Проекции: Населението старее, државата забрзано се празни
15 декември 2023Најголемата закана за иднината на Северна Македонија е демографијата - населението забрзано старее и државата забрзано се празни. Проценките се дека бројот на население во земјата во наредните години може да се намали и за 35 проценти. Проекциите на Државниот завод за статистика укажуваат дека до 2070 година може да дојде до енормно намалување на населението на 1.3 милиони лица. Миграцијата останува најсериозен и најзагрижувачки проблем. Намалувањето на населението се должи повеќе на иселување, отколку на ниската стапка на наталитет.
Соочување со стравовите
„Врз основа на пописот, ДЗС ги изготви проекциите според кои населението би се намалило за 35 проценти. Пописот во 2021 година не соочи со нашите најголеми стравови, за тоа колку всушност малку нѐ има во земјата“, вели претседателот Стево Пендаровски.
Тој на денешната (15.12) презентација на проекциите на населението до 2070 година, рече дека земјата веќе ги „достигна демографските проекции на ОН кои ги предвидуваа за 2030 година“.
Светскиот извештај за миграции за 2020 година ја вброи Македонија меѓу 20-те држави со највисока стапка на иселување. Според предвидувањата на експертите, се очекува оваа тенденција да продолжи.
„Со намалувањето на работоспособното население се зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Во болниците сѐ помалку здравствени работници ќе треба да се грижат за што повеќе пациенти. Ќе се намалува бројот на деца во градинките, сѐ помалку ученици и студенти ќе има во има во училиштата и на факултетите.Понудата на пазарот на труд ќе се намалува, а економијата ќе стагнира. Освен ако не успееме навреме да ги сопреме овие трендови“, вели Пендаровски.
Според многумина, најголема причина за иселувањето е корупцијата. Сѐ повеќе луѓе се иселуваат не поради ниската плата, туку поради квалитетот на животот. „Целта на проекциите не е да не турне во апатија, туку да нѐ освести“, вели Пендаровски.
Според него, треба да се создаде општество во кое младите ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. „Ако демографијата е судбина од нас зависи дали ќе биде светла или црна“, порача претседателот.
Младите со билет во еден правец
Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета е најзагрижувачки тоа што земјата ја напуштаат пред сѐ младите луѓе. За 20 години од земјата емигрирале околу 200 илјади граѓани, или 9 отсто. Во 2002 година вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години изнесувал над 480 илјади, или 24 отсто од вкупното население.
На последниот попис бројката е 362 илјади, или 18 отсто од вкупниот број на население. За 20 години бројката на оваа возрасна категорија е намалена за над 150 илјади, односно за една третина.
„Проекциите укажуваат дека трендот ќе продолжи, а миграцијата ќе биде присутна и по влезот во Европската Унија, како што е случај и кај сите останати земји. Треба да сме реални, сите да понесеме одговорност за тоа што донело за оваа состојба и за носење храбри одлуки во иднина“, вели Битиќи.
Седум проекции
Сите седум проекции за населението во Северна Македонија до 2070 година упатуваат на намалување на вкупното население во земјата. Набљудувано по проекциски варијанти, населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).
Доколку ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година, вкупното население до 2070 ќе се намали на 1,3 милиони жители. Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, посочи дека проекциите на населението претставува моделирање на демографската иднина, базирано на претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитет и миграции во дефинираните период.
Актуелната старосна структура, ниските репродуктивни норми на населението, старосниот модел на морталитетот и општествено-економските прилики кои поттикнувачки делуваат на иселувањето од земјата, се само некои од поважните чинители кои одлучувачки ќе дејствуваат на демографскиот развој во наредниот половина век.
Забрзувањето и успешното спроведување на економските и општествените реформи, како и завршувањето на процесот на европска интеграција, со преземање на долгорочни секторски политики, би можеле значително да ги ублажат последиците од неповолните трендови во иднина, што би овозможило, евентуално до средината на 21 век, да се создадат услови за демографско опоравување на земјата.