1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна со Иран е малку веројатна

Рајнер Херман
13 мај 2019

Светот со загриженост гледа на зголемените тензии меѓу САД и Иран. Но, тоа не значи дека воениот судир е пред врата, смета Рајнер Херман од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/3IOor
USA Iran Spannungen Symbolbild USS Abraham Lincoln (Reuters/USS Abraham Lincoln (CVN 72)/U.S. Navy/Mass Communication Specialist 3rd Class, Garrett LaBarge)
Фотографија: Reuters/USS Abraham Lincoln (CVN 72)/U.S. Navy/Mass Communication Specialist 3rd Class, Garrett LaBarge

Шансите за војна меѓу САД и Иран се мали, и покрај фактот дека Вашингтон испрати носачи на авиони во Персискиот залив, и дека Техеран им даде на европските партнери 60 дена за да се спаси нуклеарниот договор. Секако, тензиите меѓу двете земји растат, но воената сила која и онака беше на пат кон Индискиот океан, а потоа пренасочена кон Заливот, не е доволна за голема операција. Истовремено, Иран и понатаму сака да преговара. Многу е веројатно дека иранскиот претседател Хасан Рохани ќе одреди продолжување на ултиматумот од 60 дена.

Никој не сака војна

Доколку се земат предвид интересите на обете страни, војната е уште помалку веројатна. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да го одржи ветувањето дека ќе ги врати американските војници од Блискиот Исток - дома. Се чини дека тој ја научи лекцијата од своите претходници и дека не сака да командува со војна во која нема јасна стратегија за излез без огромни загуби. Затоа се насочи кон стратегија на закани- повремено и претерани- како средство за Иран да попушти за „договорот“.

Ни Иран, од друга страна, не е земја на авантуристи. Неговите надворешни и безбедносни политики се предвидливи, и покрај тоа што често се дијаметрално спротивни на Западните. Иран реагира на слабостите на своите опоненти - како што е случај во арапскиот свет, и сила - како што е случајот со притисокот од САД. Најмногу на што е подготвен Техеран во случајов е калкулирана ескалација. Неговата позиција во актуелниот конфликт е онаа на слабост. САД имаат посилна армија, а иранската економија е во бездна.

Очекувана ескалација

Согласно условите, постои опасност обете страни да ја турнат ескалацијата зад точката од која нема враќање. А Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Трамп, во 2003 веќе доби една војна која ја посакуваше. Тој е познат по тврдите позиции кон Иран: Доколку сакате да ги оневозможите да направат бомба, треба да ги бомбардирате. Тој бара агресивна промена на режимот, иако останува нејасно што ќе се случува потоа.
Во истовреме, иранските радикали би можеле да се обидат да ја рестартираат нуклеарната програма. Тоа ќе биде музика за ушите на јастребите во САД, Саудиска Арабија и Израел.

Оттука големото прашање е кои се условите под кои обете страни би биле расположени одново да преговараат. Во четвртокот, Трамп рече дека се што треба да направи иранската влада е да го подигне телефонот и да се јави. Тоа беше брзо одбиено од Техеран. Но обете страни покажаа силна желба да преговараат - Трамп тоа во два наврати го стори со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, додека починатиот иранските врховен лидер Хомеини потпиша мировен договор со смртниот непријател - Ирак во 1988.
Сѐ на сѐ, војната е сѐ уште можна, но со бројни опциии кои остануваат на масата пред таа да стане неизбежна.