоа турските дронови.

Не се знае колку пари одвоиле властите во Приштина за пет беспилотни летала, но еден дрон чини околу три милиони евра, додека цената на контролната станица со која се управуваат шест „Барјактари“ чини од 25 до 35 милиони евра.

Внимателни критики

Уште пред да пристигнат турските дронови на Косово, Вучиќ рече дека тоа ќе влијае на односите меѓу Белград и Анкара, иако Србија „исклучително го почитува Ердоган“.

„Тие не само што немаат право според меѓународното право да вооружуваат некого што не е држава, но гледате колку им е гајле за меѓународното право“, рече Вучиќ. Турција, меѓутоа, го признава Косово како независна држава.

Косовскиот премиер Албин Курти разгледува дрон „Барјактар“
Косовскиот премиер Албин Курти разгледува дрон „Барјактар“Фотографија: Office of the Prime Minister of Kosovo

Со испораката на Бајрактари ​​на Косово, Анкара потврдува дека „цврсто ќе стои зад Приштина“, вели во коментар за ДВ белградскиот воен аналитичар Александар Радиќ. „Тоа е политичка порака дека Косовските безбедносни сили (КБС) имаат сојузник“, вели Радиќ.

Тој забележува дека во составот на КФОР има и баталјон на турската армија и дека наесен турски генерал ќе ја преземе командата на КФОР. „Очигледно е дека силно се подига политичкиот влог на официјална Анкара на Балканот“, вели соговорникот на ДВ.

Трговија без американска согласност?

Според Радиќ, купувањето турски беспилотни летала можело да се направи и без американско одобрение. „Американците не се во позиција да забранат набавка на оружје за КБС, но, преку инструментите на КФОР, можат да контролираат летови, бидејќи секоја активност во воздушниот простор на Косово мора да биде одобрена“, забележува тој.

Според новиот косовски закон, КБС можат да набавуваат „секаква опрема“, но КФОР, придржувајќи се до стариот закон, не дозволува набавка на офанзивни системи.

„Дроновите како ТБ-2 не се препознаваат како офанзивни системи и нема правна пречка за нивна набавка“, вели Радиќ. Имено, беспилотните летала не се воздухопловни орудија како офанзивните авиони или хеликоптери, ниту пак користат класична авиомуниција.

Турско беспилотно летало „Бајрактар“
Купувањето турски беспилотни летала можело да се направи и без американско одобрение, вели РадиќФотографија: Ahmed Deeb/dpa/picture alliance

Панцир-С1 против Барјактар ​​ТБ-2

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ оценува дека КБС се вооружуваат со „моќни системи“ што, како што вели, е кршење на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност и на Кумановскиот договор.

„Освен дронови, добија и хаубици, минофрлачи, противоклопни системи“, предупредува Вучевиќ, истакнувајќи дека оружјето на КБС сѐ уште не може да се спореди со потенцијалот на српските вооружени сили.

Александар Радиќ потврдува дека косовските Бајрактари се „сериозен предизвик“ за српската армија, бидејќи можат да се користат за гранични извидувачки летови од воздушниот простор кој е во надлежност на КФОР.

„Во потенцијално радикално сценарио, има одговор на тој дрон - Панцир С1Е. Војската на Србија има една батерија со шест борбени машини од тој артилериско-ракетен систем за противвоздушна одбрана прилагоден за борба против дронови“, вели Радиќ за ДВ.

Земјите од регионот не го чекаат Западот?

Србија купи од Русија противвоздушни системи Панцир-С1, а руски Панцири во Украина делуваа против Бајрактари. Радиќ вели „ефикасно“, но воениот аналитичар од Сараево, Неџад Ахатовиќ, тврди дека руската армија ги „приземјила“ Бајрактарите пред сѐ со електронско попречување.

„Не верувам дека Руската Федерација во скоро време ќе му ја открие таа технологија кому било“, вели Ахатовиќ.

Дрон „Бајрактар“
Бајрактарите се тактички дронови кои можат да останат во воздух од 26 до 34 часаФотографија: Baykar/AA/picture alliance

Воениот аналитичар од Сараево смета дека со купувањето турски дронови, Косово „доби оружје од стратешко значење за одвраќање на агресија“.

„Тоа е порака дека дури и 'слабите' регионални држави можат да ја зајакнат својата позиција независно од волјата на Западот, што не е нужно насочено против западните интереси“, оценува Ахатовиќ за ДВ. А интересот на Западот на Балканот, потсетува Ахатовиќ, е да го одврати руското влијание.

Помама по турскиот дрон

Многу земји се подготвени да одвојат милиони за да го добијат моментално најбараниот борбен дрон – Бајрактар ​​ТБ-2. Ахатовиќ смета дека турските беспилотни летала им се потребни и на Вооружените сили на БиХ.

„Како и во Косово, тактичките беспилотни летала и во БиХ би биле средство за стратешко одвраќање од различни форми на безбедносни закани, а најдоброто нешто за регионот би било турските Бајрактари да дојдат во Србија и Босна и Херцеговина истовремено“, вели соговорникот на ДВ.

Турскиот дрон стекна слава на сите боишта каде што беше користен. Турците го користеа уште во 2015 година во граничните напади (кон Сирија) против членовите на Курдската работничка партија, која Анкара ја прогласи за „терористичка организација“.

Потоа дејствуваа против терористите на „Исламска држава“, но и против регуларната сириска армија под контрола на Башар ал-Асад. Бајрактарите наводно пред Триполи го победиле самопрогласениот маршал Калифа Хафтар, кој кон освојување на главниот град на Либија тргнал со поддршка на руските платеници од групата Вагнер.

Турција смета на глобалниот пазар и влијание

Бајрактарите се докажаа и во последниот конфликт помеѓу Азербејџан и Ерменија околу Нагорно-Карабах во 2020 година. „Кога Азербејџан го скрши отпорот на Ерменија, тоа го направи со помош на Бајрактарите, кои за 40 дена го постигнаа она за што Азербејџан во изминатите 30 години се бореше на ридовите на планинската енклава“, вели Ахатовиќ.

Бајрактарите се тактички дронови кои можат да останат во воздух од 26 до 34 часа. Тие се придвижуваат со бензински мотори со кои можат да развијат брзина од 220 километри на час и да пренесат до 200 килограми смртоносен товар.

„Нивната предност е прецизноста, смртоносноста, брзиот одговор на потенцијалните закани и, што е најважно, неутрализирањето на непријателската жива сила и материјално-технички средства со минимални сопствени загуби“, вели Ахатовиќ.

Тој забележува дека Турција ги развила своите беспилотни летала дури откако западните сојузници одбија да ѝ испорачаат на Анкара технологија од таа област, вклучувајќи ги и модерните американски беспилотни летала Рејпир.

Турски беспилотни летала купиле најмалку 15 земји, а меѓу нив има и некои членки на НАТО, како Полска, која има 24 такви летала. Минатата година и Албанија купи три турски беспилотни летала.

Најавено е дека во Украина до 2025 година ќе биде изградена фабрика за производство на овие летала.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема