Холандско-турскиот конфликт се пресели на Твитер
15 март 2017Нападите, кои делуваат како форма на политички вандализам, ги користеа хаштаговите #Nazialmanya и #Nazihollanda (Наци Холандија и Наци Германија) преземајќи ги профилите на познати менаџери, издавачи, владини агенции, политичари и нормални корисници на Твитер.
Нападите започнаа на денот на изборите во Холандија, земја чии политичари влегоа во директен судир со турскиот претседател Ердоган. Две јавно финансирани интернет-страници кои им помагаат на холандските гласачи да се определат на избори, од утрово исто така не се достапни за читателите и најверојатно се цел на сајбер напад.
На киднапираните Твитер-профили се појавија твитови со нацистички симболи, различни хаштагови и фразата „Се гледаме на 16 април“ која алудира на датумот на одржување на референдумот во Турција на кој треба да му се дадат поголеми права на Ердоган. Меѓу другите, хакирани се профилите на Европскиот парламент и на францускиот политичар Алан Жипе, на британското министерство за здравство, на весниците Велт и Форбс, но и на непрофитни организации како Амнести интернешнл и други.
Денешните напади најверојатно не се поврзани со блокадите на повеќе холандски интернет компании како и на аеродромот во Ротердам, за што одговорноста ја презеде турската хакерска група Аслан Неферлер Тим (Тим на војници лавови).
Истата група е одговорна и за привремените блокади на интернет страниците на австриските институции, парламентот, централната банка и на аеродромот во Виена од август и септември минатата година. Тие напади се случија за време на дипломатскиот спор меѓу Австрија и Турција околу турското членство во ЕУ.