Оптимизам ќе го сече Гордиевиот јазол за името
24 март 2018Оптимизам. Тоа е единствениот збор што преовладува по вчерашната посета на Македонија од страна на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас. Иако изјавите на Коѕијас и неговиот македонски колега Никола Димитров посредно потврдија дека има крупни разлики во позициите, со оптимизам ја очекуваат новата рунда разговори која ќе се одржи на 30-ти март во Виена со посредство на медијаторот од ОН, Метју Нимиц.
Впечаток кај аналитичарите е дека Атина и Скопје и покрај разликите се решени да истраат во процесот, а доказ за тоа гледаат во вчерашниот „тон“ на средбите.
„На прес конференцијата најчесто користени зборови беа: компромис, иднина, заедно, разумно, договор, чест, почит. Потоа, дека предлозите на двете страни во форма на предлог-договори, се јасен израз на подготвеност да се работи понатаму и дека тоа се ставови за кои ќе се продолжи да се разговара“, посочува Андреја Стојковски, претседател на граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“.
Интерес за решавање на спорот, низ разумно решение кое нема да го наруши достоинството на ниту една страна, и низ разговори кои ќе ја зајакнат довербата меѓу двете земји, се очекување и на голем дел од граѓаните на Македонија. Ваквиот интерес се потврдува во истражувањето на „Евротинк“, кое покажало дека за 75 проценти од граѓаните прашањето на спорот со Грција е многу важно, а за 72% решението треба да се изнајде веднаш. Дополнително, 62% сметаат дека одложувањето на разрешувањето на спорот ќе биде на штета на Македонија.
„За овие граѓани, но и за сите останати, последната постапка на Владата со испраќањето на предлог 'спогодба' треба да се разбере како гарант за посветеноста во спорот и гарант за интересите на државата. Оттаму, искрено очекувам дека процесот се движи во вистинската насока и дека би можеле да видиме решение наскоро. Решението ќе дојде буквално во оној миг кога се ќе биде сложено како што треба“, уверен е Стојковски.
Повеќе:
Димитров-Коѕијас: „Филиграните“ бараат трпение и прецизност за името
Магичната формула на Атина е - „Gorna Makedonija"
Пардју: ова е најдобрата шанса за решавање на спорот за името
„Малку зголемени шанси“
За оптимизам во процесот пишуваат и грчките медиуми. Весникот „Прото тема“ во текст под наслов „Што носи Коѕијас во торбата по разговорите со Заев и Димитров“, пренесува дека Коѕијас го завршил своето патување во Скопје „оставајќи повеќе оптимизам отколку пред да дојде“, како што самиот изјавил, повторувајќи го ставот дека разговорите се најважното и позитивно нешто во вакви случаи. Весникот се повикува и на дипломатски извори во Атина, кои по вчерашните средби изјавиле дека „шансите за решение дури и малку се зголемиле“. Сепак весникот го нотира и впечатокот дека е очигледно оти прашањето за идентитетот и Уставот еволуира во Гордиев јазол.
Сегашните грчки позиции и потенцијалниот Гордиев јазол не ги обесхрабруваат министрите во македонската Влада.
„Продолжувам да бидам оптимист,“ изјави синоќа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во емисијата „360 степени“.
„Ако се реши прашањето, ќе се реши во фото-финиш. Наша задача е ние да ги браниме нашите позиции, на кои теми ќе покажува компромис и флексибилност, а на кои теми треба да се држиме цврсто до нашите ставови. Умешноста на овој процес нема да зависи од тоа што се случува зад затворени врати. Ќе зависи и од впечатокот на сите оние кои го анализираат процесот и кои имаат влијание: ЕУ и земјите членки, НАТО и земјите-членки на Алијансата“, вели Шекеринска.
Запрашана од каде толкав оптимизам ако се имаат предвид грчките позиции (сложено име споено во еден збор, непреведено, опсег ерга омнес, промена на Устав...) таа одговори: „Ако на крајот на овој процес грчката позиција остане таква - решение нема да има. Но целта на процесот е сите да се изместат од иницијалните позиции. Оптимист сум дека од овој процес Македонија ќе излезе како држава која нема да се срами, туку да се пофали со конструктивно европско, позитивно однесување. Не можеме ние да ги дефинираме потезите на нашите соседи. Но можеме да направиме сѐ, за да покажеме дека Македонија во овој процес влегла со голема одговорност, знаење и со желба тој да се реши“.
Големи очекувања има и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.
„Има простор за разговор, има посветеност кај двете влади за изнаоѓање решение, има заинтересираност од меѓународната заедница. Чекорите кои ги направивме ние и чекорите кои ги направи грчката страна се важни во градење на тој моментум за изнаоѓање решение“, изјави Османи во „Топ тема на ваша страна“ на ТВ „Телма“ .
Тој смета дека вчерашните разговори со Коѕијас појасно ја претставиле сликата за очекувањата на едната и на другата страна.
„Гледам дека им е важно да се заврши прашањето. Ја чувствуваат одговорноста како најголема држава во регионот дека треба да го водат процесот на европеизација на регионот и дека треба да бидат дел од таа игра. Гледам искрена посветеност да се најде решение“, рече Османи.
ВМРО-ДПМНЕ: Деблокирање на интеграциите
Коѕијас вчера се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Како што соопшти партијата, Мицкоски на средбата истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ е за развивање на добрососедски односи базирани на искрено пријателство, меѓусебно почитување и засилена соработка во многу полиња од интерес на граѓаните од двете држави.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Република Македонија мора да продолжи со својата евроатлантска агенда и процесот да биде одблокиран. Тоа ќе придонесе и за интеграција и стабилизирање на регионот преку засилена соработка во рамките на глобалните структури кон кои тежнее Република Македонија и природно припаѓа. На средбата Мицкоски ги афирмираше официјалните ставови и позиции на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со спорт за името. Беше истакнато дека решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси“, се наведува во партиското соопштение.
Притоа се додава дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ била изразена загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес.