Холандија ги запре популистите
16 март 2017На вистинските демократи во Франција, Германија и други држави на ЕУ им падна камен од срце. Холандија не се заврте кон десен популизам. Либералниот премиер останува на функцијата, а непријателот на ЕУ и противник на исламот, Герт Вилдерс, во зависност од тоа кој како гледа на работите, остана далеку зад стравувањата или очекувањата. По победата на популистите на Брегзит и на претседателските избори во САД, холандските избирачи дадоа јасен знак: до овде и ни чекор повеќе! Избор на деснопопулистички претседател со тесно мнозинство спречија и Австријците, но тука станува збор повеќе за репрезентативна функција.
Изборите во Холандија може да бидат огромен сигнал за претседателските избори во Франција во мај и за парламентарните избори во Германија во септември. Пораката гласи: популистите може да се запрат! Холандските избирачи очигледно во кризата со Турција не веруваа дека со Герт Вилдерс е можна функционална влада, ниту пак дека тој би бил државнички вешт. неговите рецепти за проблемите во Холандија се покажаа како „недопечени“, слично на она на што сме сведоци во САД или во Велика Британија.
Сега и оние кои влезат во предизборна борба во Франција и Германија мора јасно да стават до знаење дека популистите, освен големи пароли, не нудат решенија. Проблемот во Франција, меѓутоа, е што кандидатот на граѓанскиот табор во моментов сам се елиминира. Националистичката популистка Марин Ле Пен има уште само еден сериозен противник. Французите сега, ако сакаат да ја спречат Ле Пен, би морале да гласаат за независниот и неискусен Емануел Макрон. Во Германија, пак, случајот е поинаков. По изборите во Холандија и со разумни аргументи, канцеларката Ангела Меркел и останатите разумни сили можеби ќе успеат да ја потиснат неописливата НЕ-„Алтернатива за Германија“.
Потиснувањето на десните популисти меѓутоа има цена. Во Холандија, либералната партија на Марк Руте за да го победи Герт Вилдерс отиде значително в десно, нејзиниот тон стана значително понационален. Десните популисти можеби не победуваат, но вршат влијание врз политичката агенда и ставовите на конзервативните и либералните партии. Марк Руте едноставно имаше среќа што сосема „збудалениот“ турски претседател со своите неописливи споредби со нацистите и обвинувања за геноцид ги натера Холанѓаните да застанат зад својата влада. Руте, благодарение на Ердоган, сјаеше со цврстиот став.
ЕУ сега мора да го искористи полетот од Холандија и не смее да ја скрие главата в песок. На роденденскиот самит наредната недела во Рим, ЕУ мора да даде одлучен и единствен одговор на незаинтересираноста и популистичките тенденции. На аномалиите во Унгарија, Полска и, да не заборавиме, во Грција, каде на власт се леви популисти, мора јасно да се покаже со прст и таков развој треба да се спречи. Избирачите во Холандија го запреа таквиот бран. ЕУ сега мора да го слушне овој сигнал и да создаде повеќе „разбивачи на бранови“.