1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален светГлобално

20 години Фејсбук- надеж, подбуцнување, трговија со податоци

Матијас фон Хајн
3 февруари 2024

Со Фејсбук пред две децении започна подемот на социјалните медиуми. Почетниот ентузијазам му отстапи место на отрезнувањето. А критиките за практиките на концерните растат.

https://p.dw.com/p/4bxoc
Symbolbild Facebook Social Media Fake News
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Фејсбук полни 20 години. Тоа е најголемата социјална мрежа во светот. Повеќе од три милијарди луѓе се активни на својот Фејсбук-профил барем еднаш месечно - повеќе од секој трет човек на земјата. Успешна приказна. Но, славеничкото расположение на основачот на Фејсбук, Марк Закерберг е поматено. Само неколку дена пред 20-годишнината, Закерберг беше соочен со остри критики на сослушувањето во американскиот Сенат. „Имате крв на Вашите раце“, му довикна републиканскиот сенатор Линдзи Греам на Закерберг. „Имате производ кој убива луѓе.“ 

Предмет на сослушувањето: Несоодветната заштита на децата и младите на големите интернет платформи. „Вашите одлуки за дизајн, вашиот неуспех да инвестирате колку што е потребно во довербата и безбедноста, вашата постојана потрага по врзување со платформата и нејзин профит наместо по основна безбедност, ги изложија на ризик нашите деца и внуци“, рече демократот Дик Дарбин, лидер на мнозинството во Сенатот на САД. 

За опасностите од социјалните мрежи во меѓувреме се дискутира нашироко. Во САД ги прават соодговорни за кризата на менталното здравје кај младите.

Германскиот психолог и истражувач на ризик Герд Гигеренцер во интервју за ДВ набројува некои од штетните ефекти на социјалните мрежи. Не е само тоа што на сè повеќе луѓе им е сè потешко да се концентрираат. „Некои студии покажуваат дека се зголемени и несигурноста, недостатокот на самодоверба, депресијата и размислувањата за самоубиство“, забележува Гигеренцер.

Кон тие знаци во САД би можела, на пример, да се вброи зголемена стапка на самоубиства кај лицата на возраст меѓу 10 и 25 години. Таа во деценијата помеѓу 2011 и 2021 година се зголеми за 60 проценти.

Почеток полн со надеж

Притоа, Фејсбук започна толку безопасно. Во раните денови на дигиталната револуција, кога интернетот ветуваше транспарентност и учество. Додека традиционалните медиуми функционираа според моделот „еден комуницира со многумина“, оваа нова комуникација на „сите со сите“ изгледаше како да ќе донесе повеќе слобода, учество и демократија. Фејсбук беше популарна социјална мрежа, каде што брзо може да се најдат истомисленици, да се споделат фотографии од одморот и да се остане во тек со она што го прават пријателите. „На почетокот, Фејсбук имаше прилично несебична слика за себе: тие се надеваа дека поврзувањето на луѓето ќе го направи светот подобро место“, се сеќава на почетоците на Фејсбук берлинскиот медиумски истражувач Мартин Емер. 

Вмрежување со далекусежни последици. На пример, пресвртите за време на Арапската пролет во 2011 година, со кои на почетокот се врзуваа големи надежи. Тие понекогаш беа нарекувани „Фејсбук револуции“ поради улогата на мрежата во организирање на демонстрациите и отпорот.

Фејсбук, особено во тандем со брзиот развој на смартфоните, понуди задоволување на највисокот технолошко ниво на една прастара човечка потреба: „Луѓето се општествени суштества“, објаснува Емер. „И овие платформи постигнаа нешто што не можеше ниеден друг медиум досега: ни овозможуваат да се поврземе со други луѓе на многу различни нивоа, да се вмрежуваме според различни типови на пријатели, да учествуваме во животите на другите“.

Корисниците плаќаат двапати

Сепак, обезбедувањето мрежна инфраструктура има цена: корисниците плаќаат двапати - со своите податоци и со своето внимание. Вниманието е дефицитарна стока. Огласувачите со задоволство трошат пари за тоа. Особено кога пораките може да се достават многу конкретно до потенцијалните клиенти благодарение на прецизните профили на личноста. Затоа, операторите на платформата собираат што е можно повеќе податоци од своите корисници и секој „лајк“ обезбедува нови податоци. Со детално познавање на интересите, на она што им се допаѓа и не им се допаѓа на корисниците, нивниот профил потоа се преплавува со содржина што ги држи на платформата што е можно подолго.

Долго време, влијанието на ваквите содржини врз поединците и општеството беше ирелевантно за операторите на платформата. Растечката поларизација на општеството, зголемената брутализација на политичките дискусии, ширењето на теории на заговор - сето ова се доведува во врска со „Фејсбук енд компани“. 

Лажни лекари на социјалните мрежи

Со својата комуникациска моќ, социјалните мрежи можат да се злоупотребат и за политички цели. Во 2016 година се појавија обвинувања дека Русија го користела Фејсбук за да влијае на исходот на претседателските избори. Две години подоцна, Фејсбук беше вклучен во скандалот со Кембриџ Аналитика: компанијата ги проценувала податоците од околу 50 милиони профили на Фејсбук, во најголем дел без знаење на нејзините корисници. Сето тоа со цел да се ​​влијае на однесувањето на гласачите преку исклучително индивидуално приспособени пораки. И на изборите во 2020 година во САД групите на Фејсбук - „Стоп за кражбата“ одиграа улога со наголемо ширената легенда на Доналд Трамп за украдени избори.

САД Вашингтон | Поддржувачи на Трамп пред Капитол
Поддржувачи на Трамп пред Капитол во Вашингтон - исто така мобилизирани преку социјалните медиумиФотографија: JT/STAR MAX/IPx/picture alliance

Политиката реагира

Во меѓувреме, политиката се разбуди и се обидува да се израмни во трката со технолошките гиганти. Во 2022 година, Европската унија го донесе Законот за дигитални услуги. Со него би требало побрзо да се отстрануваат нелегалните содржини, како што е говорот на омраза. Во исто време, основните права на корисниците треба да бидат подобро заштитени - вклучително и слободата на говорот.

Покрај тоа, истражувачите конечно треба да имаат пристап до податоците на интернет гигантите. Берлинскиот истражувач на мрежите, Филип Лоренц-Шпрен е задоволен: „Нешто се случува во насока на транспарентност, тоа дека всушност можеме малку да ја отвориме оваа црна кутија и да видиме како функционира оваа машина“.

Како и да функционира, тоа е многу профитабилно. Матичната компанија на Фејсбук, Мета, која ги вклучува и Инстаграм и Ватсап, заработила толку многу пари од рекламирање во последниот квартал од 2023 година што Мета одлучи да им исплати дивиденда на своите акционери - за првпат на 20-тата годишнина од своето основање. Барем кај нив можеби ќе има славеничко расположение.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема