1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За едно работно место по 70 кандидати во образовната сфера

ДТЗ
22 септември 2023

На земјата не ѝ недостигаат високообразовни кадри, со исклучок во информатичката сфера, се наведува во анализата на Фајнанс тинк.

https://p.dw.com/p/4WgwI
работници
Има голем недостиг на општи работници во Северна МакедонијаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Хиперпродукција на кадри во образовната сфера и огромен недостиг на кадар во угостителството и општи работници, покажува анализата „Предуслови за мобилност на работната сила при регионална економска интеграција: Предности и недостатоци од македонска перспектива“, што ја публикуваше „Фајнанс тинк“.

На земјата не ѝ недостигаат високообразовни кадри, туку напротив - на пазарот на труд постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациски дејности. Наплив на кадри има во образовните (педагошките) занимања, каде на едно слободно работно место има до 71 невработено лице. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и основните работници.

Целта на оваа студија е да се процени потенцијалот за мобилност на работната сила при подлабока регионална економска интеграција, преку квантитативна анализа на јазовите во занимањата и платите, од перспектива на Северна Македонија. Главниот наод од студијата е дека подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд во Западниот Балкан носи предности, но и закани. 

Мобилност 

Во анализата се посочува дека речиси 60 отсто од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование. Оттука се наведува дека подлабоката регионална интеграција на пазарот на труд може да поттикне мобилност која ќе го зголеми достапниот сет вештини на пазарот, а за лицата во суфицитарните занимања со повисоки вештини ќе понуди повеќе можности за вработување и заработка.

информатичар
На земјата не ѝ недостигаат високообразовни кадри, со исклучок во информатичката сфераФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Dovarganes

Разлики во плати 

Резултатите од анализата се фокусираат и на разликите во платите меѓу Северна Македонија и Србија, со оглед дека повисоките плати се една од главните причини за мобилност на трудот. Пресметките покажуваат дека во соседна Србија премијата за плата во однос на Северна Македонија е многу мала, речиси незначителна и оттука нема да предизвика значајна мобилност на македонските работници.

„Сепак, за секторите кои се од сезонска природа и имаат циклична потреба од работници, може да се појават значајни разлики во платите. Со оглед дека занимањата со пониски вештини се истовремено и дефицитарни на македонскиот пазар на труд, подлабоката регионална интеграција може да доведе до продлабочување на недостигот од вакви работници“, наведуваат од Фајнанс тинк. 

Иселување 

Тие сметаат дека иако регионалната економска интеграција има свои предности во поглед на мобилноста на работната сила, поважно е да се направат структурни реформи во домашната економија, со цел намалување на разликите во понудата и побарувачката на работна сила и задоволување на потребите на пазарот на труд, пред сѐ со домашни работници. Затоа се препорачува приспособување на политиките на пазарот на труд за да се спречи зголемувањето на работниците во суфицитарните занимања и креирање образовни политики со цел насочување на работници во дефицитарните занимања.

Слободното движење на работниците е една од клучните слободи на регионалната економска интеграција која ја зголемува мобилноста на работната сила регионално и/или на меѓународно ниво, во потрага по пристап до пазарот на трудот во земјата на иселување. Според последните податоци, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема