1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
3 јануари 2024

Предлагам пржинската влада која ќе биде формирана на крајот на овој месец, сложно, за добро на иднината на државата и на граѓаните, да предложи закон за мораториум на вработувања во јавниот сектор. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4aokB
Северна Македонија Скопје
Етничкиот аспект секогаш е премногу важен пред избориФотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

Индустријата на игри на среќа, преку нивното здружение, со задоволство нѐ информираше дека придонесува со 4% во македонскиот БДП. Ако нашиот БДП во 2022 година бил над 13 милијарди евра, ова значи дека за една година сме потрошиле над 520 милиони евра на коцкање. За илустрација, во истата таа 2022 година, на целото градежништво во Македонија отпаѓа 5,7% од БДП. За 2023 година ќе видиме, но не очекувам коцкарските навики да се зауздале. Сѐ на сѐ, газдите кои функционираат во оваа индустрија веројатно задоволно тријат раце, но за мене звучи поразително дека во земја во која велиме дека едвај се врзува крај со крај, граѓаните, на коцкање, изгубиле неверојатни над 520 милиони евра само за една година. Една стара досетка вели: „Кога не врви економијата, комар му е мајката“. Но, за ова во друга пригода.

Оваа тема заслужува посебна колумна, но јас сепак решив повеќе да се задржам на вечната тема - пренатрупаната администрација. Ме поттикнаа огласите со кои се бараше да се пријават само лица од албанска националност, кои огласи, намерно, беа објавени на крајот на годината. Велам беа намерно објавени пред Нова година, од причина што очигледно е дека владиниот ПР имал намера да ја искористи новогодишната еуфорија за да си ја затскрие намерата, надевајќи се дека по новогодишните празници ова повеќе нема да биде тема и дека ќе може без поголеми проблеми да се реализира овој предизборен потфат. Ова беше искористено за предизборно препукување и ставање на целата оваа скандалозна ситуација во (меѓу)етнички контекст.

Етничкиот аспект секогаш е премногу важен пред избори и служи како алатка за мотивација на гласачите да гласаат за или против некоја опција. Сепак, еден аспект е дали во Берово или Паланка ќе се вработи Албанец, но друг, прилично важен аспект е што пренатрупаната администрација полека станува неподнослив баласт на македонската економија.

Активното население во Македонија во 2020 година изнесувало 950.858 лица, од кои вработени 794.909 и невработени 155.949 лица, соопшти Државниот завод за статистика некаде кон крајот на првиот квартал во 2021 година. Од овие 794.909 вработени, нешто над 603 илјади биле вработени во приватниот сектор, а над 191 илјада биле вработени во во т.н. друга сопственост (мешана, задружна, државна). Ако земеме дека релативно е мал бројот на оние кои работат во задружна сопственост, јасно е дека над 90% од овие скоро 200 илјади лица работеле во јавниот сектор.

Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Поттикнат од овие партиски вработувања на етничка основа, ѕирнав во статистиките за 2022 и 2023 година. Се запрепастив. Според статистиките за 2022 година, во Македонија има 100.000 вработени помалку од 2020 година. Што се случило? Каде се овие луѓе? Помислив, мора сериозно да се зголемил бројот на пензионери, бидејќи евидентно е дека ни старее нацијата, но констатирав дека за овој период бројот на пензионери се зголемил за околу 14.000. Ова значи недостасуваат околу 86 илјади работоспособни граѓани, кои како да исчезнале за само една година. Во 2020 година скоро 800.000 вработени плаќале придонеси за пензиско осигурување од кои се исплаќале пензиите на 254 илјади пензионери, додека во 2022 година, 690 илјади вработени придонесувале за пензија да земат 268 илјади пензионери. Бројот на вработени во апсолутни бројки се намалува драстично, а бројот на пензионери „стабилно“ расте. За проблемот да биде уште поголем, вработените во приватниот сектор во 2020 година преставувале 76% од вкупниот број на вработени, додека во 2022 преставувале 74,5%.

Ова значи дека иако апсолутната бројка на вработени во јавниот сектор номинално опаѓа, сепак, во сооднос со вработените во приватниот сектор, расте процентот на оние кои се вработени во јавниот сектор. Ова е тотална катастрофа. Ако продолжи овој тренд на намалување на работоспособното население (во најголема мера како резултат на белата чума и иселувањето) и зголемувањето на бројот на вработените во јавниот сектор, многу брзо ќе пропаднеме како држава. Кога бројот на пензионери и вработени во јавниот сектор ќе го надмине бројот на вработените во приватниот сектор, ќе започне последната фаза на уништување на македонската држава. Најпрво платите во администрацијата и пензиите ќе се исплаќаат со задолжување на државата со кредити, за потоа, кога ќе станеме и презадолжени, да почне масовно отпуштање и сериозно намалување на платите во јавниот сектор, но и на пензиите. Ако првичниот негативен ефект, кој и денес веќе се чувствува, е дека нема кој да работи, односно нема доволно работници, за некое време ќе биде нема кој да троши, што ќе доведе до отпуштања не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Е тоа е проблемот со тој еден Албанец што треба да се вработи во Берово. Не е проблем што е Албанец, туку што веројатно ќе биде она прво минијатурно парче од домино ефектот кое на крај може да ја сруши државата.

За да се избегне ова мрачно сценарио, предлагам пржинската влада која ќе биде формирана на крајот на овој месец, сложно, за добро на иднината на државата и на своите граѓани, да предложи закон за мораториум на вработувања во јавниот сектор, со цел намалување на вработените во јавната администрација (државна и општинска) за најмалку 1,5% годишно. Ова ќе овозможи во наредните 15 години администрацијата да се намали за околу 30 илјади вработени. За илустрација, доколку имаме 30.000 административци помалку на општински или државен буџет, секоја година ќе имаме над 300 милиони евра повеќе за капитални инвестиции.

Затоа овие огласи треба да се стопираат веднаш, не за да не се вработи Албанецот, затоа што е Албанец, во етнички македонското Берово, туку да не се вработи за да може тој да се вработи во приватниот сектор и наместо да троши, да создава доход и плаќа данок од кој ќе можат да земаат, пензија пензионерите и плата оние кои веќе работат во јавниот сектор.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема