1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Бахмут: Украина јавува за големи загуби на двете страни

ЖА / агенции
13 март 2023

На фронтот во Бахмут се водат жестоки борби, според Киев загубите и кај бранителите и кај напаѓачите се големи. Британското Министерство за одбрана проценува дополнителна заслабнатост на платеничката група Вагнер.

https://p.dw.com/p/4Obat
 Бахмут, Украина, војна
Битка за Бахмут, УкраинаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Украинците јавуваат за тешки загуби на двете страни во борбите во Бахмут. Командантот на украинските копнени трупи, Олександр Сирскји на Телеграм соопшти за големи загуби во војници и материјал во обидот да се одбие руската офанзива во источниот украински град.

И Русија исто така е соочена со значителни загуби, тврди Киев. Во својата видео порака украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека за помалку од една седмица, само во Бахмут се убиени 1100 непријателски војници, а 1500 руски војници се здобиле со толку тешки рани, што веќе не можат да бидат ангажирани.

Тешко е да се изврши независна проверка на информациите од воената област, но и самиот Евгениј Пригожин, шеф на платеничката воена група Вагнер, зборува за многу тешка ситуација во Бахмут.

Колку повеќе неговите борци се приближуваат кон центарот на градот, толку се засилува интензитетот на борбите, вели тој. 

Битката за Бахмут - најдолгата битка во војната

Градот е завојуван од летото и претставува главен дел од украинската одбранбена линија во Доњецката област. Доколку Русија успее да го освои Бахмут, би го отворила патот за пробив на нејзините трупи кон градовите Славјанск и Краматорск. Тоа е причината, како што истакнува украинскиот министер за надворешни работи, што Бахмут уште се брани, без оглед на големите загуби. Колку подолго Украинците ќе бидат во можност тоа да го прават, толку поголема е можноста истата судбина да не ја доживеат и други украински градови, истакнува министерот.

Реката Бахмутка, која поминува низ градскиот центар, сега ја претставува линијата на фронтот, се вели во извештај на британското Министерство за одбрана од саботата. Украинската армија ги уништи мостовите и дејствува од западниот дел на градот од „смртоносна зона“ од 200 до 800 метри по должина на реката, што е исклучителен  предизвик за силите на Вагнер,  во нивниот обид да го продолжат нивниот фронтален напад кон Запад.

Платениците од Вагнер се столбот на руските напади во Бахмут. Нивниот шеф Пригожин во неколку наврати јавно го критикува Кремљ, барајќи меѓу другото дотур на муниција.

Британското Министерство за одбрана поаѓа од претпоставката за натамошно заслабување на трупите на Вагнер.

Москва во меѓувреме му ја одзела можноста на Пригожин да регрутира нови платеници во руските затвори, се вели во билтенот на тајната служба на Велика Британија, кој се објавува секој ден. Половината од ангажираните затвореници се онеспособени во жестоките борби, а регрутирачката кампања спроведувана низ целата земја не може да ги пополни загубите. „Ако забраната продолжи, Пригожин веројатно ќе биде принуден на редуцирање на опсегот или интензитетот на акциите на Вагнер во Украина“, смета британската тајна служба.

Но, и украинската страна бара дотур на оружје во борбата во Бахмут. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на викендот се обрати директно до Германија со молба за доставување муниција. Кулеба за „Билд ам зонтаг“ изјави дека муницијата е проблем број еден во борбата против рускиот окупатор.

„Германија навистина би можела да помогне со испраќање повеќе муниција, посебно артилериска“, рече Кулеба.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема