Димитров-Коѕијас: „Филиграните“ бараат трпение и прецизност
23 март 2018Шефовите на македонската и на грчката дипломатија Никола Димитров и Никос Коѕијас веруваат во „чесни“ и искрени преговори со кои ќе се надминат разликите меѓу двете земји во спорот за името.
Димитров рече дека денешната е „втора вистинска средба“ на која се разговарало за сите суштински елементи во деценискиот спор.
„Имавме добри разговори. Разговаравме за иднината, и за иднината е тешко да најдеме разлики меѓу нас. Но за да дојдеме дотаму треба да ја надминеме разликата околу името. (...) Ова е втората вистинска средба на која разговаравме за сите суштински елементи“, рече Димитров.
Македонскиот министер признава дека сѐ уште има предрасуди на двете страни, но вели тој, се обидуваме да изградиме доверба.
„Половина ден мислам што е важно за јавноста во Грција, а другата половина што е важно за нас овде во Република Македонија“, рече Димитров.
Слеано и непреведено име е неприфатливо
Двајцата министри генерално одбиваа поконкретно да одговорат на прашања кои директно задираат во суштината на разговорите и се согласни дека клучните разлики ќе се дискутираат следната недела во Виена,на разговорите под покровителство на медијаторот Метју Нимиц.
Коѕијас појасни дека текстовите кои двете држави си ги разменија последниве денови не се во спротивност со обидите на Нимиц да изнајде компромис, напротив. „Текстовите се со цел да се разјаснат позициите на страните. Во голем степен сме договорени што сакаме. Она што ние ќе го договориме, Нимиц ќе го стави во еден текст кој ќе биде упатен до Советот за безбедност и Генералното Собрание на Обединетите нации“.
Димитров беше поконкретен во однос на прашањето на грчки новинар околу предлогот на Атина за името Горна Македонија, напишано во оригинал на латиница и слеано во едно име. Според Димитров, нему ќе му биде тешко да објасни едно такво решение „пред својот народ“. Дополнително, рече тој, „тешко е да се аргументира дека тоа е сложено име ако имаме еден слеан збор“.
„Можам да најдам многу аргументи зошто за мене тоа не е најдобриот правец“, вели Димитров.
Промена на Уставот поради европско искуство
Во однос на инсистирањето на Грција за промена на Уставот на Македонија, Коѕијас откри дека аргументот на Атина е базиран врз некои искуства во европското право и одлука на германскиот Уставен суд во тој правец.
„Не бараме повеќе гаранции, туку го земаме предвид искуството во ЕУ со одлуките на уставни судови кои сметаат дека уставите се над европското и меѓународното право. Ве потсетувам на повеќе одлуки на Уставниот суд на Германија во однос на Договорите од Мастрихт“, рече Коѕијас.
Дефиницијата на шефот на грчката дипломатија за тоа што претставува чесно и праведно решение за двете страни гласи: „Тоа е решение што ги зема предвид главните точки на интересот на двете страни. (...) Не бараме едната страна да се уништи, а другата да се радува дека победила, тоа не е ни чесно ни морално“, рече Коѕијас.
Двајцата министри во неколку наврати дипломатски потсетија дека се надеваат „оти и другата страна има вистинска желба да се надмине проблемот“.
За Димитров, текот на преговорите и трпението кое се очекува во изнаоѓањето компромис потсетува на филигранскиот занает.
„Тој занает бара големо трпение, прецизност и деликатност. Давам сѐ од себе заедно да направиме нешто што ќе биде доволно добро за двете страни“, рече тој.
Коѕијас, кој синоќа слета на скопскиот аеродром како прв шеф на грчката дипломатија по пауза од 12 години, попладнево се среќава и со премиерот Зоран Заев, собранискиот спикер Талат Џафери, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.