Убиствени „божји држави“
5 јануари 2016Едно нешто може да се инсинуира: моментот на спроведувањето на погубувањето не е случаен. Саудиска Арабија многу добро знае што прави. Исто така: и кога тоа го прави. Во Ријад никој не е толку наивен за да не може однапред да ги претпостави последиците на масовната егезекуција. Тоа на една страна, ако не и примарно, значи дека извршувањето на смртната казна претставува и политичка порака. А таа гласи: никој нека не се осудува да не‘ задева. Ниту од Саудиска Арабија, ни надвор од неа. А оној кому ќе му падне на памет да се судри со нас, мора да смета на последици.
Надворешнополитички и внатрешнополитички сигнал
Овие пораки првенствено се наменети кон опозицијата во сопствената земја. За опозиционерите погубувањето е предупредување, кое не можеше да биде поостро. Моментно саудиското правосудство спроведува остар курс против опонентите од сите „бои“: пред суд се најдоа блогерот Раиф Бадави како претставник на либералите, поетот Ашраф Фајад како претставник на културната модерна, како и погубениот Нимр ал-Нимр како еден од најистакнатите претставници на саудиските шиити. Поради протести против режимот на смрт е осуден и внукот на Ал-Нимр, Али ал-Нимр. Во моментот на извршувањето на „деликтот“ имал само 16 години. Овие еминентни случаи на јасен начин презентираат во што саудиското семејство ја гледа заканата за својата моќ. Кралското семејство очигледно на заканата реагира во стилот на сирискиот крвник Башар ал-Асад.
На надворешнополитички план погубувањата очигледно требаше да испратат сигнал на сила и одлучност. По делумното повлекување на заштитничката сила САД, Саудиска Арабија под новиот, 30-годишен министер за одбрана (и заменик на принцот престолонаследник Мохамед Бин Салман) се обидува во регионот да се позиционира како голема сила. Веќе неколку месеци саудиското воено воздухопловство ги предводи нападите на претежно арапската алијанса во соседен Јемен, кој уште одамна стана арена на своевидна војна со шиитски Иран, водена на јеменска територија. На режимот очигледно му е сеедно за околу 3.000 убиени цивили и два милиона прогонети.
Неодамна Саудиска Арабија се стави на чело на уште едeн сојуз: „антитерористичка алијанса“ во Сирија, ова го пишувам во наводници поради масовните погубувања. Така свесно се провоцираа безредија во Иран, но и во Ирак, како и на страната на шиитскиот Хезболах, кого го поддржува Техеран. Сето тоа е очгледно со цел да се збијат редовите меѓу сунитските партнери на Саудиска Арабија во контекст на сириската криза. Конфликтот се „конфенсионализира“, што значи - дополнително се подгрева. Гледано од тој агол, погубувањата се многу повеќе од извршување на ионака сомнителните пресуди. Тие се стратешка калкулација. А правосудството станува политички сервис.
Сомнителни реакции во Техеран
Се разбира, и протестите во Иран се повеќе од сомнителни. Уште и самата околност што иранското раководство дозволи „јуриш“ и уништување на саудиската амбасада, покажува дека и режимот на мулите во Техеран не е заинтересиран за смирување на конфликтот. И нему политичката калкулација му е поважна од меѓународното право. А според него, Техеран би морал безусловно да ја осигура безбедноста на амбасадата. Наместо тоа, Иран дрско се прогласува за „заштитник“ на шиитите и тоа на шиитските граѓани во други земји. А тоа е ескалација која далеку го надминува „обичниот“ протест. Реакцијата не е веродостојна и поради тоа што Иран и Кина се земји со најголем број извршени смртни казни во светот, патем, веднаш зад нив е Саудиска Арабија.
„Партнер“ на Западот?
И погубувањата и реакцијата на нив повторно ни покажуваат какви се тие два режима кои ведрат и облачат на Блискиот Исток. Добра волја не се наѕира ни на едната ни на другата страна. За цивилите во Сирија и Јемен најновата ескалација би можела да има смртоносни последици. А западните влади повторно би требало да се позанимаваат со прашањето дали сакаат двата раскарани режими во Заливот навистина да ги нарекуваат „партнери“.