Блокираниот Суецки канал и светската економија
27 март 2021Песочна бура, лоша видливост и водна еднонасочна улица среде пустина: тоа се состојките за драмата што се случи со бродот Евер Гивен. Како кит заринка во Суецкиот канал и ја затна главната артерија на светската економија. Оти се заглави токму на еднонасочен дел од каналот и сега не може да помине ниту еден брод. Се прават обиди со помош на багери да се откорнат делови од брегот за да може бродот повторно да стане пловен. Шлепери со сета сила на своите дизел мотори го влечат бродот за да може повторно да тече бродскиот сообраќај како низ дупче од игла. Но, засега безуспешно.
Така настана застој од 100 брода јужно и северно од местото на несреќата, јавува новинската агенција Блумберг. Здружението на германски сопственици на бродови предупредуваат од можните последици доколку блокадата потрае подолго. „Тоа е како целосно да блокирате голем германски автопат. Колку подолго трае, толку поголеми ќе бидат последиците", вели портпарол на здружението. Сликата е точно доловена, ама виси накриво, но за тоа подоцна. Со блокадата е спречен и значителен дел од светската трговија. 10 до 15 проценти од светскиот сообраќај на бродови кои пренесуваат контејнери, според експертите, поминува низ Суецкиот канал.
Повеќе: Суецкиот канал - машина за пари
Од плишени животни, па сѐ до автомобили
Според податоците на Суец Канал Ауторити, која го опслужува каналот, годишно 19 илјади бродови поминуваат низ 200 километри долгата скратеница помеѓу Црвеното и Средоземното Море. Тоа се околу 50 бродови дневно, секој ден од годината, кои вкупно пренесуваат една милијарда тони товар. „Се носат плишени животни, мобилни телефони, печатачи и други електронски уреди. Во контејнерите има машини, облека или мебел. Преку Суецкиот канал минуваат дури и автомобили, товарени на специјални бродови", вели економистот Габриеле Видман од Дека Банк.
Германија, според пресметките на економистите од Институтот за светска економија во Кил, има удел од 8-9 проценти во сите извози и увози. Особено погодени се бизнисите со Кина, најважниот трговски партнер на Германија. Речиси две третини од стоката се транспортираат преку Суецкиот канал.
Повеќе: Германија игра на сигурно со Кина
„Ако хаваријата не се расчисти во следните неколку дена и каналот остане непрооден за бродови, тоа би можело да направи проблеми во дистрибутивните ланци и во Германија", вели трговскиот експерт Винсент Штамер за ДВ. Според неговите пресметки, преку каналот поминуваат речиси сите бродови на релација Кина-Германија, односно 98 проценти.
Големи промени во цената на нафтата
Додека индустријализираниот бродски сообраќај не се помрднува, на финансиските пазари и тоа како има движења. Во средата цената на нафтата многу скокна, еден барел од видот Брент се продаваше за шест проценти повисока цена од претходно. Голем дел од енергијата за светската трговија исто така се пренесува со танкери преку каналот.
Повеќе: Бродарот Фридрих Штунц од Фирнебург
Таквата географска положба го прави каналот двократно Ахилова пета за светската економија: од една страна, бидејќи најголемиот дел од нафтата од Блискиот и Среден Исток се пренесува преку него до Европа и Северна Америка. Од друга страна, бидејќи не постои резервна рута. Затоа и споредбата со автопатот го опишува огромниот застој и неговото влијание. Но, застој на автопат може споредбено релативно лесно да се коригира, преку пренасочување на сообраќајот. Суецкиот канал пак, претставува малку поголем проблем.
Евентуално „пренасочување” би водело околу цела Африка. А, тоа е делница од 6000 километри. Бродовите во просек се движат со 28 километри на час, што значи уште плус-минус 10 дена пат ако се заобиколува црниот континент.
Затоа сопствениците на бродови се подготвени да им платат на египетските служби и мала патарина за поминувањето низ Суецкиот канал, а тоа се околу четврт милион евра. Минатата година службата Суец Канал Ауторити имала приход од 5,6 милијарди долари. Ситуацијата на пазарот за нафта во меѓувреме малку е релаксирана, цената за најважните видови кон крајот на неделата се стабилизираше. Очигледно се смета на тоа дека бродот наскоро ќе заплови. Тогаш бескрајната редица бродови ќе може повторно да се протне низ една дупка од „иглените уши“ на светската економија.