Бахмут: Како ќе заврши битката за опколениот град?
3 март 2023И за украинските и за руските вооружени сили, Бахмут е од големо стратешко значење, вели Марина Мирон, научен соработник во Центарот за воена етика на Кралскиот колеџ во Лондон. Заземањето на градот би значело дополнително напредување на руските трупи - можеби во правец на Краматорск. „Тие тогаш ќе контролираат важни патишта, ќе ги отсечат украинските сили и ќе им ја отежнат одбраната“, вели таа. Дополнително, тоа би го ослабнало моралот на украинските војници и исто така би предизвикало сомневање во способностите на украинските вооружени сили кај западните партнери.
На тоа укажува и германскиот полковник во пензија Ралф Тиле, поранешен вработен во приватната канцеларија на врховниот командант на НАТО. „И украинската страна во основа е принудена - вклучително и од нејзините западни партнери - да постигне успех. На некој начин, во јавноста мора постојано да се објаснува зошто ѝ се дава голема поддршка на Украина“, нагласува воениот експерт.
Тиле го нагласува и психолошкиот фактор поврзан со одбраната на Бахмут. „Луѓето мора на некој начин да бидат мотивирани за да истраат. Се разбира, тоа испраќа сигнал и низ цела Украина - за цивилното население, но и за војниците на други места“, вели воениот експерт, додавајќи дека големиот напор што двете страни го вложиле за освојување или одбрана на градот не е оправдан.
Мајк Мартин, истражувач на Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека Русија е толку упорна во обидот да го заземе Бахмут бидејќи тоа е во согласност со воената цел на Путин за „ослободување на Донбас“. „Ако погледнете како одат патиштата и железничката мрежа, има два поголеми града западно од Бахмут кои сѐ уште се во Донбас, имено Славјанск и Краматорск. За да ги освои нив, што му е потребно за остварување на неговата стратешка цел, тој мора прво да го заземе Бахмут“, вели експертот.
Кој има поголеми шанси во битката?
Шансите на Украинците во борбата за Бахмут, според Ралф Тиле, се мали. Според него, руската војска речиси го опколила градот. „Постои мала лента, широка четири километри, која сè уште е слободно достапна за бегство, засилување или залихи. Но, четири километри не се ништо, а Русите лежат околу како потковица и се обидуваат да ги свиткаат заедно краевите на оваа потковица“, објаснува Тиле.
Покрај тоа, додава тој, Русите се супериорни во однос на Украинците во битката за Бахмут. „Ако ја погледнете целокупната ситуација, можете да видите повеќе предности на руската страна, како оклопни возила, тенкови, артилерија или авиони“, вели експертот. Украинците, од друга страна, ќе треба да чекаат да пристигне западната воена помош.
Што се однесува до оваа помош, Тиле не е голем оптимист: „Кога ќе видите дека цела Европа произведува помалку муниција за Украина за еден месец отколку што Русите пукаат за еден ден, тогаш можете да видите колку ќе биде тешко со поддршката. Темата тенкови е исто така исклучително тешка. Во јавната дискусија луѓето секогаш велеа: тенкови да, но тенковите мора да стигнат таму некако. Тие треба да се возат, но многу мостови не можат да ја издржат тежината. Значи, тешко е да стигнат дотаму. Ако некој тенк се расипе или му е потребна поправка, тоа не може да се прави на лице место, туку ќе мора да се вози повторно 900 километри назад, во Полска или Словачка.“
Можности за украинска офанзива
Маркус Рајснер, полковник на австриските вооружени сили, за натамошниот тек на војната вели: „Доколку Русите бидат успешни во Бахмут, би било можно да заземат парче земја, но тоа не би било пробив во длабочината на областа, бидејќи таму следи следната линија на одбрана“. По успесите во близина на Харков и во близина на Херсон, Украина реши релативно брзо да започне трета офанзива - од Запорожје кон Мелитопол. Сепак, поради притисокот под кој се наоѓаат украинските вооружени сили во околината на Бахмут, Киев е принуден да префрла сили таму, вели експертот.
Според него, украинската армија сега подготвува осум бригади кои бараат соодветно место за офанзива. Тоа би можело да биде областа северно од Мелитопол. Доколку бидат успешни, руските сили на Крим и во регионот Запорожје и во близината на Херсон потоа би можеле да бидат отсечени од снабдувањето преку мостот на Крим. „Тогаш Русите би имале сосема поинакви грижи отколку да продолжат со нападите во Донбас, односно ќе треба да се грижат за снабдување на делови од своите трупи во оваа област“, вели Рајснер.
Но, времето за украинска контраофанзива сè уште не е дојдено, вели експертот за Русија и за одбрана Густав Гресел од Европскиот совет за надворешни односи. „Ако се сака да се започне контраофанзива, треба настрана од фронтот и борбите да се организираат и да се здружат ресурси за пробив. Тоа би било ризично во оваа фаза. Дури и ако Украина ги пробие руските линии и ја прошири својата контрола, Русите сè уште би имале силни резерви и голем број трупи за битка“, објаснува Гресел. Русите би можеле да ги нападнат Украинците од различни страни во исто време.
„Ако се почека неколку месеци додека не се исцрпи офанзивниот потенцијал на Русија и таа почне да ги троши своите резерви за да ја турка сегашната офанзива, тогаш украинските сили ќе имаат повеќе простор за проширување на својата контрола откако ќе го пробијат рускиот фронт. Така со исти загуби и број на распоредени возила би се ослободила поголема територија“, вели Гресел.
Прекин на огнот е можен веќе годинава?
„Сите имаат интерес оваа војна да заврши сега, и се разбира, страните сега вршат притисок врз нив, првенствено на украинската страна, а сега можеби и на руската страна преку Индија и Кина“, вели Ралф Тиле. Сепак, изјавата „да се победи Русија“ тој ја смета само за „јазична флоскула“. Затоа што Русија сè уште има голем потенцијал за ескалација - не само со нуклеарно оружје. „Тука е суперсоничното оружје, кое воопшто не го восприемаме, но кое на Путин му овозможува да постави бомба на секоја работна маса во светот без ние да можеме да се одбраниме од тоа“, предупредува Тиле.
Според него, задача на Западот сега е да спречи ескалација: „Сега треба да видиме како можеме да го убедиме да попушти, а тоа главно го прават оние кои го поддржуваат. Тоа би биле Кина или Индија , Саудиска Арабија, Бразил и Јужноафриканската Република. Тоа е голема група и таа навистина може да изврши притисок врз Русија“. А за Украина, според Тиле, секој воен успех би помогнал да се зајакне нејзината позиција пред прекин на огнот.
Мајк Мартин во врска со натамошниот тек на војната вели дека недостатокот на војници веројатно нема да биде причина Украина да престане да се спротивставува: „Мислам дека за Украинците крајна точка за оваа војна ќе биде кога или ќе победат или кога Западот ќе престане да ги снабдува со оружје“.