ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност, СДСМ бара оставка од Мизрахи
27 ноември 2023Членовите на Анкетната комисија за Онкологија не можат да се усогласат за заклучоците од досегашната работа за утврдување на политичка одговорност околу случувањата на Клиниката за онкологија и наводите за можна злоупотреба на терапијата со цитостатици. Претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја лоцира политичката одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче и кај поранешните директори на Клиниката за онкологија. Пратениците од СДСМ, пак, побараа оставка од Мизрахи и обвинија за „класична политичка злоупотреба од страна на ВМРО-ДПМНЕ“.
Несогласување околу заклучоците
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи на седницата во понеделникот (27.11) соопшти дека заради прекршување на уставни начела, непостапување согласно надлежностите кои се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи, политичка одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија е утврдено кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директор на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, ексдиректорката Ирина Сотирова-Бухова, како и поранешните директори на ФЗО, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
Мизрахи, објаснувајќи ги заклучоците, потенцираше дека клучниот документ кој ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година, кој уште во текот на изготвувањето им бил претставен на раководните лица во Министерството за здравство, како и директорите во ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија.
Комисијата треба да заврши со работа на 3 декември, откако им беше продолжен мандатот на нивно барање за уште 30 дена.
Барање за оставка
По претставувањето на овие заклучоци од Мизрахи, реагираа пратениците од СДСМ, кои побараа оставка од претседателката на Анкетната комисија. Тие сметаат дека Мизрахи направила преседан и ги прочитала заклучоците и покрај тоа што тие не биле гласани на седница на Комисијата.
„Сакајќи да ги претстави своите или заклучоците добиени од „Белата палата“ како заклучоци на Комисијата, направи преседан и ги прочита и покрај тоа што баравме реплика. Згора на тоа, ја зема улогата на обвинител и судија. Уште не изрече пресуда. Ќе видиме кој колку години треба да лежи. Тоа е спротивно на Деловникот за работа, тоа е злоупотреба на функцијата од страна на претседателката на Анкетната Комисијата и бараме нејзина оставка, изјави пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ. Партијата има 13 свои забелешки во однос на Клиниката за онкологија.
Според Коциќ, иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за правење на Анкетна комисија е само политизирање на случајот и собирање политички поени без никаква грижа за пациентите и за она што во иднина треба да се случи и на тоа што во минатото се случувало години наназад.