Фотографии од деца на интернет - (често) потценета опасност
3 јуни 2023Раѓањето на детето, првата насмевка, првите чекорчиња - ваквите развојни етапи во животот на децата ги прават родителите пресреќни. Често таквите моменти се фотографираат и споделуваат со роднини и пријатели. Тоа за другите понекогаш знаело да биде и здодевно, но сѐ додека се работеше за разгледување албуми, никогаш не било поврзано со проблеми.
Со појавата на социјалните мрежи детските фотографии сѐ почесто се објавуваат на интернет и тоа може да има и несакани последици.
1.300 фотографии уште пред 13-тиот роденден
„Во основа се работи за добивање признание во форма на лајкови или срца”, вели Софи Поле, референт за медиумска писменост при Германската служба за помош на деца во Берлин. Се објавуваат и првите фотографии од ултразвукот, слики од плажа, родендени или прослави за првиот училишен ден. „Во принцип не постои нешто што не се покажува”, вели Поле. Некогаш мали деца се користат за рекламни цели и инфлуенсери со нив рекламираат козметички производи или алишта. Притоа секој човек ги има правата врз сопствениот (фото) приказ. Тоа во посебна мера важи за деца.
Ан Лонгфилд, во минатото ангажирана како специјален пратеник за правата на децата во Англија, уште во 2018 година предупредувала дека од секое дете кружат просечно 1.300 фотографии на интернет уште пред да наполни 13 години. За таквиот феномен дури има и посебна кованица „Sharenting" („Шерентинг”) составена од англиските зборови за споделува и родител, или во превод „родители што споделуваат”.
Објави со последици
На интернет никогаш ништо не е избришано. Оваа често споменувана реченица и де факто може да стане проблем, како на пример кога самите деца се несреќни поради фотографиите. „Тоа што за родителите е слатко, за детето знае да биде исклучително срамно”, објаснува референтката Поле. „Кога нешто такво јавно циркулира, може да биде основа за мобинг, навреди или коментари со омраза”, вели Поле.
„И подоцна, кога лицето конкурира за некоја работна позиција, а од одделот за човечки ресурси го пребаруваат на Гугл, знае да биде ризично, ако се појават непријатни фотографии”, додава Поле.
За да посочи на ваквите проблеми, блогерката Тоја Дибел уште во 2019 година го започна проектот #deinkindauchnicht (во превод: „не и твоето дете”, заб.на ред.).
Згора на тоа, на фотографиите не само што се гледаат ликовите на децата, туку и нивното лично опкружување како детската соба, станот, градината. Од текстот под објавите може да се добијат и дополнителни информации како име и датум на раѓање на детето. „Кога сето тоа ќе се поврзе, се добива и информација каде детето живее”, предупредува Поле. А, тоа не е само проблем поврзан со заштита на податоците. „Секако дека постои ризик таквите информации да паднат во погрешни раце и на пример да се вртат и во кругови на педофили”, вели Поле. Уште во 2019 година во извештај објавен на порталот jugendschutz.de, отворен од страна на покраинските и сојузните германски власти, се предупредува дека „Инстаграм се злоупотребува од лица со сексуален интерес за деца. Се собираат фотографии од деца, им се додаваат сексуални коментари и потоа се споделуваат”, стои во извештајот.
Поле посочува дека „родителите често се релативно освестени за тоа дека јавни објави на Фејсбук, ТикТок или Инстаграм се проблематични, но истовремено сметаат дека месинџер апликации како Ватсап се релативно приватни и затоа дотолку повеќе без задршки споделуваат таму”. Тоа го прават преку функцијата за ажурирање или објавување на статуси кои потоа всушност целиот круг на познаници може да ги види. „Клучната точка е колку родителите се свесни за тоа и како тоа се рефлектира во поставките за приватност на таквите мрежи. Дали фотографиите ги споделувам јавно, или само со моите следбеници?", вели Поле. Но, дури и во приватен чет не можеш да бидеш сигурен дали фотографијата нема да биде споделена со некој друг без да дадеш согласност, посочува Поле.
Франција: забрана за „шерентинг” со закон
За да се спречи ексцесивно ширење на фотографии, посебно на такви што го повредуваат достоинството, Франција чекори како прва држава во светот по нов пат - тамошните власти сакаат со закон да забранат да се објавуваат фотографии од децата на социјалните мрежи, без нивна дозвола. Кога двајцата родители имаат различен став околу ова прашање, судот може да изрече забрана за објавување или споделување на фотографии од детето без дозвола од другиот родител. Во екстремен случај родителите може комплетно да го изгубат правото да располагаат со фотографиите од своите деца. Новиот закон посебно се фокусира и на „злоупотреба на децата на онлајн платформи”. Приходи од комерцијалното користење на фотографии од децата мора да се уплатуваат на посебна жиро сметка со која детето слободно ќе може да располага откако ќе наврши 16 години.
Освен тоа, во законот се постулира „право на заборав” кое може и да се издејствува со тужба, а подразбира дека децата по своја желба и отпосле може да побараат фотографии од нив да бидат отстранети од интернет.
Софи Поле францускиот нацрт го оценува севкупно позитивно бидејќи ги јакне правата на личноста на малолетникот кои се постулирани во Конвенцијата за детски права на ООН.
„Не се работи за тоа севкупно да се забрани објавувањето на фотографии од децата на интернет, туку да се спречи нивната ексцесивна употреба на социјални медиуми, или во конотација која го повредува нивното достоинство”, вели Поле.
„Правото врз својата појава значи дека секој човек самиот смее да одлучува каков фотографиран материјал смее да биде јавно споделуван, а каков не. Затоа е од аспект на детски права апсолутно важно децата да бидат вклучени во таквата одлука и да се прифати кога детето ќе рече ‘не’, наместо да му се наметне спротивното”.
Во други делови од светот нема такви планови како во Франција и затоа според Поле најважно средство е едуцирањето за да се заштитат децата од несаканите последици на феноменот „шерентинг”. Едукацијата мора да се одвива во градинките, училиштата, на самите платформи од социјалните медиуми, но пред сѐ кај самите родители. Семејствата во прв план мора “да развијат заедничко разбирање за тоа како со почит и одговорност ќе се однесуваат спрема фотографиите од членовите на семејството”, вели Поле. „Најдоцна со првиот смартфон децата и самите се движат низ социјалните медиуми и потоа многу на нив влијае како во самото семејство биле третирани тие нешта.”