1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСоединети Американски Држави

Американски сенатор до Мајк Закерберг: Фејсбук убива луѓе

СН/агенции
1 февруари 2024

Шефовите на пет американски технолошки концерни мораа во Сенатот да се соочат со обвинувањата дека социјалните мрежи можат да бидат смртоносни. Компаниите веројатно и овојпат не треба да стравуваат од последици.

https://p.dw.com/p/4buRF
Марк Закерберг беше критикуван од сенаторите кои ја обвинија неговата компанија дека има производ што убива луѓе
Марк Закерберг беше критикуван од сенаторите кои ја обвинија неговата компанија дека има производ што убива луѓеФотографија: Nils Huenerfuerst/DW

Шефовите на компаниите Мета, ТикТок, Икс и на други социјални мрежи сведочеа во средата пред Правосудниот комитет на Сенатот на САД во атмосфера вжештена од изјавите на родителите за страдањата на нивните деца на тие мрежи, а првиот човек на Мета, Марк. Закерберг, им се извини „за сѐ низ што поминале“.

„Никој не треба да поминува низ страдањата низ кои поминале вашите семејства“, рече Закерберг, основачот на социјалната мрежа Фејсбук, додавајќи дека компанијата Мета продолжува да инвестира и да работи на „напори од индустриски размери“ за заштита на децата, кои, како што наведува АП, се мета на сексуални предатори, содржина која предизвикува зависност, нереални стандарди за убавина и малтретирање, па затоа некои креваат рака на себе или имаат нарушувања во исхраната.

Сослушувањето беше закажано поради тврдењата на активистите за правата на децата и на американските законодавци дека големите технолошки компании, како сопствениците на социјалните мрежи, не прават доволно за да ги заштитат своите најмлади корисници. Родителите и конгресмените сѐ повеќе се загрижени за влијанието на социјалните мрежи врз животот на младите.

Родителите на децата жртви на социјалните мрежи присустувуваа на сослушувањето во Сенатот
Родителите на децата жртви на социјалните мрежи присустувуваа на сослушувањето во СенатотФотографија: Nils Huenerfuerst/DW

Расправата траеше неколку часа и можеше да се слушнат сведочењата и на деца и родителите. Татковците и мајките чии деца извршиле самоубиство ги држеа подигнати нивните фотографии.

„Тие се одговорни за многу од опасностите со кои се соочуваат нашите деца на интернет“, рече претседателот на Комитетот, сенаторот Дик Дурбин од Демократската партија, во воведниот говор за лидерите на компаниите на социјалните мрежи. „Нивниот избор на дизајн, недостатокот на инвестирање во доверба и безбедност, нивното постојано стремење кон ангажирање и профит на сметка на основната безбедност, ги изложија нашите деца и внуци на ризици.“

Највисокиот републикански претставник во Комитетот, сенаторот Линдзи Греам, се надоврза на ставот на Дарбин и рече дека е подготвена да работи со демократите за да се реши прашањето за безбедноста на децата на социјалните мрежи. Сенаторот Линдзи Греам изјави дека Мета и мрежите што ги поседува - Фејсбуки Инстаграм „имаат крв на рацете“. „Господине Закерберг, вие и вашите компании имате крв на вашите раце, знам дека не мислите така, но имате. Вие поседувате производ кој убива луѓе.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема