1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путин и Ердоган се победници во Нагорно-Карабах

Роман Гончаренко
11 ноември 2020

Додека Азербејџан слави, во Нагорно-Карабах влегуваат руски тенкови. Јасно е кој е победник во војната во јужен Кавказ. А губитник, покрај Ерменија, е и меѓународната дипломатија, коментира Роман Гончаренко.

https://p.dw.com/p/3l7l8
Reaktionen auf die neu vereinbarte Waffenruhe in Berg-Karabach
Фотографија: Gavriil Grigorov/ITAR-TASS/imago images

Новата војна во Нагорно-Карабах, која започна пред околу месец и половина, е завршена. Но, ноќта во понеделникот кон вторникот ненадејно најавените преговори за прекин на огнот не ги окончуваат само борбите. Сега се менува и статус квото во јужен Кавказ. Спогодбата предвидува Азербејџан во наредните недели да ја обнови контролата над големи делови на својата бивша, мнозински населена со Ерменци и речиси 30 години отцепена провинција Нагорно-Карабах, како и во блиските окрузи.

Азербејџанскиот претседател се покажа како победник. Но, победници се и Турција, која го поддржува Баку, а пред сѐ Русија, која сега стационира свои мировни трупи во Нагорно-Карабах. Двете сили изградија свое влијание во регионот. 

Пропаднато мировно решение

Губитници се Ерменија и меѓународно непризнатата Република Нагорно-Карабах, поддржувана од Ерменија. Но, не само тие. Губитник е првенствено дипломатијата. Речиси три децении под покровителство на Организацијата за европска безбедност и соработка, ОБСЕ, се бара решение. Без успех. Конфликтот околу Нагорно-Карабах од 1994 година е само замрзнат.

Повеќе на темата:

Соништата на Ердоган за суперсила Турција водат во ќорсокак

Нагорно Карабах: Живот во воена состојба

Нагорно Карабах: Има ли војна која не е поради пари?

Кој што сака во Нагорно-Карабах?

Тоа всушност би можело да се посматра и како успех, но „Групата од Минск", предводена од Русија, САД и Франција, а која беше одговорна за преговорите, се покажуваше сѐ понемоќна. Одбивани беа безбројни предлози за примирје, како од страна на Азербејџан, така и од страна на Ерменија. И тоа сѐ до моментот кога Баку се почувствува доволно силен да издејствува „воено решение", како што тоа го формулираше Алиев. Така, Алиев сега триумфира, а од мировното решение за замрзнатиот конфликт, пропагирано од Западот, останаа само рушевини.

Goncharenko Roman Kommentarbild App PROVISORISCH
Роман Гончаренко, автор на коментарот

Кога на крајот на септември повторно изби војна во Нагорно-Карабах, ОБСЕ рутински се ограничи на повиcи за прекин на насилството. Но, дипломатијата која се води без волја, може само да загуби. По недели жестоки борби, Азербејџан создаде нова реалност. Сега е постигнат пробив и без ОБСЕ. Затоа се поставува прашање дали во тој контекст „Групата од Минск" е воопшто потребна. Тие структури веќе немаат што да кажат во Нагорно-Карабах. Можно е сега да бидат покренати нови формати, во кои ќе учествува и Турција.

Западот повторно му допушта на Путин да прави што сака

А Русија? Претседателот Владимир Путин покажа уште еднаш дека својата војска може и сака да ја употребува како политички инструмент. Па дури и кога демонстративно се држи на страна и ги пушта другите да дејствуваат – во овој случај Илхам Алиев. Ерменија додуша е во воен сојуз со Русија, но од Кремљ со недели беше ладно соопштувано дека Москва ќе се вмеша во конфликтот само ако во војната биде нападната ерменска територија.

Кремљ интервенираше дури кога од руски агол условите беа поволни. На Путин му беше важно да ослаби ерменскиот премиер Никол Пашињан. Патот на Пашињан до власт водеше преку улична револуција, која Москва ја прифати со тешко срце. Од друга страна, Русија виде добра прилика, покрај воените бази во Ерменија, конечно да стационира свои воени трупи и во регионот Нагорно-Карабах. Ерменија со години беше против руски мировни трупи, но мораше да се согласи поради заканувачкиот пораз во Нагорно-Карабах. Западот на овој начин повторно му го препушти полето на Путин, исто како и во Грузија, Украина и Сирија.