Тешка трка во Франција
9 април 2022Изборните стратези на Емануел Макрон станаа претпазливи. По првиот круг од изборите не се планира забава во некој шик париски ресторан, како што направија по големиот успех пред пет години. Наместо тоа, по објавувањето на резултатите, претседателот ќе разговара со своите поддржувачи во една хала на истокот. По секоја цена се сака да се избегне впечатокот за сигурност во победата или дури за буржоаска ароганција која често му се припишува на Макрон. На последните неколку метри од изборната кампања мора сериозно повторно да ги засука ракавите.
Кандидатот за реизбор
Емануел Макрон сака да го направи истото што по Жак Ширак пред дваесет години му нема успеано на ниту еден друг претседател – да биде реизбран и за втор мандат. По почетокот на војната во Украина се чинеше дека е многу блиску до оваа цел – загрижените Французи се собраа околу нивниот претседател и рејтингот во анкетите му се искачи на 33%, навидум оставајќи ги сите останати противкандидати далеку зад себе. Меѓутоа, во последните неколку дена, сликата се промени: поддршката за Макрон се намали на околу 28%, а неговата конкурентка од популистичката десница, Марин Ле Пен сега му е прилично зад пети со околу 23% поддршка.
Што се случи? Растечки цени во Франција, каде инфлацијата од 4,5% е навистина под европскиот просек, но цените на енергијата вртоглаво расте, ги вознемируваат Французите. Сѐ повеќе се навраќаат на нивните суштински социјални прашања: страв за животниот стандард, за нивните традиции, социјални придобивки и страв од последиците од модернизацијата на земјата. Како и секаде во Европа, секојдневните грижи се тие што на крајот одлучуваат на избори.
Серија кризи
Но, на Емануел Макрон и натаму му е залепена етикетата дека е претседател на богатите затоа што на почетокот на неговиот прв мандат прво ги намали корпоративните даноци. Меѓу другото, ова беше и една од причините за демонстрациите на „жолтите елеци“, кои беа поттикнати од зголемувањето на цените на дизелот во зимата 2018/19 година. Демонстрациите ја држеа земјата во неизвесност со месеци и прераснаа во непредвидливо социјално протестно движење. Претседателот мораше да го стави во втор план еден од своите суштински проекти - реформирање на скапиот и старомоден пензиски систем. Неговата желба за модернизација доживеа прв неуспех.
Само што се смирија социјалните немири, пандемијата на корона ги доведе Франција и остатокот од Европа во застој. По првичните проблеми, Макрон ја стави под контрола кампањата за вакцинација, а со исплата на компензации во милијарди евра беа избегнати социјалните потешкотии за вработените и компаниите. Како и секаде, сепак, владата помина низ период на учење лекции за време на пандемијата, што некои гласачи сега му го припишуваат на Макрон како знак на неодлучност.
Сега, во предизборната кампања го прогонува нов проблем - таканаречената афера Мекинзи. Во последните пет години, неговата влада потрошила повеќе од милијарда евра на скапи консултантски фирми кои подготвуваат извештаи за различни реформски проекти. Најновото обвинение гласи - бесмислено се трошеле пари на даночните обврзници. Исто такa, овие компании не платиле соодветни даноци за својата работа во Франција. „Здив“ на лошо менаџирање функционира како масло на огнот за противниците на Макрон.
Камелеонот Марин Ле Пен
Второпласираната во оваа трка, како и на последните избори, е Марин Ле Пен, со нејзината партија Национално обединување (претходно Национален фронт). Таа постојано работеше на „ублажување“ на својот имиџ во медиумите со цел да се заборави десничарското минато на партијата и да се „исчисти“ наследството на нејзиниот татко, Жан-Мари Ле Пен. Таа сега нема намера ниту да го напушта еврото ниту е за излегување од ЕУ, а направи и политички волшебен подвиг во однос на справувањето со нејзината поранешна блискост со рускиот претседател Путин, кој дури и ѝ даде пари за нејзината изборна кампања во 2017 година. Таа тоа едноставно го игнорира, а бирачите за тоа дури и воопшто не ѝ забележуваат.
