Димитров и Коѕијас ќе го топат мразот пред средбата во Виена
22 март 2018Денешниот снежен пејсаж во Скопје, е прилично илустративна слика за условите во кои продолжуваат македонско-грчките разговори за спорот за името: се уште на тежок и лизгав терен, и со разлики кои не се стопени по последната средба на шефовите на дипломатиите со посредникот Метју Нимиц во Виена. Единствената новост е што во меѓувреме двете земји разменија свои нацрт-договори со предлози за надминување на разликите. Со тоа, дијалогот од усмен - влезе во фаза на размена на пишани документи. Но тие документи, како што изјави и Коѕијас најавувајќи го грчкиот нацрт-договор, не се со значење „земи или остави“, туку само можна основа за барање на решение.
Од снег и мраз засега е расчистена пистата на меѓународниот аеродром „Скопје“, каде попладне за првпат по повеќе од една деценија ќе слета авион од Атина. Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ќе пристигне на подготвителни разговори со неговиот македонски колега Никола Димитров, придружуван од советничко-експертски тим и новинари од грчките медиуми. Агендата на средбите до утрово не беше официјално објавена, но се очекува да започне со работна вечера на Димитров и Коѕијас, а разговорите да почнат во текот на утрешниот ден.
Бај пас решенија за НАТО?
Претходно најавената и договорена посета на Коѕијас, се реализира два дена по предупредувањата на Москва за безбедносни последици за земјата и регионот од евентуалното членство на Македонија во НАТО. „Москва ја предупредува ПЈРМ“ објави „Катимерини“ во предвечерјето на посетата на Коѕијас, нотирајќи дека „се обновува меѓународниот притисок врз патот на Македонија, овој пат од Москва“.
„Господинот Заев, покрај критиките на опозицијата, сега се соочува и со Русија. Интервенцијата на Москва го принуди македонскиот премиер да даде изјава за да ја увери Русија за целите на неговата влада“, пишува „Катимерини“. Весникот. кој се осврнува и на грчкиот нацрт-договор, објавува дека „е познато оти тој вклучува седум поглавја, од кои има договор за три - името (најверојатно 'Горна Македонија'), за акроними и за решавање на иредентистички референци“.
Генерално, во грчките медиуми не преовладува голем оптимизам за напредок во разговорите. „Предлозите разменети, разликите остануваат“, „Процесот се интензивира“, „Преговорите за името влегуваат во најкритична фаза“, се дел од тамошните наслови. „Та неа“ пишува дека состојбата во Македонија „не е толку розова“ со оглед на националистичките тенденции со кои се соочува Заев. Но, посочува дека и во Грција има силен општествен отпор кон решение на спорот, а не е случајно и претседателот на грчкото Собрание се пожалил дека грчки панмакедонски организации им испратиле заканувачки писма на пратениците доколку гласаат за сложено име на северниот сосед.
Поради сомнеж дека брзо ќе се надминат разликите, грчкиот весник „Ефимерида“ пишува дека решението за името е сѐ подалеку, па се подготвува план „Б“ за членство на Македонија во НАТО. Повикувајќи се на добро информирани дипломатски и политички извори, весникот објави дека ако не се реши спорот за името, се подготвуваат две бај-пас опции: специјален однос со Македонија или прием во НАТО под референцата ПЈРМ, но со договор дека кога ќе се постигне решени за ново име, земјата ќе биде ословувана со тоа име.
Клучни се разговорите во Виена
Со цел да не се наруши преговарачкиот процес, македонските власти не објавуваат детали околу тековните разговори и можни алтернативни решенија. Но, не негираат дека постојат разлики.
„Чесно е да кажам дека има разлики. И, на некој начин, разликата е во фазите, усмен и писмен дијалог, меѓутоа постојат разлики. И се надеваме, дека ако мислиме заеднички на една цел, ќе успееме тие разлики да ги надминеме“, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Повеќе:
Тој повторува дека целта е да се најде едно одржливо и едно достоинствено решение, кое ќе биде разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција. Притоа фокусот го става на разговорите кои ќе продолжат под покровителство на ОН на 30 март во Виена.
„Најсуштинската рунда разговори досега беше таа што ја организираше и модерираше господинот Метју Нимиц во Виена, која траеше седум часа и каде што не се постигна некаков посебен напредок. Посредничката улога има многу големо значење. Таму е местото каде што се обидуваме да ја надминеме оваа разлика. Сите овие контакти се делумно подготовка и инвестиција во тој процес. Јас се надевам дека во нашата нацрт-спогодба ќе има елементи што ќе бидат корисни за средбата во Виена на 30-ти март. Градењето на доверба е на некој начин и подготовка за тие средби“, рече Димитров.
Тој го сподели впечатокот дека на средбите со пријатели, сојузници, претставници на држави, била искажана заинтересираноста да се надмине ова прашање, бидејќи е факт дека има и регионални импликации. Запрашан дали има рок околу изјаснување околу нацрт-договорите, Димитров одговори: „Нема цврсто утврдени рокови. Претпоставувам уште во петок (23.3. -н.з) ќе отвориме разговор за дел од аспектите. Ќе го продолжиме тој разговор и во присуство на медијаторот Метју Нимиц, така што овој не е строго пропишан, формален процес. Ќе направиме се што може да води кон надминување на разликата“.
И додека двете влади се обидуваат да изградат доверба, неколку патриотски здруженија за денеска најавија протест по повод доаѓањето на Коѕијас, кој ќе почне пред „Порта Македонија“, ќе продолжи пред Министерството за надворешни работи и ќе заврши пред Владата.