1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој најмногу заработува од скапото гориво?

Килијан Нојверт (АРД) | Дирк Вилсмајер (БР)
28 јуни 2022

Цените на бензинот во Германија остануваат високи и покрај намалувањето на енергетскиот данок на гориво. Формирањето на цените останува нетранспарентно, но се знае кој сѐ заработува – од нафтен извор до бензинска пумпа.

https://p.dw.com/p/4D4mc
Symbolbild | Deutschland Tankrabatt
Фотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Речиси две евра за литар дизел, тоа е новата реалност на многу германски бензински станици. Од пред три недели постои т.н. попуст на бензин – намален енергетски данок на горивото, но досега отсуствува осетно растоварување.

Повремено многу муштерии полнат  гориво само за десет евра, опишува Франц Риц, сопственик на бензинска станица на 20 километри јужно од Минхен. До пред само неколку недели, луѓето беа бесни, посебно кога цените скокнаа над две евра. Но, сега кај оние кои полнат  бензин се чувствува само беспомошност или сарказам.

Специјална давачка во корист на нафтените концерни, вели една жена, нешто слично на мислењето и на министерот за економија, Роберт Хабек од Зелените. Сепак, нафтените компании се само една алка во синџирот на оние кои заработуваат на горивото. Патот од изворот на нафта до бензинска станица е долг, на  цените влијаат бројни фактори. 

Факторот експлоатација на нафта 

Првиот фактор се трошоците поврзани директно со пронаоѓањето нафта: кога книгите за нарачки на фирмите специјализирани за дупчење за нафта се полни, нивната цена расте, вели познавачот на браншата Кај Екерт. Тој е уредник на Енергетско-информативната служба, специјализирано издаваштво за енергетската бранша.

Полни книги на налози на фирмите за пронаоѓање на нафта се најчесто директна последица на високата цена на нафтата. Значи, зачестено се истражуваат наоѓалишта на нафта. Ако се пронајдат многу наоѓалишта, по правило цената паѓа, зашто се зголемува понудата. 

Нафтата уште под земја го менува сопственикот 

Најчесто, најмногу заработуваат оние кои располагаат со големи резерви од нафта. Денес по правило тоа се држави како Саудиска Арабија. Трошоците за екслоатација на еден барел сурова нафта таму изнесуваат неколку долари, продажната цена моментално е околу сто долари.

Но, сопственикот на сурова нафта може брзо да се смени, понекогаш уште пред таа да биде извадена на површина. На берзите за суровини уште рано се тргува со нафтата, цената се утврдува обично една година пред терминот на испорака. Тоа им овозможува сигурност во планирањето на продавачите и на купувачите.

Притоа, во тоа се вклучени и трговците со суровини, шпекуланти и банки за меѓуфинансирање, што се должи на огромните суми за кои најчесто се работи.

Товарењето на голем танкер со нафта може да вреди повеќе стотици милиони долари. 

Deutschland | Rohölverarbeitungsanlage in Schwedt
Цената на нафтата и на горивото зависи од многу факториФотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Складиштата како поттик за шпекулации 

Посебност на пазарот на нафта се големите складишни капацитети, што според проценките на економскиот експерт Андреас Лешел, „канат“ на шпекулации. Во време на ниски цени на нафтата, се исплаќа нејзино складирање и чекање на продажба по повисоки цени, вели Лешел, кој ја води катедрата за еколошка и ресурсна економија и одржливост на Универзитетот Рур во Бохум.

Танкерите за складирање нафта може да се наоѓаат во земјата каде таа се експлоатира, директно до наоѓалиштето. Но, најчесто големи количества нафта стигнуваат во пристаништата или на собирните клучки на нафтоводите, каде постои и поголема инфраструктура за складирање.

Натамошниот транспорт се одвива преку бродови танкери или нафтоводи. Додека нафтоводите претставуваат долгорочна инвестиција во инфраструктура и носат константни добивки, кај танкерите за транспорт на нафта, иако ги има многу во светот, можни се осцилации. На пример, кога пазарите на нафта се наоѓаат под шок, како во време на пандемијата од коронавирус или при руската инвазија врз Украина. 

Висока концентрација на нафтениот пазар 

Суровата нафта најчесто се преработува онаму каде што е потребна, имено, во близина на потрошувачите. Тоа се должи на фактот што транспортот на сурова нафта е поевтин отколку транспорт на финални продукти, вели експертот Лешел.

Сосем поинакви отколку кај суровата нафта затоа се и сопственичките односи: најголем дел од нафтените рафинерии се во рацете на крупните нафтени концерни.  Цените таму не ја следат автоматски цената на суровата нафта, делумно тие се високи, иако цената на суровата нафта е ниска и обратно. 

Антимонополската служба инсистира на увид 

Која е причината за ова, сака сега да открие германската Антимонополска служба. Досега во повеќе наврати под лупа беше работата на бензинските станици, сега на ред се рафинериите и трговијата на големо. За таа цел антикартелските контролори сакаат да проверат, меѓу другото, по која цена рафинериите набавуваат нафта и по која цена ги продаваат  нафтените деривати.  „Точно до цент“, истакнува шефот на службата, Андреас Мунд, за Антимонополската служба да може да создаде сопствена слика.

Тешкотии се можни во вреднувањето на бројките, зашто и Антимонополската служба во принцип не смее да забрани високи цени и маржи, барем додека се почитуваат правилата на игра. Со оглед на тоа што конкуренцијата е ограничена поради малиот број на претпријатија на пазарот, постои опасност конкурентноста да функционира само ограничено, вели Мунд.