1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Што е шеријатскиот закон?

26 септември 2021

Талибанците, Исламската држава, Ал Каеда- за повеќето муслимани нивното разбирање на шеријатот е кошмар. Но, што е навистина шеријатско право? Одговорите ги има Матијас Рохе

https://p.dw.com/p/3zhmO
Deutschland Islamkolleg Symbolbild
Терминот „шеријат“ ја опфаќа целата исламска доктрина за нормиФотографија: Hans-Juergen Bauer/epd

Во Куранот, терминот шеријат го означува „патот (отворен од Бога)“, „патот до изворот“. Терминот „шеријат“ ја опфаќа целата исламска доктрина за норми. Таа се развивала над 1.400 години - во различни списи на научници и институции, и засилено во форма на државни прописи.

Шеријатот вклучува одредби за основните верувања и религиозните практики, како што се молитвените ритуали, правила за облекување и исхрана, како и законодавство. Вклучува и аспекти на верската етика - на пример, како да се однесуваме кон сиромашните и светот околу нас. Во основа, шеријатот е многу сложен, софистициран, но сепак флексибилен систем за воспоставување и толкување на нормите.

Поради поделбата меѓу сунитите и шиитите, како и разликите во самите правила, се појавија разни учења кои значително се разликуваат во нивното разбирање на шеријатот. Од една страна, ова создава несигурност, но од друга, овозможува разновидност на мислења. Во добра традиција, научниците се обидуваат - најдобро што можат и со понизност - да го соберат вистинското знаење, без да полагаат право на ексклузивност. Со други зборови, тие ја препознаваат валидноста на меѓусебните толкувања. 

Инсистирањето на екстремистите од сите видови, во минатото и сегашноста, дека тие се единствените што ја препознале божествената вистина, укажува на недостаток на образование и прекумерна ароганција. Доволно често, екстремистите го инструментализираат шеријатот за многу површни политички цели. Истакнати примери може да се најдат во сегашните верски диктатури на Иран и Саудиска Арабија. 

Mathias Rohe deutscher Rechts- und Islamwissenschaftler
Матијас Рохе е професор на Универзитетот Ерланген-Нирнберг и основачки директор на Ерланген Центарот за ислам и право во Европа.Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Кој има суверенитет на толкувањата?

Шеријатот, исто така, прави разлика помеѓу религијата (односот помеѓу Бог и човекот во задгробниот живот) и правото (правилата за човечката коегзистенција во овој свет). Религиозните компоненти на шеријатот често се сметаат за непроменливи, но тие исто така бараат толкување. На пример, иако нејасно формулираните правила во Куранот за женската облека се толкуваат како заштитни прописи против напад, сега се води дебата за тоа дали таквата заштита не може да се обезбеди и со образование и самоуверено однесување.

Законските одредби се сметаат за менливи - во зависност од времето, местото и вклучените лица. Одредбите во одредени области, како што се договор, брак, семејство и наследно право, се споредбено детални, со широк спектар на толкувања. Други, како што се уставното право или кривичното право, остануваат многу нејасни.

Од 19 век наваму, правните компоненти на шеријатот во голем обем се трансформирани во закони што ги спроведуваат новите државни институции. Во тој процес, колонијалното потчинување на многу земји со мнозинство муслимани имаше големо влијание. Драконските телесни казни беа укинати најчесто без многу контроверзи. Од друга страна, колонијалните сили за првпат воведоа казнени прописи за истополови односи- толку за цивилизациската мисија на Европа. Внатрешниот развој на шеријатското право беше попречен од игнорантното странско владеење. Како резултат на тоа, оттогаш реформаторите редовно се наклеветени како „соработници на Западот“. 

Како и да е, во 20 век беа забележани обемни реформи во многу земји со мнозинство муслимани, особено во корист на правата на жените, подобрување на положбата на верските малцинства и прилагодување кон економските и социјалните промени.

„Модерни" толкувања

Меѓутоа, веќе неколку децении постои растечки тренд во спротивна насока. Од 1970 -те, со подемот на крајно нетолерантниот саудиски вахабизам и иранската револуција, екстремистите ширум светот проповедаат репресивна верзија на шеријатот. Реформите беа укинати, а традиционалните, патријархални семејни и закони за наследство се користеа како идентитетски маркери против наводната вестернизација. Немуслиманите и другите муслимани, како што се мистиците или секуларните, се напаѓаат. Најважно од сѐ, одново се ограничуваат и правата на жените. 
На некои места, се создадоа сојузи помеѓу екстремистите и традиционалистите. Ова исто така се должи на фактот дека изучувањето на исламскиот закон често се смета за непривлечно, така што клучните позиции често завршуваат кај традиционалистички претставници со ограничен интелектуален опсег. Покрај тоа, често постои мешање на исламот и регионалното обичајно право. На пример, талибанскиот терористички режим од една страна се заснова на сурови хибриди од паштунското обичајно право, кои сериозно ги обесправуваат жените, и, од друга страна, на традиционалистичките и интелектуално несофистицирани толкувања на шеријатското право. Сето на крајот се сведува на репресивно користење на моќта.

Жени војници во Авганистан
Жени припаднички на авганистанската армијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Hossaini

Со оглед на сето ова, шеријатот не е ни кошмар, ниту билет за спасение. Тој се однесува на божествено уредени норми, но тие се отворени за толкување и имаат потреба од толкување до тој степен што, на крајот, тие стануваат човечко дело.

Во зависност од предрасудите на преведувачот, шеријатот може да биде или религиозно-етичко упатство и систем на норми што е во согласност со денешните концепти за човекови права- или токму спротивното. Затоа зависи од луѓето и нивните ставови.

За разлика од многуте репресивни држави со муслиманско мнозинство, дискусиите во Европа можат да се водат слободно и одвоени од политичките претензии за власт. Меѓу муслиманите на „Западот" има многу дебати за тоа што значи шеријатот за нив во конкретни термини.
Некои се обидуваат да се придржуваат кон традиционалните норми во рамките на законите што се во сила во нивните земји. Други го толкуваат шеријатот како етичко упатство без никакво правно тврдење за валидност; се дискутира за „еко-исламот“ и „образовниот џихад“, а во Германија се појавува софистициран исламски образовен систем. Ваквиот развој на настаните може да обезбеди импулси за другите региони во светот.

Професор Матијас Рохе студирал право и исламски студии во Тибинген и Дамаск. Тој е професор на Универзитетот Ерланген-Нирнберг и основачки директор на Ерланген Центарот за ислам и право во Европа.

Оригиналниот текст беше објавен на порталот на Дојче веле за дијалог со исламскиот свет- Quantara.de

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема