1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пардју: Заев и Ципрас можат да го решат спорот за името

БГ
20 март 2018

Американскиот дипломат и поранешниот медијатор на САД во конфликтот од 2001 година, Џејмс Пардју вели дека верува оти владите на Заев и Ципрас можат наскоро да постигнат решение за спорот за името.

https://p.dw.com/p/2ue0b
Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

„Имам поголема надеж денес, одошто било кога претходно дека спорот за името на Македонија може да се реши наскоро“, вели за ДВ, Џејмс Пардју, американскиот дипломат кој директно учествуваше во изработката на Охридскиот рамковен договор за време на кризата во 2001 година. Пардју деновиве е на турнеја низ Европа каде ја промовира својата прва книга посветена на балканските кризи од 1990-те години- „Мировници“. Во рамките на турнејата тој е гостин и на Дојче Веле, а целосното интервју со него ќе можете да го прочитате в четврток.

„Грција, Македонија, САД и ЕУ не смеат да ја пропуштат оваа можност да замине без успех. Владата на Заев е многу отворена во потрагата по решение и покрај сериозната политичка опозиција, и верувам дека владата во Атина разбира дека ова е најдобрата шанса досега да се постигне кооперативен однос со важен сосед“, вели Пардју.

James W. Pardew
Џејмс ПардјуФотографија: DW

Дипломатот предупредува дека двете страни треба внимателно да ги разгледаат предностите на евентуалното решение но и последиците од можниот неуспех.
„Граѓаните не избираат лидери за да се занимаваат со лесните прашања. Секој може да го прави тоа. Вистинското лидерство се дефинира од оние мажи и жени кои се посветуваат на тешките прашања и го прават она што е потребно за нивниот народ на долг рок. Имам доверба дека господата Ципрас и Заев наскоро ќе постигнат договор“, вели Пардју.