Шатл-дипломатијата на Макрон
11 февруари 2022Френетична недела за европската дипломатија која се обидува да излезе од своите резерви и од анонимноста со цел да ги смири страстите во украинската криза. Последна од низата иницијативи е средбата на „Вајмарскиот триаголник“ кој по 11 години прв пат се собира со цел да покаже знаци на обединетост и единство. Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот претседател Анджеј Дуда, заеднички изјавија дека нивна цел е „да се спречи една нова војна во Европа“, и дека конфликтот се уште може да биде избегнат.
Клучниот збор во оваа недела полна средби и активности на европските лидери е „деескалација“, односно, изнаоѓање на дипломатско решение со Русија за актуелните тензии во Европа. Во исто време Европејците се обидуваат да покажат единство настрана своите разлики и несогласувања и да прикажат една речиси апсолутна хармонија со позициите на Америка.
Германскиот канцелар веќе се врати од незгодната посета на Вашингтон каде на средбата со Џо Бајден мораше да ја потврди германската доверливост и приврзаност кон анти-Путин кампусот, после недели каде Берлин можеби најсрамежливо се опираше на агресивните позиционирања на Москва. Канцеларот сакаше да нагласи дека најсилно ќе поддржи цврст одговор кон Москва: „со широк спектар на последици“ во случај на инвазија на Украина. Последиците за Москва ќе бидат „политички, економски и секако геополитички“, нагласи Шолц.
Макрон има отворен канал со Путин
Но, европската ѕвезда на неделата е францускиот претседател Емануел Макрон. Макрон се врати на средби со европските колеги после два вртоглави дена на состаноци во Русија и Украина. Протагонизмот на Макрон дефинитивно му ја украде сцената на германскиот канцелар. Францускиот претседател и понатаму има отворен канал со Путин, сценарио кое беше незамисливо во времето на Ангела Меркел. Кога рускиот лидер ја започна својата инвазија врз Украина во 2014 година, Меркел беше таа која полета за Москва и го реализираше Мировниот план за Донбас, т.н. Мински договор.
Други колумни од авторот: Олимписки или воени игри?!
Но, Берлин денес е заробеник на распукнатата тројна коалиција околу тоа како да се позиционираат кон Путин и оттаму испраќаат премногу контрадикторни сигнали, со нагли кочења и забрзувања во ставовите, како на пример одлуката да се стиши рускиот канал РТ во Германија. Москва на тоа возврати со забрана на Дојче Веле во Русија, затворајќи ги канцелариите и одземајќи ги акредитациите на новинарите. Навистина досега невиден и загрижувачки потег во однос на слободното дописничко новинарство.
Средбата помеѓу шефот на Кремљ и домаќинот на Елисејската палата која траеше 5 часа, беше прва од таков вид со западен лидер откако Москва се одлучи да ја натрупа својата војска на границата со Украина. „Наша заедничка одговорност е пронаоѓање конкретни мерки за стабилизирање на ситуацијата и стигнување до деескалација“, во меѓусебна согласност со Украина, ЕУ и САД. „Уште има време да се тргне по патот кој обезбедува мир“, порача Макрон.
И рускиот претседател Владимир Путин гледа простор за напредок во надминување на украинската криза. Средбата со Макрон тој ја оцени како корисна, суштинска и конструктивна.„Сметам дека е можно, редицата негови идеи и предлози (...) да градат база за наши заеднички натамошни чекори“, изјави Путин.
Макрон на овој начин ја потврдува амбицијата да ја преземе улогата на главен западен соговорник на Путин, кога недостасуваат само два месеци до претседателските избори во Франција. Воедно, кризата во Украина за Париз претставува уникатна можност да го потврди својот статус на голема европска сила, поставувајќи ги така и основите за редефинирање на европските безбедносни договори наследени од крајот на Студената војна, во што би се земале предвид и руските и европските барања и кои би биле продукт на француската визија за Стариот континент.
За таа цел Париз се обидува да се смести некаде во средина помеѓу несигурностите и недоследностите на Вашингтон и Берлин околу украинската криза. Вашингтон е во потрага по решение – без притоа да го изгуби својот кредибилитет пред европските партнери и сојузници – и да спречи една војна која нема намера да ја војува. Германија пак мора да се соочи со својата силна припадност кон американскиот стратешки кампус, додека во исто време ќе ги оддржи своите релевантни економски и енергетски интереси, кои не ѝ дозволуваат да влезе во отворен конфликт со Русија.
