Трамп создава проблеми со Иран, за потоа да ги решава
21 мај 2019Доналд Трамп е неконсеквентен претседател, чии изјави и дела често се обележани со вистински или привидни противречности. Така е и во однос на Иран, каде претседателот прво најави волја за директни преговори со раководството на оваа земја, за набрзо потоа на Иран да му се закани со целосно уништување. Фактот што изјавите на Трамп по временскиот период на вербално и реално ѕвечкање со оружје беа проследени и со испраќање еден американски носач на авиони во регионот, дополнително ја зголемува напнатоста и збрката околу курсот на Трамп кон Техеран.
Прво: Проблем кој потоа јас ќе го решам
Но, постојат три основни константи, кои можеби не објаснуваат, ама барем го прават појасно она што го прави Трамп. Првата константа, која го обележа целиот период и дејствувањето на претседателот, е неговата склоност кон создавање проблеми, кај кои потоа тој ќе се прави дека ги решава.
Судирот со Иран е одличен пример за таквата постапка. Така Трамп, без никаква шега, овој викенд објави дека нема да дозволи Техеран да добие атомско оружје, иако токму тој беше оној кој по години преговори, во кои САД го имаа главниот збор, го поништи договорот за атомската програма на Иран, без притоа да има некоја пореална алтернатива. Тој договор на многумина критичари и не само на САД, им се чини премногу лабав и премногу тесен според содржината, но докажано барем ја отстрани опасноста која Трамп сега сака да ја заузда: изградба на иранска атомска бомба.
Второ: Да не се испраќаат војници, туку да бидат враќани дома
Втора константа која го прави појасен односот на Трамп кон Иран е тоа што тој не сака воен судир со оваа земја. Тој став се заснова на длабока недоверба на претседателот кон американските воени мисии, нешто што на изненадувачки начин го дели заедно со својот претходник Барак Обама, без оглед колку инаку и да го мрази.
Така, едно од најголемите ветувања во неговата кампања „Америка на прво место“ е да ги оконча скапите т.н. вечни војни, како онаа во Авганистан и да ги врати американските војници дома. Воениот судир кој тој би го предизвикал со Иран не само што би бил противречен на неговата лична длабока недоверба кон американските воени операции, туку и би прекршил едно од клучните ветувања на Трамп и тоа среде новата претседателска кампања.
Освен тоа, сигурно и на Трамп му е јасно дека војна со Иран од многу причини би била многу поопасна и потешка отколку војна со неспоредливо помалиот и помалуброен Ирак и дека за таков судир во САД едноставно моментно нема никаква согласност.
Несклоноста на Трамп да поведе војна против Иран никако не значи дека е исклучен оружен судир со таа земја. Зашто, Трамповиот советник за национална безбедност Џон Болтон упорно заговара војна со Иран, и за разлика од својот шеф е голем поборник на американски воени интервенции во странство. Пред да дојде на сегашното работно место, Болтон во статии во Вол стрит џурнал упорно заговараше бомбардирање на Иран и на Северна Кореја.
Нема гаранција дека нема да има војна
Но, на Трамп му е јасно дека со Болтон има тврдолинијаш во Белата куќа. Неодамна објави дека е чудно што токму тој е оној кој треба да го смирува Болтон. Како што пренесуваат американските медиуми, Трамп во своите кругови се пожалил на Болтон, дека тој го принудува на војна. Значи, Болтон е предупреден: уште во преговорите со Северна Кореја беа привремено ограничени неговите ингеренции, откако Трамп и на Пјонгјанг му се пожали на такви непомирливи ставови. Затоа е целосно можно и Трамп да го отпушти својот советник за национална безбедност ако се стекне впечаток дека тој го турка во војна и без негова волја.
Пореално од вистинска и планирана војна со Иран е непосакувана воена ескалација во стариот судир со таа земја. Трамповата политика на максимален притисок кон Иран секако ја зголемува опасноста и од воен конфликт. Него можат да го предизвикаат и други бројни учесници во регионот во кој сите следат свои интереси. Таков, од аспект на Техеран наметнат воен судир, тогаш ни Трамп нема да може да го одбегне веќе и од внатрешнополитички причини.
Трето: „Јас можам подобро!“
Трета константа во односот на Трамп кон Иран е неговото уверување дека тој знае подобро и дека тој во преговорите со Иран би извојувал подобар договор за атомската програма од која се повлече.
Тука се присутни барем два проблема: за преговори воопшто да бидат можни, обете страни барем теоретски треба да се спремни на компромиси. На американска страна, со тврдоглавиот однос на владата на Трамп, тоа практично се чини невозможно.
Но, дури и да дојде до директни преговори со раководството на Иран според желбата на Трамп, тоа никако не е гаранција за успех. Сосема спротивно - без оглед на двата состанока на Трамп со севернокорејскиот водач Ким Јонг Ун, не е постигнат никаков успех за тамошните нуклеарни амбиции.
Самоувереноста на Трамп дека само ако тој би преговарал, би успеал да ги надвладее интересите на неговиот партнер во преговорите, се во целосна спротивност со реалноста.