1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку шеријатско право може да поднесе Европа?

Емир Нумановиќ/ Александра Трајковска 23 декември 2012

Колку шеријатското право е компатибилно со денешното секуларно општество? Во која мера тоа може да се вклопи во европскиот правен систем? Одговори на овие прашања се бараа на неодамнешната конференција во Виена.

https://p.dw.com/p/16hDW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Отворајќи ја дискусијата на тема „Колку шеријатско право може да поднесе Европа?“ предавачите на конференцијата во Виена најпрво констатираа дека постојат се’ позачестени предлози - делови од шеријатот, оние кои се однесуваат на приватното и цивилното право, да се интегрираат во правните системи на земјите на Западна Европа. Тие предлози, беше наведено во виенската Дипломатска академија, доаѓаат како од политичари, така и од научници кои се занимаваат со исламот и неговата интеграција во овие западни земји.

Сите учесници на конференцијата се согласија дека расправата на оваа тема е неизбежна, со оглед на се’ поголемиот број муслимани во Европа, како и на фактот што многумина од нив сакаат да живеат согласно на она што го налага шеријатското право. Пожелно е да им се овозможи тоа, оти од една страна имаат право на тоа, а од друга шеријатското право би ја поттикнало нивната интеграција во земјите во кои живеат.

Социологот Некла Келек од Германија на конференцијата ја наметна темата „Шеријатското право и жената“. Таа наведе дека во Германија се дошло до заклучок, на учениците во јавните училишта да им биде дозволено носење на верски обележја, односно да се облекуваат онака како што им налага религијата. „Носење на шамија, а тоа е она што на разни расправи предизвика најмногу контроверзии, не смее да биде забрането со кои било посебни договори, дали со родителите или со некои други. Според мое мислење оваа препорака на работната група, која во рамките на Исмалската конференција се занимаваше со овие прашања, го поддржува шеријатскиот принцип на живот по божји ред“, изјави Келек.

Necla Kelek erhält Geschwister-Scholl-Preis
Некла КелекФотографија: dpa - Bildfunk

Она што според нејзино мислење е критично е тоа што во исламот не се знаело всушност кој поставува одредени шеријатски норми и кој ги дефинира, вели Келек. Различните толкувања, според неа, може да доведат до норми кои се косат со уставите на земјите од Западна Европа. Според сфаќањата на германските правници, оние кои дојдоа до наведените заклучоци, ако се остане на примерот со учениците, тогаш можат да ги дефинираат и нивните родители. „Одлуката на некои родители, своите ќерки како малолетни да ги испраќаат на училиште со шамија, според мене нема никаква врска со верските слободи. Имено таа одлука не ја донесуваат учениците, туку нивните родители. Ним им се одзема правото на сопствена одлука, а само личности кои се развиваат без туторство и ослободени од верските правила, можат да бидат одговорни членови на граѓанското општество“, заклучува Келек.

100 Jahre Islam in Österreich
Девојчиња на час по веронаука во ВиенаФотографија: DW

Согласно на тоа, во интерес на лицата на кои им се нанесува штета, а за што оправдување се бара во шеријатското право, државата мора да биде таа која има овластувања за одредени норми.

Ваквите случаи кои се однесуваат на семејното право се всушност оние за кои најмногу се дискутира во европските општества, констатираше историчарот Хајко Хајниш. Парцијално воведување на делови од шеријатското право во европскиот правен систем, според него би значело создавање на паралелни правни системи. Некои нивни делови би важеле само за одредени групи, што според него би било опасно: „Тоа не важи само за шеријатското право, тоа важи за кој било друг правен систем. Историјата покажа дека посебни права за одредени групи водат во нивна изолација. Тоа за тие групи честопати беше погубно и повод за дискриминација, оти поради тие посебни правила тие групи станале непожелни. Но не кажува ли токму основниот принцип на човековите права дека сите луѓе се еднакви пред законот“, наведе Хајниш. Тој заклучи дека шеријатското право за поединците може да биде корисен водич низ животот, и дека нама ништо против тоа, доколку притоа не се крши уставот.

Цериќ: Шеријатското право не се судира со европските устави

Но, шеријатското право и нема претензии да стане нешто повеќе од тоа, па затоа е и чудно зошто толку емоционално се дебатира околу тоа, изјави за ДВ првиот човек на Исламската зедница на БиХ Реис ул улема Мустафа ефенди Цериќ. „Никаде во Европа не се применува кој било канонски и верски закон. Не разбирам од каде толкава фобија. Шеријатското право е многу повеќе од она на што се прават обиди да се сведе, а тоа се каменувања или слично. Во шеријатското право не постои ништо што е спротивно на европските устави, оти сите европски устави се засновани на пет основни принципи кои ги застапува и шеријатот. Тоа се право на живот, право на вера, право на слобода, право на имот и право на чест. А, цела Европа се заснова на демократија. Луѓето бираат парламенти, тие донесуваат закони, а судиите не се кадии да спроведуваат кој било верски закон. Шеријатското право е муслимански поглед на светот и водич низ животот и она што го дефинира муслиманскиот идентитет, каде било во светот“, заклучи Реис улема Мустафа ефенди Цериќ.

Der Islam in Europa Mustafa Efendi Ceric
Мустафа ефенди ЦериќФотографија: Emir Numanovic