Ирак меѓу фронтовите во иранскиот конфликт
16 мај 2019Сите службеници, од кои не постои неопходна потреба во Багдад, треба да го напуштат Ирак, соопшти Министерството за надворешни работи на САД, образложувајќи го потегот со заканата која произлегува од „конфесионалните милиции во Иран, непријателски расположени кон САД“. Американската влада има само „ограничени можности да им стои на располагање во итни случаи на американските граѓани во Ирак, стои во соопштението на Министерството.
Во изминатите денови и недели владата на САД масивно го зголеми притисокот врз Техеран. На почетокот на месецов САД испратија носач на авиони и повеќе бомбардери во регионот. И тоа Вашингтон го оправдува со постоење „непосредна“ закана од страна на Иран и неговите сојузници. Потоа следеа уште еден воен брод и ракетен систем за противавионска одбрана. И американскиот државен секретар Мајк Помпео и Иран истакнуваат дека не сакаат војна, а сепак е достигнат следниот степен на ескалација: саботажни инциденти во регионот, напади со дронови врз саудиски гасовод и закани од САД. Расте загриженоста дека во ваквата затегната ситуација одделен инцидент може да предизвика неконтролирана ескалација.
Големо влијание на Иранците во Ирак
Ирачкиот премиер Абдел Абдул Махди изјави дека не се забележани никакви раздвижувања кои би претставувале опасност: „На Американците јасно им кажавме дека владата ја извршува задачата да ги штити сите засегнати.“
Ирак, како соседна држава на Иран и поранешна окупациона зона на САД, би бил нужно вовлечен во евентуален конфликт. „Ирак во последните години се наоѓа во исклучително тешка ситуација, зашто е близок сојузник и на Американците и на Техеран“, истакнува Гидо Штајнберг од Фондацијата Наука и политика во разговор за Дојче веле.
Иранците контролираат и дел од политиката во Багдад. „Еден Ирачанец, кој беше во иранска служба, долго време го контролираше Министерството за внатрешни работи“, објаснува Штајнберг. Освен тоа, Техеран врши влијание и преку шиитските милиции во Ирак. Ирак е растргнат меѓу својата желба за добри односи со САД и масивното политичко, воено и економско влијание од страна на Иранците, смета политичкиот експерт Штајнберг.
„Политичка катастрофа за Ирак“
Тоа уште повеќе му отежнува на Иран да заземе јасен став во конфликтот Иран-САД. Во Ирак се присутни и американски војници и ирански милиции. Иако Ирак повеќе клони кон тоа да ги има предвид желбите на Техеран, сепак се обидува да спречи ескалација на конфликтот меѓу двете страни на ирачка територија. „За Ирак би претставувало политичка катастрофа ако навистина дојде до напад. Првенствено затоа што може да се случат американски одмазднички напади, можеби и против милициите во Ирак контролирани од Иран.“
Во случај на воен судир, ирачката влада би се обидела да задржи неутралност, објаснува Манаф Мусави, раководител на Центарот за стратешки студии во Багдад. Но, големи делови од безбедносните служби, контролирани од шиитските милиции и исто така делови од населението, би се ставиле во позиција против САД.
Повеќе:
Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив
Војна со Иран е малку веројатна
Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео побара од ирачката влада да ги држи милициите под контрола, но според проценките на поранешниот американски дипломат Набил Кури, тоа може да води кон граѓанска војна во земјата: „Одземање на оружјето од шиитските милиции би водело до конфликти во Ирак. Обидот за растурање на овие милиции и нивно вклопување во ирачката армија, беше целосно неуспешен.“
Недоверба кон САД
Во Ирак моментно се стационирани уште околу 500 војници на САД. Техеран може да се обиде, во случај на воен конфликт, да ги нападне. Со оглед на тоа што Иран нема воени капацитети за водење отворена војна, би употребувал свои „емисари". „Значи не би требало да очекуваме дека таму ќе се случуваат крупни битки меѓу големи воени единици. Поверојатно сценарио е дека индиректно ќе бидат ангажирани проиранските милиции. На пример во испалување ракети врз американските бази. Во директни борби против трупите на САД тие би немале никакви шанси.“
Предупредувањата од ирански напади досега не се поткрепени со докази од ниедна влада. Оттаму, се наметнуваат паралели со 2003 година, кога Ирак беше демонизиран со тврдења дека поседува оружје за масовно уништување. Предупредување кое никогаш не беше докажано. Затоа, останува огромна недоверба кон Вашингтон. Дали предупредувањата од ирански напади имаат реална подлога, е сосем непознато.
Воен конфликт силно би го погодил и Ирак. „И Трамп всушност не сака да води војна, таа би била деструктивна за сите. Но, провокативната реторика секогаш е следена од мобилизација и можат да се случат грешки. Затоа, сите мора да бидат исклучително претпазливи. САД доживуваат многу своеобразно време со една многу невообичаена администрација. Тука е тешко нешто да се предвиди“, смета експертот Кури од Чикашкиот совет за меѓународни односи.