1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Етнички огласи за вработување: Соживотот го загрози животот

29 декември 2023

Кога имате неписмени партиски шерифи на места каде се кројат политиките на државата, на шалтери каде државата дава услуги на граѓаните, доаѓа до целосен колапс на системот.

https://p.dw.com/p/4agZ6
Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје: Бурни реакции во јавноста вчера предизвика огласот со кој се бараат лекари, од албанска националност, за вработување на Клиниката за гинекологија и акушерство
Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје: Бурни реакции во јавноста вчера предизвика огласот со кој се бараат лекари, од албанска националност, за вработување на Клиниката за гинекологија и акушерствоФотографија: DW/P. Stojanovski

Македонци не смеат да се пријават на оглас за лекари во една од скопските клиники – се појави наслов на еден од порталите во Македонија. Насловот е со подбуцнувачка реторика, и треба да прати порака дека етничките Македонци во својата држава се дискриминирани. Нивната дискриминација се случува за да се отстрани децениска дискриминација на други етнички заедници која стана актуелна по конфликтот во 2001 година.

Една друга вест вчера (28.12.2023) исто така укажа на дискриминација на етнички Македонци при изборот на судии за Апелацискиот суд. Таму елиминацијата се случува при гласање според бадентеровиот принцип кој беше воведен токму за да се заштити друга етничка заедница од дискриминација.

Кој е оштетен а кој е заштитен тука? Одговорот е едноставен: Оштетени се сите граѓани на оваа држава, бидејќи од квалитетот на лекарите и на судиите зависи нивниот живот. Кога е во прашање здравството од способноста на лекарите зависи и секојдневното живеење на граѓаните од сите етнички заедници. Исто така и судството, бидејќи остварувањето на правото на правда е елементарен услов за цивилизиран живот. Убаво е кога ќе појдете на суд да знаете дека судијата е со беспрекорно морално, етичко и правно досие, не си поправал сам на себе оценки или пак станал судија со лажни сертификати за познавање странски јазик и со прием на Академијата за судии и обвинители без запазување на законскиот рок за полагање на правосуден испит. А уште подобро ќе се чувствувате како граѓанин на оваа земја ако знаете дека криминалот и корупцијата го гонат обвинители кои не се дојдени на функцијата според етнички клуч туку според нивното знаење и способност да ги извршуваат задачите на оваа исклучително деликатна и тешка професија.

Тоа би била една идеална средина за живеење без чувство дека некој е фаворизиран за сметка на друг кој е можеби поквалитетен и со поголемо знаење. Етничките квоти се изум на Балканот, но се чини дека не ги дадоа резултатите. Наместо постепено вклучување на кадрите од помалите заедници, според квалитет и знаење, во Македонија се случи цунами од договорени вработувања на кадри кои не ги поседуваат потребните квалификации и знаења за да ги извршуваат задачите кои ги бара работата. За тоа не се виновни самите етнички квоти туку и политичките кои се невидливи и кои диригираат при составувањето на листите за кандидати за испразнетите позиции. Така се случува многу поспособен кандидат од истата етничка заедница на која според клуч и припаѓа местото да биде отфрлен за да влезе кандидатот со политичка поддршка.

Киднапирани квоти за вработување

Така се случи наездата на неквалификувани и некомпетентни личности на позиции кои го одредуваат степенот на цивилизациското ниво во државата. Затоа што ако имате неписмени партиски шерифи и на работни места каде се кројат политиките на државата, на шалтери каде државата дава сервисни услуги на граѓаните, или на места каде што директно се обезбедува благосостојбата на луѓето, доаѓа до целосен колапс  на системот. Каков што имаме сега со „киднапираните“ квоти за вработување.

Сепак, квотите не се перфектни, но честопати се неопходно средство за општествата да ги поправат недостатоците на демократските процеси, особено во етнички или културно плуралистичките земји. Македонија тргна по тој пат надевајќи се дека ќе ги намали внатрешните конфликти и меѓуетничка нетрпеливост. Самите Македонци како мнозинска заедница ја прифатија таа неопходност сонувајќи за мир и напредок од кој ќе имаат бенефит сите заедници. Но она на што никој не се надеваше беа заткулисните игри на политиката кои израснаа во монструозни „картели“ за етнички вработувања доведувајќи го во прашање целиот државен систем. И наметнувајќи ја дилемата дали после сите одрекувања, менувања на закони, на Уставот, се доведовме во ситуација соживотот да му штети на животот во Македонија. Бидејќи ако отидете на лекар кој се вработил по етнички клуч а вратата му ја отклучила политичката партија а не неговите квалификации кои треба да поминат и низ компетитивна процедура, си го ризикувате здравјето и животот.

Од друга страна, не сум сигурна дека доколку огласот на Клиниката за гинекологија не ги имаше назнаките на кои етнички заедници се однесува, ќе победеше кандидат Ром, Албанец или Турчин. Предрасудите кон кадрите кои доаѓаат од немнозинската заедница сѐ уште се големи особено кога во средината каде треба да се вработат доминираат етнички Македонци. Тоа ја врти државата во круг бидејќи е последица на долгогодишните етнички квоти кои предизвикаа фрустрации кај македонската етничка заедница дека се дискриминирани во сопствената држава.

Едно општество за сите или само за некои?

Македонија се определи да гради мултиетничко и мултиконфесионално општество, кое според слоганот на изборите на кои дојдоа социјалдемократите на власт беше рекламирано и како „едно општество за сите“. Притоа дојде и до кршење на одредени политички табуа па СДСМ за да ја покаже својата волја за воспоставување на таквиот концепт го постави Мухамед Зеќири за потпретседател на партијата. По неговата смена на сцената стапи Фатмир Битиќи кој ја продолжува мисијата да биде лицето на слоганот „едно општество за сите“. Оваа благородна идеја е во ред, но изместувањето на тежиштето кое требаше да води кон нејзино исполнување, ја направи за подбив бидејќи во тоа општество наеднаш снема место за политички неподобните а криминалот стана лозинка за обивање на сефот каде се чуваат драгоценостите кои водат кон просперитет на државите: чесност, професионалност и интегритет во извршувањето на работните задачи.

Самиот Фатмир Битиќи во една прилика ќе каже дека вработувањето по етнички клуч не може да одговара на една модерна економија. На општество какво што е македонското му треба подолго време да ја апсорбира, процесира и искористи оваа изјава за да ги подобри процедурите при селекцијата на кадри со основна функција тие да ни служат нам а не ние како граѓани да им служиме ним како систем за задоволување на лични и партиски интереси. Светот наголемо се подготвува за дочек на вештачката интелигенција, а веќе се појавуваат коментари и дека треба да се подготви за одбрана од овој најнов крик на супермодерната технологија. Но за тоа треба во некои земји да се даде простор на природната интелигенција да го подготви општеството за големите чекори кои следат на полето на науката. Кога се размислува во тој правец квотите стануваат пречка наместо придобивка. Ние погрешно мислиме дека новата 2024 ќе биде година на политички пресврт во Македонија. Со пресвртот одамна диктираат научните достигнувања кои тука се со децении во втор план за сметка на ситни меѓуетнички калкулации колку да се преживее секоја година.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар