1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата се разгорува - се подготвуваат нови антикризни мерки

ДТЗ
3 јуни 2022

Државата не може во недоглед да ги субвенционира сите. Потребни се таргетирани мерки за најпогодените од ценовниот шок, вели професорот Марјан Петрески.

https://p.dw.com/p/4CBkH
Mazedonien Land und Leute neu
Фотографија: Petr Stojanovski

По истекот на времените антикризни мерки кои требаше да ги ублажат последиците од економската криза, силен бран на поскапувања ги опфати не само основните продукти, туку и горивото, акцизите и ДДВ-то. Цените секојдневно раснат, а граѓаните највеќе стравуваат од сметките за струјата, кои веќе од 1 јули се најавува дека ќе бидат драстично повисоки. 

Владата најавува нов сет мерки во висина од 76 милиони евра кои ќе бидат донесени со новиот ребаланс на Буџетот, а ќе бидат насочени кон ранливите категории граѓани и стопанството. Опозицијата бара итно усвојување на предлог-закон со кој прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината. Ценовниот шок кој сега се случува, според нив е само распламтување на веќе постоечкиот ценовен шок. Тие дополнително бараат ДДВ за течните горива да биде пет отсто до крајот на оваа година со што Владата итно ќе влијае директно на пад на цените на горивата. Во пресрет на ребалансот на буџетот, бизнисот бара да се крати кај трошоците за јавната администрација, а не од капиталните инвестиции. 

Какви мерки треба да се преземат? 

Професорот Марјан Петрески за ДВ вели дека мерките кои сега треба да се преземат треба да бидат насочени кон групите граѓани и компании на кои им се најпотребни, односно оние кои се со ниски приходи и кои се најпогодени од ценовниот шок.

„Повисоките цени на храната и енергијата ги погодуваат сите, меѓутоа повисоко доходовните домаќинства и компаниите каде што електричната енергија е со низок до умерен удел во вкупните трошоци, ќе мора да го сносат товарот самите, од проста причина што ова се глобални тектонски промени, пазарите ја бараат новата рамнотежа, а нашиот фискален простор е многу тенок“, укажува Петрески. 

Според него, со ребалансот се предвидува буџетскиот дефицит да порасне на 5.3%, потребата од ново задолжување се проценува на нови 900 милиони евра. „Тоа се цифри со кои треба да се управува со голема внимателност, па очекувањата не може да одат во насока дека државата ќе субвенционира се' и секого во недогледно време. Неопходни се стриктно таргетирани мерки“, вели професорот Петрески за ДВ. 

Праведна распределба на средствата 

Според најавите на Владата, мерките коишто ќе следат се согласно последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. „Овој пристап има за цел да се заштитат оние на кои поддршката им е најпотребна и да се обезбеди праведна распределба на средствата. Освен тоа, една од целите е да се задржи патот на постепена фискална консолидација – што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на економијата воопшто“, велат од Владата.  

Министерството за финансии (МФ) најавува дека новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. „Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците, како и средства за покачување на пензиите и зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход“, велат од МФ и најавуваат дека веднаш по усвојувањето на ребалансот, во најкраток рок ќе започне имплементација на новите антикризни мерки. „Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра и еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот“, соопштија од Министерството за финансии. 

Во изминатиот период беа преземени мерки за субвенционирање на производството на електрична енергија беше намалено ДДВ-то од 5 на 0 проценти на основните прехранбени продукти, како и ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти. Ваквите мерки беа на сила три месеци и завршија на 31 мај годинава. Основните прехранбени продукти – лебот, млекото, јајцата, брашното тип 400, шеќерот и маслото за јадење веќе неколку дена се продаваат со пет отсто ДДВ, со што скокнаа цените на речиси сите производи. Горивата веќе два дена по ред имаат нови повисоки цени.  

„Една минимална плата не е доволна ниту за основно преживување. Состојбите се повеќе од алармантни, а државата влегува во колективна сиромаштија“, вели Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, „10 килограми зеленчук, еден пакет масло за јадење, еден резервоар со бензин, пакет млеко, 30 леба и 5 килограми овошје е еднакво на една минимална месечна плата“. 

„Потребно е итно делување и активизам. Потребно е веднаш владата да донесе мерки за стопирање на двоцифрената инфлација. Ако Владата не преземе мерки следува живот на рати, сиромаштија и глад. Доколку не се преземат итни мерки се заканува ценовен колапс“, велат од опозициската партија.  

Да се крати од администрацијата, а не од инвестициите 

Сојузот на стопански комори (ССК) апелира да се активираат државните резерви за полесно пребродување на ценовните шокови, итно да се елиминираат комплицираните бирократски процедури за инсталирање обновливи извори на енергија кои траат по 60 до 90 дена и да се зголеми домашното производство на основните земјоделски култури. „Бараме решителна реакција, сега и веднаш. Ако сакаме да се заштитиме од ценовни шокови, треба да одиме во еден правец – домашно производство и на енергенти и на прехранбени производи. На тој начин шоковите би биле помали и ситуацијата би се држела некако под контрола“, вели претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.

Претставници на стопанските комори во изјава за МИА предлагаат со ребалансот на буџетот да се крати од администрацијата, но не и од капиталните инвестиции. Тие укажуваат дека предвидените 76 милиони евра во ребалансот на Буџетот наменети за граѓаните и стопанството, не се доволни.

-повеќе на темата: Инфлација во Европа- цените растат без контрола од Варшава до Истанбул

Според Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), не може да се надмине кризата ако фалат капитални инвестиции кои треба да ја заживуваат економијата, ниту може да се надмине кризата без адекватни фискални и даночни политики и олеснувања, без соодветно да се помогне бизнисот како најголем работодавач во земјата, а притоа има преоптоварена јавна администрација која троши многу и е непродуктивна. Сојузот на стопански комори (ССК) оценува дека наместо капиталните инвестиции кои се кратат за 100.000 милиони евра, треба да се оди кон намалување на трошоците во јавната администрација.

Стопанската комора на Северна Македонија, пак, во ребалансот не гледа ништо друго, освен намалување на непродуктивните трошоци, задржување на економската активност и на работните места. Сепак, порачува дека Владата треба максимално одговорно да се однесува и да им помогне на компаниите.