Но, независно од тоа, Марин Ле Пен го направи она што не му успеа на противникот: водеше кампања. Додека Макрон беше на телефон со претседателот Путин, таа неуморно ја обиколуваше земјата за директно да разговара со луѓето. Така, само 51% од Французите сега ја гледаат партијата како закана, што е знак за тоа колку е успешна нивната стратегија за „детоксикација“ на партискиот имиџ. Тоа што таа во телевизиското интервју во 2017 година јасно кажа дека „главните политички линии што ги бранам се оние на претседателите Трамп и Путин“, се чини сега е заборавено. Бидејќи таа сега зборува само за куповната моќ, се ракуваше со стотици луѓе на десетици пазари низ земјата и ги увери Французите дека ќе ги ограничи цените на енергенсите и ќе се бори да го зачува нивниот квалитет на живот.
Притоа, несакајќи ѝ помогна екстремно десничарскиот екс-публицист Ерик Земур. Неколкупати осуден за говор на омраза, тој привлече огромно внимание на почетокот на изборната кампања со својата прекумерна антиисламска и антиимиграциска реторика. Анкетите покажуваа дека има поддршка од 15%, која сега веќе се стопи на едноцифрена бројка. За Марин Ле Пен, сепак, Земур беше подарок, бидејќи тој ја окупираше екстремната десница и таа, наспроти него, можеше да се претстави како умерен политичар од центарот. Така, таа ги поздрави украинските бегалци во Франција, додека тој продолжи да повикува на нула толеранција за имиграција.
Весникот „Ле Монд“ во изминативе недели ги потсети Французите дека зад модерната фасада на Ле Пен сѐ уште стои деснопопулистичка партија која планира да ја преструктуира француската држава и нејзините демократски институции. И Емануел Макрон, во неговото единствено големо предизборно појавување во Ла Дефенс арената во Париз минатиот викенд, ги предупреди гласачите на опасноста од десницата: „Опасноста од екстремизмот достигна нови височини, бидејќи (...) омразата и алтернативните вистини се нормализирани.“
Макрон мора да се бори
Дури и ако разликата меѓу двајцата шпиценкандидати се намалува, сè уште нема анкета што не предвидува победа на Емануел Макрон во вториот круг од изборите, на крајот на април. Сепак, јазот меѓу двајцата најверојатно ќе биде помал отколку во 2017 година, кога Макрон со над 60% гласови триумфираше над Ле Пен. Сега сè зависи од тоа дали тој ќе може да ги мобилизира своите гласачи, бидејќи многу Французи како и претходно, се неопределени.
- повеќе: Макрон игра на карта на економијата, но инфлацијата му ги замрси конците
И ќе треба да се запраша дали не му била погрешна стратегијата многу доцна да ја почне предизборната кампања. Тој сакаше да остане надвор од „валканиците“ меѓу екстремните леви и десни кандидати, за да „не се извалка“ соочувајќи се со идеолошки водени аутсајдери. Но, токму поради оваа тенденција да стои настрана, многу Французи го критикуваат Емануел Макрон. Го сметаат за компетентен, но оддалечен од народот и за арогантен член на надалеку омразената елита.
Во обновениот дуел меѓу десничарската популистка и човекот од центарот, „во прашината“ остануваат уште десет други кандидати. Меѓу нив е Валери Пекрес, која требаше да ја врати конзервативната партија назад во центарот на политиката. Таа очајно потфрли, како и кандидатите од урнатините на поранешните француски социјалисти, кои не можеа да се договорат ниту за заедничка шпиценкандидатка.
Емануел Макрон, сепак, мора да направи чудо, мобилизирајќи ги гласачите меѓу првиот и вториот изборен круг, ако не сака во вториот мандат да влезе оштетен и со поткастрени крилја.