1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се справува Европа со енергетската инфлација?

Јан Валтер
7 јули 2022

Германскиот канцелар Шолц сака да се бори против инфлацијата со „координирани мерки“ меѓу синдикатите и економските здруженија. Еден предлог е еднократна финансиска помош. Што прават на овој план другите влади во Европа?

https://p.dw.com/p/4Dd7h
Deutschland Symbolbild Energie | Sonnenaufgang bei Frankfurt am Main
Фотографија: Florian Gaul/greatif/picture alliance

Животот станува поскап, не само во Германија. Многу земји доживуваат стапки на инфлација кои не се видени со децении. Клучен фактор се зголемените трошоци за енергенси како последица на санкциите против Русија по нејзиниот напад врз Украина. За да се заузда  растот на цените,   германската влада реагираше со даночни ослободувања на цените на горивата.  Оние кои се подолго време невработени добија еднократна исплата од 200 евра и еднократно зголемување на детскиот додаток од 100 евра. Друг предлог во светло на претстојните тарифни договори е да се додели еднократна  финансиска помош  која би била ослободена од оданочување, наместо да се договара покачување на платите. Со ова би се спречила спирала на  последователно покачување на плати и цени,  која настанува кога потрошувачите номинално имаат сѐ повеќе и повеќе пари за купување на иста количина производи. Но со тоа фактички се елиминира економскиот поттик за прилагодување на потрошувачката на растечките цени и намалената понуда.

Според студија на бриселскиот тинк-тенк Бригел, речиси сите европски влади преземале мерки за помош на населението. Сите имаат различен пристап. Еве неколку примери.

Грција

Откако во Грција луѓето во изминативе децении речиси секоја година трпеа пад на вредноста на платите, државата сега брзо реагираше за да го ублажи ударот врз куповната моќ. Според студијата на Бригел, владата во Атина усвоила пакет мерки во висина од 3,7% од БДП – според економските перформанси на земјата имаат издвоено најмногу средства во рамки на ЕУ.

Уште изминатата есен Атина донесе одлука за воведување месечни паушални намалувања на сметките за струја од 42 евра и за приватни лица и компании. Со паушалот владата го задржа поттикот да се штеди струја. Домаќинствата со ниски приходи и помалите бизниси имаа споредбено поголема корист од мерката.

Но, на почетокот од годинава владата ја промени стратегијата: компаниите добиваат намалување на цената за 65 евра за мегават час потрошена струја, а социјално загрозените домаќинства до 180 евра по мегават час. Тоа е значително намалување, посебно ако се има  предвид дека едно нормално домаќинство троши меѓу два до пет мегаватчаса годишно. На сличен принцип се базира и програмата за ослободување за корисниците на гас. Мана на оваа мерка е тоа што со неа не се поттикнуваат потрошувачите  да штедат енергија.  Ова има тенденција да доведе до зголемена потрошувачка, а со тоа и до дополнителен раст на цените.

Griechenland  | Benzinpreise an einer Tankstelle in Athen
Растечките цени на енергенсите ја намалуваат куповната моќ на ГрцитеФотографија: Marios Lolos/Xinhua/picture alliance

Естонија, Литванија, Летонија

По овој редослед водат трите балтички земји на Еуростат листата на земји со највисока стапка на инфлација во Европа. И во порастот на цената на енергенсите тие се меѓу првите шест. Една причина за тоа е што покрај увозот на руски суровини, трите земји трошеа и многу струја од Русија. Затоа откажувањето од увоз од Русија двојно ги погодува. 

Според Бригел, трите земји, ако се мери според БДП, трошат многу различни суми за да ги заштитат луѓето од порастот на цените. 

Естонија која бележи најголем пораст на цените троши само 0,8% од БДП за тоа. Од субвенциите профитираат домаќинства со ниски примања. Владата ги преполови давачките за мрежата, па потоа целосно ги укина за да ги намали трошоците за потрошувачите. Потоа ги замрзна и цените за гас и струја. И Летонија на економски слаби домаќинства им плати месечен паушал од 20 евра месечно и ги намали трошоците за дистрибуцијата. 

Литванија пак го усвои најголемиот енергетски пакет од трите балтички држави и вториот најголем од земјите во Европа кои се опфатени во статистиката. Речиси две милијарди евра треба да се одлеат во директни олеснувања. Со другата половина владата треба да поттикне инвестиции во енергетската независност преку обновливи извори на енергија.

Унгарија

Премиерот Виктор Орбан кратко пред изборите во април годинава ги ограничи цените на серија стоки, додека цената на горивото ја замрзна уште минатата есен. Но, таквите мерки тотално го поткопуваат економски важниот сигнал на високите цени за потрошувачите: никој не го ограничува конзумирањето на конкретниот производ, иско тој станува дефицитарен.

Минусот во добивките поради растечките цени е главно проблем на бензинските пумпи. Субвенциите од пет центи за литар се недоволни, велат од браншата и додаваат дека сметаат на затворање на компании и на пријавување стечаи.

Иако државните субвенции очигледно се недоволни, според новинската агенција Ројтерс земјата може да ја чинат пет милијарди евра. 

England London | Protest gegen steigende Energiepreise
Протест поради растечките цени на енергијата во ЛондонФотографија: Vuk Valcic/Zuma/picture alliance

Велика Британија

Британците се соочуваат со највисока стапка на инфлација во изминатите 40 години.

Цените на енергенсите и на  горивото и тука се значаен фактор и покрај ограничувањата на нивната висина, кои важат со години. Регулаторната комисија Офгем ги адаптира цените два пати годишно на пазарните услови за да останат на пазарот само солидни економски понудувачи. 

Во април ја подигнаа максималната цена за 54% на 1971 фунти (околу 2300 евра). Сумата се однесува на домаќинство за просечна потрошувачка на гас и струја. Во октимври на секое домаќинство автоматски ќе му бидат повлечени 200 фунти од сметката. Но, тие ќе мора во следните пет години да бидат вратени. 

Вистинско растеретување ќе има само за домаќинства со ниски примања. Компаниите се обврзани да им дадат попуст од 140 фунти на годишно ниво, а тие ќе се покриваат од посебен фонд. Во иднина треба повеќе лица да имаат корист од него, а и попустите да се зголемат.