Антикризни мерки за купи ден продај до избори
29 ноември 2023Повеќе критики, помалку фалби. Вака накусо можат да се сумираат реакциите за владиниот пакет мерки кој треба да им помогне на граѓаните и фирмите да ја пребродат кризата. Деветти по ред, тежок 662 милиони евра, кој носи по нешто за секого. Најмногу за пензионерите, учениците, ранливите категории, но и за земјоделците, административците, компаниите. Од Владата велат дека пакетот мерки бил внимателно подготвуван:
„Пакетот се однесува на таргетирани мерки, за поддршка на граѓаните и домаќинствата на ранливите категории, на стопанството, јавниот сектор и системските мерки за кои со законски решенија се одредени категории кои за време на криза ќе бидат најмногу погодени“, изјави синоќа во телевизиско интервју министерот за финансии Фатмир Бесими.
Примената на антикризниот пакет кој содржи 26 различни мерки ќе стартува во петок, први декември и ќе трае во период од пет, односно најмногу седум месеци. Широкиот опфат кој го предвидува антикризниот пакет мерки според експертската јавност е очекуван во услови на криза, посебно делот кој е фокусиран на најранливите категории граѓани. Но од аспект на тајмингот за дел од нив е проблематичен:
„Како и сите антикризни мерки и оваа е програмирана за најранливи категории граѓани и е за поздравување затоа што колку толку во одредени ситуации ќе може да им се помогне на граѓаните кои се поранливи. Но мора и да се признае дека антикризните мерки на прв впечаток, особено во делот на пензионерите и другите категории граѓани, имаат изборна компонента. Добро е и треба да се помогне, но тајмингот е чуден“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Абил Бауш.
Првичната анализа на понудените мерки според професорот Бауш отвора и повеќе други дилеми. Една од нив е во делот на опфатноста на категориите на граѓани кои добиваат помош која само краткорочно го гаси оганот и не нуди продуктивен развој:
„Знаете, има малку проблем кога ќе земете на пример студенти на кои им давате субвенции за транспорт, а од друга страна не им давате поддршка која ќе влијае на подобрување на нивната продуктивност. На пример за сместување, книги, доедукација и слично, што има развојна компонента. Од друга страна пак кај пензионерите со помали примања, во одредена ситуација тие ќе можат да се заштитат, но што ќе биде понатаму ќе треба да видиме“, смета Бауш.
Дополнително вели тој и опфатот, или неопфатот на мерки кои би требало да донесат развој за економијата. Од понуденото во пакетот, тој не гледа причина за оптимизам, оти главно што се нуди како поддршка вели тој се проекти поврзани со ИПАРД и ИПА фондови од ЕУ кои и досега се покажале како проблематични за реализирање:
„Мерките кои се поврзани со овие проекти ги имавме и претходно но тие никогаш не беа искористени пред се заради нефлексибилноста на администрацијата. Тука е проблемот. Кризи ќе има секогаш, државата ќе треба секогаш да се грижи за најранливите граѓани, но кога ќе го очекуваме тој развој, таа развојна компонента која би ја дале владите. Ние треба да имаме среднорочна и долгорочна стратешка политика за раст и развој. Вака ништо не правиме, само тапкаме во место. Добро е во секој момент да се помагаат ранливите категории, да се штитат, но треба да има чисти и јасни програми. За дошколување, доквалификација, за пензискиот фонд да се стабилизира, исто така и фондот за здравство, а не само да се исцицува пари од буџетот“, укажува Бауш.
(Не) задоволни синдикати
Антикризниот пакет мерки според Владата носи поддршка и за работниците. За оние во администрацијата предвидени се повисоки плати согласно Општиот колективен договор, за дел пак можност за зголемување на платите преку субвенционирање на придонесите. Ова сепак не ги прави среќни синдикатите кои уште поодамна бараа да се интервенира со конкретни мерки:
„Овие антикризни мерки за граѓаните во овие тешки времиња се добредојдени и ќе помогнат, но прашање е колку, оти Владата и досега со претходните мерки не се снајде баш најдобро. Клучната замерка е зошто се чекаше до сега, кога се знае дека уште летоска баравме итно да се донесат мерки. Вака сега повеќе личи на популизам, се договорија дека ќе има избори и дури тогаш ги донесоа мерките. Се плашам дека ако немаше договор за изборите се уште ќе се тактизираше“, реагира во изјава за Дојче веле Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.
Дополнителен проблем според него е „солирањето“ на власта која воопшто не ги консултирала синдикатите при креирањето на мерките:
„Зошто никој не не повика како синдикати на разговори за да дадеме и ние некакви предлози. Сигурно дека ќе излезевме со нешто што е подобро и поконструктивно. Порано тоа беше пракса, да станеше збор за ова барем на седница на Економско социјалниот совет. Не знам дали имало и консултации со коморите. Но очигледно дека решиле самите тоа да го направат. Со позајмени пари кои ги даваат како милостина и велат еве ви и гласајте не пак. Секоја помош е добредојдена, но вака, повеќе личи на гол популизам пред избори“, реагира Ристески.
Бизнисот критикува за несолидарност
Малку причини за задоволство имаат и стопанствениците за чија поддршка и потреби Владата потенцира дека обезбедила поволни извори за кредитирање за повеќе намени, главно во делот на енергетската транзиција и инвестиции во обновливи извори на енергија. Целиот пакет кој предвидува и пристап до поволни кредити изнесува околу 490 милиони евра. Сепак она што боде очи кај стопанствениците е што за компаниите нема директна поддршка:
„Бизнисот е опфатен според сите можни критериуми да си обезбеди самиот пари. Тоа е заклучокот. Очекувавме да бидеме на исто ниво со граѓаните но ете фокусот се само тие. Овозможено е полесно да се задолжуваат компаниите без да се покаже солидарност во заедничкото растење и намалување на трошоците. Веројатно владата смета дека поголемиот дел од компаниите се во можност понатаму сами да функционираат во услови на криза и затоа фокусот се сите категории граѓани во општеството. Односно сите оние поволности се за полесно задолжување на бизнисот, наместо полесно да биде поттикнат, без разлика дали станува збор за за зелена транзиција, дигитализација“, изјави за Дојче веле Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација.
Дали Владата се обидува предизборно да купи социјален мир кај граѓаните според Бошков е оправдана дилема, иако тој самиот се воздржува од вакви квалификации. Но она што е клучно според него е власта конечно да почне реални активности за поддршка на граѓаните и стопанството низ целиот нејзин мандат, а не вака периодично:
„Во историјата на предизборието секогаш се вложувале напори за потребите, симпатиите и гласовите на таргетираните. И навистина веќе очекуваме низ реални активности во текот на целиот мандат да бидат опфатени граѓаните и бизнис заедницата. Но еве, повторно во предизборието, ако може така да се каже, иако политички не би коментирал состојби, меѓутоа ете станува збор за политики, а ова се дел од политиките кои директно влијаат на задоволството, перцепцијата, иднината кај граѓаните. Нормално дека и ние како бизнис заедница во предизборието ќе испорачаме сет на барања за следната Влада да излезе во пресрет имајќи предвид дека е многу поважно да имаме сигурна правна регулатива, сигурно предвидливо креирање на даночната политика и сигурно и предвидливо обезбедување на ресурси и работна сила“, коментира Бошков.
Од каде пари за мерките?
Непредвидливоста во даночната политика е еден од изворите преку кои Владата обезбедува пари за да ги финансира мерките. Станува збор за средствата кои се наплатија од „Солидарниот данок“ кој го крена на нозе бизнисот но попусто, оти власта не попушти. Од Владата велат дека парите за антикризните мерки се обезбедени. Дел од тековниот, а поголем дел од буџетот за наредната година. Дел од експертите предупредуваат дека овој план не е доволно јасен и прецизиран, пред се во буџетот за 2023 година, што отвора дилеми:
„Мене ме загрижува каде се тие средства во буџетот за 2023. Дополнително, што не направивме ребаланс на буџетот кога се зголемуваа платите во јавниот сектор. Значи овие средства се некаде каде ние не ги гледаме. Ова е чудна ситуација затоа што буџетот е правна категорија и закон и сите ставки се со закон. Не дека тие пари ги нема, но треба да знаеме јасно од каде ќе се земат. Дали од некоја капитална инвестиција која за жал нема да се направи во одреден момент, што исто така дополнително загрижува. Тоа се дилемите“, укажува професорот Бауш.
Со антикризниот пакет мерки се опфаќаат 120.000 млади лица, основци, средношколци и студенти. Повеќе од 300.000 пензионери, 74.000 социјално ранливи категории граѓани и над 100.000 вработени во администрацијата.
Меѓу другото, со новиот пакет опфатени се и земјоделците за кои е предвидена авансна исплата на субвенции преку програмата ИПАРД. Се планира да продолжи и програмата за енергетска сиромаштија која опфаќа над 5000 семејства, а продолжува и мерката за субвенционирање на струјата и цената на топлинската енергија.