Украина и Русија на пат кон „Армија на дронови"
26 ноември 2022Олександер е украински војник, до скоро и се борел на фронтот. Сега в рака држи управувач и на компјутерскиот екран „лета” преку суви ливади и низ отворени врати на штали. Целта е да го извежба летањето на дрон во борбената зона.
„Се работи за откривање на непријателските позиции и за тоа на артилеријата да ѝ се обезбедат соодветните координати“, вели Олександер. „Порано со двоглед следевме каде паѓаат проектилите, па коригиравме. Сега војната е модерна. Без дронови веќе не можеш да функционираш."
Десетици школи за дронови
Илјадници пилоти на дронови од април годинава се обучени во училиште во Киев и во 16 други ширум земјата. Институциите го носат името што претседателот на Украина, Володимир Зеленски, брзо по почетокот на руската агресија ѝ ја даде на оваа програма – „Армија на дронови”.
Дроновите го шпионираат противникот, ги предупредуваат сопствените сили од заседи, ѝ помагаат на артилеријата или и самите исфрлаат мали експлозиви во противничките ровови.
Дејството е ограничено, но сепак воениот експерт Густав Гресел смета дека „луѓето во рововите не може да развијат никаква рутина, бидејќи постојано се во страв дека може да бидат погодени”. Тој појаснува дека „ова го уништува моралот на војниците“.
Се спрема сопствена продукција
Украина одамна не се потпира само на малите летала од продавница, а голем дел од дроновите се донации или набавени преку краудфаундинг. Па така, уште во рана фаза на војната Украина ги употребуваше турските воени дронови Бајрактар ТБ2. Јужно од Киев наводно треба да се градат сопствени капацитети за производство и одржување на Бајрактар дроновите.
Тие може да носат оружје тежина и до 150 килограми и да бидат опремени со различни типови муниција. Дронот е продажен хит на Турција во повеќе десетици земји - во 2020 стана важно оружје за исходот на судирот меѓу Азербејџан и Ерменија.
Русија набавува од Иран
Секако дека и Русија учествува во трката за опремување со дронови, но заостанува. Па така Москва сега масовно набавува ирански дронови, пред сѐ т.н. „камиказе дронови” од типот Шахед, кои носат релативно мала боева глава и се „забиваат” во претходно програмирани мети. Руската армија неодамна ги користеше за големи напади врз украинската инфраструктура и градови во земјата. Според информации на медиумите, Русија сега планира да напрви производна постројка за Шахед дроновите - наводно веќе е склучен таков договор меѓу Москва и Техеран, пишува весникот „Вашингтон пост”, повикувајќи се на извори од тајните служби.
Израел е меѓу пионерите на ова поле. Во земјата праформата на воен дрон очигледно е развиена уште во 1980 година. Израел и САД сѐ повеќе играат на картата на употреба на овие летала, кои може да бидат лансирани во цели „јата”, а од кои некои се толку мали што влегуваат и во обичен ранец. Некои самите си ја бираат целта, други пак се управуваат далечински.
Нивната предност е едноставното управување
Речиси целиот дијапазон на воени дронови може да се види во војната меѓу Русија и Украина. „Многу дронови се едноставни за управување и во иднина сѐ повеќе ќе стануваат независни од човечкиот фактор. Јасно е дека тие ќе го обележат водењето на војните во иднина", вели Јехор Николајев, директор на школата „Армија на дронови” во Киев.
Во бизнисите на воената индустрија веќе сега играат голема улога. Според проценки на истражувачи на пазарот, приходите од продажба на воени дронови на глобално ниво до крајот на деценијава може да достигнат околу 30 милијарди долари, тројно повеќе од сега.
Производителите и дистрибутерите се глобализираат
Колку во споредба со воени авиони евтините дронови сега се користат и во сиромашни земји, како нови земји дистрибутери прават бизниси и како производителите и дустрибутерите се глобализираат, најдобро покажува страшната граѓанска војна во источноафриканската земја Етиопија. Турскиот дрон Бајрактар ТБ2 ѝ помогна на владата на Етиопија да го прекине напредокот на востаниците од северот во правец на главниот град, но и да погодува цивилни цели на противникот.
Потоа Западот откри дека турските дронови во себе содржат важни составни делови од Канада и Австрија, по што двете земји го забранија нивниот извоз, затоа што Западот не сакаше да биде осомничен дека го овозможува крвопролевањето.
Војската на Етиопија и натаму користи дронови, веројатно од кинеско и иранско производство. Неодамна со дронови се напаѓаа цели во западниот регион Оромија каде што бунтовничката група „Оромо ослободителна армија” се бори против владата. Бунтовниците не можат да ја спречат опасноста што произлегува од воздушни напади против цивилни цели. Тие со свои средства реагираа брутално против високотехнолошкото насилство од воздухот: според сопствени информации, убиле двајца пилоти на дронови во хотелот во кој престојувале во Адис Абеба.