Виена: Може ли да се постигне историска согласност за името?
30 март 2018За средбата во Виена на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска пишуваат „Ди пресе“, „Винер цајтунг“, „Клајне цајтунг“, како и „vienna.at". Притоа сите ја пренесуваат опширната информација на австриската агенција АПА, од која „Клајне цајтунг“ го извлекува насловот „Може ли во Виена да се постигне историска согласност за името?“. Во информацијата, меѓу другото, се вели:
„Тоа што двајцата министри во Австрија дојдоа со релативно големи делегации новинари, според експертски кругови, се толкува како знак дека се смета со постигнување согласност. Тоа би бил историски настан, зашто грчко-македонскиот конфликт околу името постои веќе 27 години.“
Повеќе:
- Оптимизам ќе го сече Гордиевиот јазол за името
- Димитров-Коѕијас: „Филиграните“ бараат трпение и прецизност за името
- Пардју: ова е најдобрата шанса за решавање на спорот за името
Освен тоа, АПА цитира и грчки медиуми, според кои „преговорите меѓу грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и неговиот македонски колега Никола Димитров започнале уште вечеравечер“:
„Последно, на масата се најдоа пет предлози на Нимиц за 'Поранешната Југословенска Република Македонија' (ПЈРМ): 'Република Нова Македонија', 'Република Северна-Македонија', 'Република Горна-Македонија', 'Република Вардарска-Македонија' и 'Република Македонија (Скопје)'. Како најверојатни решенија во изминатите недели се искристализираа 'Република Горна-Македонија', односно 'Република Северна-Македонија'. Единствен став има во секој случај околу тоа дека идното име треба да содржи географска одредница“, се вели во информацијата на АПА, која денеска ја објавија повеќе австриски медиуми.