Лалињата во Холандија се како пивото во Германија
Лалињата и’ се исто толку значајни на Холандија, како што на Германија и’ е значајно пивото. Не може да се замисли едното без другото. Ви откриваме зошто Германците ги посетуваат своите соседи во овој период од годината.
Холандски градини
Градините Кукенхоф во Лисе, Холандија, се мека за љубителите на цвеќиња од целиот свет. Тие се отворени во 1949 како саем за цвеќиња. Денес повеќе од седум милиони луковици на повеќе од 32 хектари формираат ботанички каталог, а исто така се достапни и за нарачка.
Тепих од бои
Леите се засадени така што цвеќињата се во цут за време на целата шестнеделна сезона. Први цутат розовите и пурпурни зумбули, а по нив следуваат нарцисите и лалињата.
Ајде, дојдете сите
Повеќе од 50 милиони луѓе од целиот свет ги имаат посетено градините од нивното отворање. Површините се доволно големи за да угостат многу посетители, а на почетокот и на крајот на денот градината е најмалку посетена. Посебно голем метеж има во викендите.
Оптички илузии
Кукенхоф започна да постои како градина, а денес има и друга, паралелна функција - како место за фотографирање. Градините поттикнуваат на фотографирање и вклучуваат забавни атракции, како серија од зелени и безбојни панели кои ја менуваат нивната боја во зависност од тоа каде стои фотографот.
Изобилство на орхидеи
Во павилјонот Беатрикс има двапати повеќе видови орхидеи отколку што има птици. Розеви, виолетови, шарени, со леопардови точки, со ливчиња како набрана ткаенина за кауч, ползечки - за љубителите на орхидеи ова е рај.
Будење на креативноста
Во еден дел од Кукенхоф направени се неколку мали градини кои треба да ги инспирираат посетителите за да ја разбудат креативноста за нивните дворови. Една таква инсталација е мало и многу шарено бојадисано камп-возило, преплавено со огромен број на режано цвеќе.
Наместо џуџиња во градината
Кукенхоф има повеќе од 100 скулптури распрскани низ целата површина. Ова уметничко дело на холандскиот уметник Мартин Клопстара претставува лебед со своите лебетчиња и е наречено „Opnieuw“.
Во долината
Како надополнување на леите со цвеќиња, во паркот постојат и некои помали, шумски области со полски цвеќиња. Ладовината и тишината е добра промена од хипер-светлите бои во главните градини. Оваа момина солза со испрскани ливчиња потекнува од шумите во Европа, но денес многу ретко може да се види во природата.
Класични кломпи
Многу земји во Европа си имаат кломпи во свој стил, без оглед дали се целосно направени од дрво, како холандските кломпи, или делумно, како германските. Обие обувки се сметаат за добра заштита и нив денес се’ уште ги носат некои фармери или градинари.
Насмевка!
Низ градините ќе видите жени како ја поднаместуваат косата, деца кои ги штипат сестрите и чичковци кои неволно се довлечкани за правење семејна фотографија. Двојката на фотографијава е од Канада и ја посетува Холандија по повод 40-та годишнина од свадбата.
Следи го мирисот
Ливадите кои ги опкружуваат градините се полни со зумбули, лалиња и нарциси. За да се види се’ најдобро е да се изнајми велосипед. Зумбулите можете да ги намирисате и на 500 метри пред да ги видите, а шокот од розевото, црвеното и виолетовото е толку јак што не може да се верува дека за она што се гледа не е користен фотошоп.
Увезена егзотика
Лалињата потекнуваат од областа околу Иран, Турција и Бугарија и за првпат се одгледани во Холандија во 1594 година од фламанскиот доктор и ботаничар Каролус Клусиус. Во 1630-те години, лалињата станале толку популарни, што нивните луковици биле користени како форма за плаќање. Кукенхоф е најголемата постојана светска изложба на лалиња.