Воено секојдневие: Како издржуваат луѓето во Бахмут
28 јануари 2023На улиците во Бахмут нема луѓе. Проектили летаат на неколку минути и експлодираат некаде во близина. Западниот дел од градот речиси е непрепознатлив, сѐ е во урнатини. Зградите станаа планини од цигли со остатоци од крововите на врвот.
Во дворовите и на улиците има превртени и изгорени автомобили. Излозите и продавниците се искршени, а скршените врати се отвораат и затвораат на ветрот. Остатоци од билборди и оштетни семафори висат преку улиците и тротоарите. Висококатниците се полни со дупки.
Репортерката на ДВ го следи автомобилот на Јевгени Ткачев, волонтер од организацијата „Пролиска“ која на жителите им обезбедува храна и средства за хигиена.
„Хуманитарна помош“
„Секако дека е опасно, но што да се прави? На луѓето им е потребна помош, бидејќи тука продавниците веќе не работат и немаат сите пари“, вели Јевгениј додека излегува од автомобилот.
Тој запре во дворот опкружен со неколку стамбени згради. Многу прозорци се без стакло. Еден човек се обидува да го покрие прозорот со фолија. Експлозии се слушаат многу блиску, а човекот веднаш се крие. А, потоа неколку секунди подоцна повторно работи на својот прозорец.
„Хуманитарна помош! Хуманитарна помош!“, вика Јевгениј и се обидува да го привлече вниманието на себе. Некои жители приоѓаат. Сите имаат лични карти, бидејќи кога ќе добијат помош мораат да пополнат и потпишат формулар со лични податоци.
Одеднаш пролетува нешто ниско, свири гласно над крововите и експлодира во близина. Но, луѓето веќе не се ни наведуваат, продолжуваат да го пополнуваат формуларот. Само еден човек се чуди, вели дека тоа е некој нов вид бучава. „Навикнавме на многу различни звуци и експлозии“, додава Нина.
Линијата на фронтот е сѐ поблиску до градот. Во Бахмут веќе неколку месеци нема ни струја, ни вода, ни гас. Луѓето главно користат свеќи, така ги чуваат батериите на телефоните и џебни светилки.
Нина вели дека во нејзиниот крај постојат и генератори. Стотина жители ги добиле од украинската војска и од доброволци. Ги вклучуваат само ако треба да се наполнат многу телефони или машини за перење облека.
„За да заштедат бензин, луѓето облеката главно ја перат на рака, како што го правеле тоа нашите баби“, вели Нина. „За генераторот е потребен бензин, а го има само на пумпите. Тука нема пумпи, па до Константиновка или Часив треба да се оди со автомобил кој исто троши бензин. Затоа штедиме.“
Жителите на Бахмут вода добиваат или од украинската војска или од помагачи. Често самите бараат бунари во дворовите на приватните куќи и оттаму носат вода.
Храна готват на улица, на скара или во печки. Мажите цепат дрва пред куќите. Еден од нив, Димитро (35), носи дрва во станот каде што лежи еден болен член од неговото семејство. „Во станот имаме печка на дрва. На неа може да се стави тенџере или тавче и така готвиме.“ Од дворот се гледа дека од повеќе прозорци се гледаат цевки од кои се крева чад.
Поради болните или постарите луѓе кои не можат или не сакаат да бидат евакуирани, во Бахмут остануваат цели семејства, вклучувајќи и деца. Така е и со мажот кој со 14-годишната ќерка приоѓа до автомобилот на Јевгениј. Девојчето избегнува контакт со новинарите и го крие лицето. „Нашата многу болна баба не можеме да ја оставиме сама во Бахмут“, вели таткото. Девојчето е единственото дете кое може да се види тука. Речиси сите деца од Бахмут се евакуирани летото и во септември минатата година.
Живот во подрум
Жителите на тој дел на Бахмут уште пролетта темелно ги исчистиле подрумите, додека линијата на фронтот се приближуваше кон градот. Таму го беа сместиле мебелот што сами го направиле. Од таму речиси и да нема никаква комуникација.
Нина покажува еден таков „бункер“ и вели: „Но овој подрум не може да не спаси од сериозна ракета“. Заедно со неа, Ирина и Микола, одиме низ мрачен ходник.
Батериските ламби ги вклучуваат дури во својата „соба“. Бетонски ѕидови, полици со чај и гриз и шест уредно наместени кревети. Топло е, во аголот има шпорет. На него врие вода и жените набрзо нудат чај.
Во подрумот нема вентилација, па луѓето често одат до влезната врата за да дишат свеж воздух. Велат дека најмногу спијат во подрумот, бидејќи гранатирањето продолжува и ноќе. Преку ден тие се во своите станови. Ноќе се обидуваат да користат што помалку свеќи. Тие се согласуваат дека ова се прилично опасни услови за живот, но истовремено нагласуваат дека не се подготвени да се „предадат или евакуираат“.
„Жителите на Бахмут одамна знаат што значи војна и гранатирање“, вели Микита. „Мештаните не се премногу шокирани од оваа војна“.
Момчето потсетува дека уште пред почетокот на руската инвазија на 24 февруари минатата година, односно уште од 2014 година, кога почнаа воените дејствија во Донбас, „нешто постојано го погодуваше градот“. Микита вели дека не може да ги напушти родителите. Тие одбиле да се евакуираат, бидејќи се премногу приврзани за својата куќа. Тој може само да се надева дека „армијата на Украина ќе го истера непријателот од градот“.
Нина вели дека нејзините ќерки побегнале „во Европа“. Но, таа со сопругот засегга сака да остане во Бахмут. „Ќе останам овде додека е тука украинската војска“.
И Нина и Микита се согласуваат дека цивилите треба да бидат евакуирани доколку ситуацијата се влоши. Не треба да ѝ се стои на патот на украинската армија, доколку непријателот се крие зад станбените згради.