1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апокалиптични сцени по пожарите во Пехчево

ДТЗ
12 август 2024

Во големиот пожар во Пехчевско изгоре единственото возило на Доброволното противпожарно друштво Пехчево. Хеликоптери ќе помагаат во гаснење на огнот

https://p.dw.com/p/4jMu9
пожари
Апокалиптични сцени по пожарите - изгоре и единственото противпожарно возило во ПехчевоФотографија: Petr Stojanovski

Жителите на Пехчево се на нозе по големиот шумски пожар кој предизвика пустош. Во гаснењето на огнот ќе помагаат два полициски хеликоптери, а општинските власти побараа помош и од доброволци за справување со огнената стихија. Во гаснење на пожарот ќе учествуваат и пожарникари од околните градови, Национални шуми и Дирекцијата за заштита и спасување.  

„Помалиот хеликоптер ќе полни вода од специјално за таа намена наместен базен на стадионот во Пехчево, а големиот МИ 171 со ведро од 2,5 тона ќе полни од 25 тонски базен со вида на приватна фирма која стопанисува со плантажа со лешници. Од земја ќе гаснат пожарникари од Берово, Виница, Кочани, Кавадарци како и вработени од Национални шуми и тим од Дирекцијата за заштита и спасување“, информираше првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов по седницата на Кризниот штаб. 

Апокалиптични слики 

На социјалните мрежи се споделуваат апокалиптични слики за пустошот кој го оставија пламените јазици зад себе. 

Во големиот пожар во Пехчевско изгоре единственото возило на Доброволното противпожарни друштво Пехчево.  

„За жал ни се случи голема катастрофа. Зафатено од пламените јазици ни изгоре единственото противпожарно возило на ДПД – Пехчево, за среќа колегите пожарникари се здрави и живи. Еве ја вистинската слика за тоа што оставаат пламените јазици онаму каде ќе поминат. Ова е видео од противпожарното возило со кое денеска храбрите пожарникари се обиделе да му се спротивстават на новиот пожар над Пехчево. Среќа во несреќа е тоа што нема човечки жртви и учесниците во гаснењето поминале со помали изгореници“, објави заменик директорот на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов.

По пожарот кој во неделата (11.08) повторно избувна во Пехчево, градоначалникот Александар Китански апелираше сите доброволци да се вклучат во гаснењето. Најстрого се забранува самоиницијативно одење да се гаси пожарот.

Огнената стихија избувна кај месноста Јудови Ливади. Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 45 пожари на отворен простор, од кои активни се 10 пожари. Три се ставени под контрола, а 32 се изгаснати.

Едни се гаснат - други избувнуваат 

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека од овие десет активни пожари, осум се многу сериозни и дека некои се повлекуваат со денови. 

„Пожарот во Јасен не можеме да го ставиме под контрола, се уште се движи низ ловиштето, додека вториот крак се движи во насока на селото Белица иако силно се обидуваме да го стопираме пред самото село. Вториот пожар над Пехчево создаде голема паника кај граѓаните. За жал, таму изгоре и еден џип на локалната самоуправа. Тежок пожар за гаснење. Во овој момент сме многу слаби со воздухоплови и ќе треба повторно да се потпреме на правење на противпожарни пресеки. Во секој случај нас силен фокус ќе ни биде заштита на населените места околу овој пожар, конкретно селото Буковиќ и месноста наречена Ееленско платно“, вели Ангелов. 

Тежок пожар има и на територијата на Ресен, кој се спушта кон Стење, на тешко пристапен терен и постои опасност да влезе во шума. Се дејствува со доброволци од Црвениот крст од Планинската спасителска служба, помогнати со лица од Националниот парк Галичица. Активен пожар им и во Општина Новаци којшто зафаќа голема површина. Гори ниска вегетација. На територија на Кичево има два тешки пожари. Околку селата Преше и Папрадишта, Општина Чашка, гори мешана шума, ниска вегетација и трева. Осмиот пожар е на територијата на Македонски Брод кај селата Грешница и Слатина.