Макрон има две добри причини да се обиде да изигрува посредник со Москва. Првата е што по Меркел, Макрон е западниот лидер кој најдобро го познава Путин и со кој во изминатите години, што поради Либија, Донбас или Мали, највеќе има одржувано контакти и средби. Ако Русија, според славната дефиниција на Черчил е една мистерија завиткана во енигма, а Путин е повеќе цар отколку обичен државник, тогаш личните односи играат огромна улога. Особено, ако иницијатор на тие односи е последната и единствената европска воена сила откако В.Британија ја напушти ЕУ.
Ризична игра на Макрон
Втората причина е што Макрон оваа посредничка игра не ја игра осамено или дволично. Макрон настапува во координација со Бајден со цел да ѝ докаже на Белата Куќа дека Франција не работи против двојната рецептура во однос на Москва: закана и дијалог – воено разубедување и дипломатија, пристап веќе договорен во седиштето на НАТО. Со други зборови Макрон се нафаќа на една ризична игра, да го изгуби својот кредибилитет на само два месеци пред изборите во Франција, или да постигне разултати со кои ќе си обезбеди огромен домашен и меѓународен кредибилитет и авторитет во својот лидершип.
Ако не успее, тогаш и обидот преку претседателството со ЕУ да ја пополни европската празнина и отсуство, како и обидот да го поврати францускиот „grandeur“ ќе паднат во вода. Но, во услови кога Европа речиси и да нема никаков глас и влијание пред кризата која најдиректно ја засега, добро е што постои обидот на Макрон.
Како да се дојде до решение?
И тука се наметнува проблемот или прашањето како да се дојде до решение? Франција ги препознава легитимните безбедносни интереси на Русија, но како тие интереси да се помират и препознаат без притоа да не се попушти на уценувачката игра на Москва, додека во исто време нема да се погазат демократските принципи на суверенитет и интегритет на државите кои ја одделуваат Русија од остатокот на Европа?! Тоа прашање останува мистерија. Макрон има проблем и со предложената „финландизација“ или наметната неутралност врз Украина.
Други колумни од авторот: Македонија влезе во психолошката војна на САД и НАТО против Русија
Русија и понатаму верува дека го држи ножот за дршката. Што поради слабоста на Бајден, што поради фактот дека Европа воопшто не го загрижува. Но, и Царот ќе мора порано или подоцна да излезе од слепата улица во која влезе. Кохезијата на западниот кампус и НАТО се покажа далеку поголема од тоа што Путин го очекуваше и за која мислеше дека се наоѓа во терминална криза. Западната помош за Украина, најавените санкции, трошоците за воена инвазија се толку големи за една Русија, зависна од својот извоз на гас, што првичните розеви калкулации на Москва денес се далеку попесимистички. Воедно, воениот притисок на Москва всушност го ревитализираше НАТО, демантирајќи ја и превизијата на Макрон за „мозочна смрт“ на Алијансата. Единството и обединетоста на западниот систем сепак надвладеа и наместо фрактура, најверојатно ќе следува поделба на задачите.
Во таа смисла, Франција и Германија, како дел од форматот „Нормандија“, ќе мора да се фокусираат на Минскиот договор и на условите за прогласување автономија во Донбас. Тоа е првиот и можеби најважен придонес од дипломатските напори на Макрон. Затоа што токму околу судбината на Донбас ќе се решава и судбината на украинската криза. Што се однесува до воените закани, разубедувања и гаранции, за тоа ќе треба да се погрижат НАТО и САД, затоа што само нивниот збор има доволно тежина и може да биде разбран од страна на Москва.
Впрочем, откако Макрон се пофали дека постигнал договор за деескалација со Путин, веднаш се јави портпаролот Пешков кој со потценувачки тон објасни до каде Кремљ ја гледа улогата на Париз: „Франција нема сопствеништво над никаков лидершип во НАТО Алијансата, нешто што ѝ припаѓа на сосема друга земја“.
Рано е да се каже дали напорите на Франција и Макрон ќе донесат некакви резултати. Сигурно нема да донесат некакво „чудо“, но во најмала рака ќе купат одредено време, како што Париз ќе купи поени кај американската суперсила, чиј приоритет останува предизвикот со Кина, а не судбината на Киев.
Франција ќе биде поддржана од САД во своите напори да стане новиот европски лидер и за возврат да замени дел од германските политики на штедење, како што Париз може да очекува и некоја концесија во западна Африка, каде мака мачи со агресивните политики на Турција, Кина и особено Русија.