1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џон Болтон: контроверзниот радикал ангажиран од Трамп

Елизабет Шумахер
23 март 2018

Новиот советник за национална безбедност и претседателот на САД споделуваат презир за нуклеарниот договор со Иран и покрај поддршката кај сојузниците. Болтон би можел да има воинствен став кон бројни други прашања.

https://p.dw.com/p/2upXs
USA neuer Sicherheitsberater John Bolton
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/M. Brochstein

Преседателот на САД, Доналд Трамп го избра „воинствениот јастреб“ Џон Болтон на местото на генералот Х.Р. Мекмастер. Ветеран уште од времето на администрациите на Реган и Џорџ Буш, Болтон беше и амбасадор на САД во Обединетите нации во администрацијата на Џорџ Буш помладиот од август 2005 до декември 2006 година.
Додека паузираше од политиката, Болтон ги објави своите мемоари под наслов „Предавањето не е опција“, а работеше и со многу неоконзервативни тинк-тенкови и како коментатор за мрежата „Фокс њуз“.

Ова се ставовите на Болтон за клучните прашања:

Војната во Ирак: Болтон отворено го поддржуваше конфликтот, дури и откако претставници на администрацијата на Буш искажаа жалење поради војната. Како потсекретар за контрола на оружје и меѓународна безбедност под Буш од 2001 до 2005, Болтон беше обвинет за манипулирање со разузнавачките податоци за ирачкото оружје за масовно уништување кои доведоа до инвазијата од 2003 година.
Северна Кореја: Новиот советник за национална безбедност долго заговара воен одговор на провокациите од Пјонгјанг. За време на говор во Сеул во 2003, во пресрет на преговорите на шесте нации за нуклеарната програма на Северна Кореја, Болтон го нарече тогашниот лидер Ким Џонг Ил „тирански диктатор“.
Русија: Болтон е долгогодишен критичар на Кремљ. Неодамна, тој ги отфрли обвинувањата дека претседателската кампања на Трамп соработувала со Русите, иако тој верува дека Русија се мешала во изборите во САД.
Откако рускиот претседател Владимир Путин ја објави одлуката за изградба на нови нуклеарни орудија во март, Болтон на Твитер напиша дека „е потребен стратешки одговор против новите руски нуклеарни проектили за да им покажеме на сојузниците во Европа дека нема да и дозволиме на Русија да си поигрува со САД или со нашите сојузници“.
Нуклеарниот договор со Иран: Непријателството на Болтон кон овој договор е добро познато. Тој дури заговараше насилна промена на режимот во Иран. Откако неговиот истомисленик на тема Иран, Мајк Помпео беше поставен за Државен секретар, иднината на важниот дипломатски договор би можел да се најде во сериозна опасност. 

USA Donald Trump, Joseph L. Votel, Jim Mattis, H.R. McMaster, John Kelly, Paul Selva
Трамп засилено со опкружува со радикални политичариФотографија: picture-alliance/AP Photo/P.M. Monsivais

Болтон е познат и по поддршката за натамошно користење на контроверзниот затвор во Гвантанамо, за префрлањето на амбасадата на САД во Ерусалим, како и поддршката за Тајван со цел да се зголеми притисокот врз Пекинг.

„Америка на прво место на стероиди“

Именувањето на Болтон шокираше многумина, особено поради тоа што претседателот Трамп во повеќе наврати изјавуваше дека смета оти војната во Ирак била грешка.
Во Јужна Кореја, конзервативниот пратеник Ким Хак-Јунг го нарече именувањето „загрижувачка вест“.
„Северна и Јужна Кореја треба да воспостават дијалог, но овој потег само ја зголемува загриженоста дали овие разговори воопшто ќе се случат“.
Консултантската фирма „Еуразија Груп“ оцени дека со именувањето на Болтон и Помпео, американската надворешна политика сега практично станува „Америка на прво место на стероиди“.
Самиот Болтон се обиде да ја ублажи реториката во интервју за „Фокс њуз“, изјавувајќи: „Искрено, она што досега го кажував приватно, е минато“.