Неверојатна информација прочитав пред некој ден. Македонија во последните 5 години се задолжила речиси 5 милијарди евра! Станав, погледнав низ прозор, ништо ново. Се по старо, што би рекле. Нема нов аеродром, нов стадион, нов театар, нема нова болница, нема нов клинички центар, нема нов автопат. Универзална сала уште скапува, онака заградена за бескрајно долго реновирање. Нема нов базен, нема нова спортска сала, нема нови амбулантни возила, нема нова хидроцентрала, нов објект на некоја институција, ниту пак ново спомен обележје, нема нова жичара. Нема нов универзитет или нова зграда на ФИНКИ, нема нови лаборатории за факултетите, ниту повеќе пари за наука. Нема евтини кредити или помош за македонските компании. Има епидемија на корупција, има некакви социјални трансфери, некаква најавена еднократна помош за пензионери и студенти, и покачување на платите на непотребно робусната администрација во износ кој не ги покрива растечките трошоци на живот и стапката на инфлација која го јаде стандардот. Има неверојатни речиси 5 милијарди евра потрошени пари од кредити за само 5 години! Разбирам дека дел од парите се потрошени за отплата на стари долгови, но сепак да потрошиш 5 милијарди евра пари од заеми за само 5 години и ништо капитално да не направиш е фискално злосторство.
Ова очигледно лошо управување нè поттикнува да размислиме за вознемирувачкото прашање: каде исчезнаа милијардите?
Враќање на туѓите долгови
Аналогијата на разгалено богато дете кое го расфрла родителското богатство на екстравагантен начин на живот наоѓа одек во македонското финансиско сценарио. Очигледното отсуство на големи инфраструктурни проекти - без разлика дали се автопатишта, болници, аеродроми, паркови, базени или фудбалски стадиони - ги остава даночните обврзници разочарани, слично на разочараните родители кои се сведоци дека нивното потомство го троши богатството на луксузирање, наместо инвестиции кои ветуваат просперитетна иднина.
Прашањето се протега надвор од непосредното разочарување на даночните обврзници и ја нагласува ерозијата на довербата во управувањето со јавните ресурси. Власта на која и е доверена благосостојбата на своите граѓани мора да биде одговорна за разумното искористување на позајмените средства. Отсуството на капитални проекти само ја засилува перцепцијата за неодговорност, придонесувајќи за растечко разочарување кај граѓаните кои го носат товарот на враќање на туѓите долгови.
Замислете да имаше барем еден паметен и да речеше, ајде барем дел од овие 5 милијарди евра да искористиме за нешто капитално и да се изградеше грандиозниот проект Вардарска долина! Според некои пресметки реализацијата на овој проект во Македонија чини од 2,5-3 милијарди евра. Ние би имале огромен бенефит од овој проект. Вардар ќе стане пловен и ќе се овозможи изградба на 12 нови хидроцентрали кои ќе може да произведат до 1.400 гигават часови електрична енергија годишно.
Со овие „испарени“ 5 милијарди во последните 5 години, Вардар можеше да биде пловен за бродови до Велес, а Велес да станеше регионален логистички хаб, мал Солун на Балканот. Но, за жал, Вардар остана пловен само за стари пластични шишиња и многу ѓубре.
Арчење на ништо
Повторно ќе потсетам на ставот на Ото Фон Бизмарк, кој кажал - Кој ја контролира долината на реката Вардар, тој господари со Балканот. Ние парите ги имавме за да господариме со Балканот и да излеземе од ова мочуриште во кое живуркаме и од македончиња, потчинети кон сите, да станеме горди, богати Македонци, ама решивме парите да ги поарчиме на едно големо ништо.
И после другите не газеле, не мразеле, не уценувале. Не, ние сме си сопствениот најголем непријател. Расипикуќи, кои отмено пропаѓаат среде епидемија. А, епидемија на секој чекор, епидемија на корупција, епидемија на неодговорност, епидемија на неспособност, епидемија на расипништво...
Буџетскиот дефицит обично се финансира со задолжување. Од последните податоци кои ги прочитав за буџетот за 2024 година, наредна година ќе се задолжиме уште 578 милиони евра за покривање на буџетскиот дефицит за 2024 година и дополнителни 730 милиони евра за отплата на стари долгови, односно нови 1.3 милијарди евра.
Како заклучок, Македонија се наоѓа на крстопат, каде што ефемерната привлечност на моменталното задоволување се заканува трајно да ја порази неопходноста од мудро инвестирање. Аналогијата на разгалено дете кое се расфрла со родителското богатство служи како потсетник дека богатството, без разлика дали е стекнато, наследено или позајмено, бара одговорно трошење. Судбината на нацијата не лежи во минливите задоволства на сегашноста, ниту во популистичко поткупување за мир во куќа и „помош“ за избори, туку во трајното наследство создадено преку мудри капитални инвестиции и визионерско лидерство.
Американците се чудат дека потрошиле 500 милиони долари во периодот од нашата независност до денес, како инвестиција за нашето правосудство, а ефектот од тоа е епидемија од корупција. А тие не знаат дека ние трошиме по околу една милијарда евра годишно, онака, за едно големо ништо.
Поразено, би заклучил дека кај нас владее епидемија на расипништво.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.