1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Суецкиот канал - машина за пари

Керстен Книп/З.Јордановски8 август 2015

Египет го прошири Суецкиот канал и очекува повисоки приходи од неговото користење. Но, битна претпоставка за тоа е светското стопанство да бележи позасилен пораст отколку во моментов.

https://p.dw.com/p/1GBx9
Фотографија: Reuters/A. Abdallah Dalsh

Проширениот Суецки канал е пуштен во употреба. За само една година реализираното проширување на овој толку значаен поморски пат, со кој Индискиот Океан се поврзува со Средоземното Море и се избегнува пловење околу цела Африка, ги нуди сите предуслови за барем делумно заживување на подзамрената египетска економија. Каналот е проширен на делница од 37 километри, а 35 километри се целосно новопробиени, 45 бродови-багери ископаа преку 258 милиони кубни метри песок.

Сега на еден клучен дел може да се плови во обете насоки истовремено. Така до 2023 година проточноста треба да се зголеми од сегашните 49 на 97 бродови дневно. Пловењето по вкупно 193 километри долгиот Суецки канал сега се скратува од просечно 18 на 11 часови. Тоа и на бродосопствениците им носи заштеда од просечно 14 илјади евра во една тура низ Каналот.

Надежи за повисоки приходи

Сите товарни бродови - со исклучок на најновите супертанкери - можат да пловат низ Суецкиот канал. Тоа би требало да и’ донесе значително повеќе приходи на египетската држава: во моментов од транзитните такси таа прибира 5,3 милијарди американски долари годишно, а во 2023 година би требало да изнесуваат 13,2 милијарди.

Остварувањето на таквите надежи на Египет сега зависи од засилен развој на светското стопанство. А според експерти, тоа во никој случај не е сигурно. Тие укажуваат дека во 2008 година, пред светската економска криза да се одрази и врз Египет, низ каналот проаѓаа просечно по 59 бродови дневно. За да биде надмината таа бројка предуслов е светското стопанство да бележи пораст од 10 проценти годишно!

Karte Erweiterung des Suezkanals NEU
Карта на проширувањето на Суецкиот канал

Тоа, барем според актуелните податоци, не е многу веројатно, посебно во бродскиот сообраќај. Според една студија на УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој - н.з.) поморскиот транспорт во периодот 2000 - 2013 година е зголемен за вкупно 37 проценти, значително помалку отколку од Египет претпоставените 10 проценти годишен пораст. ММФ (Меѓународниот монетарен фонд) за 2016 година прогнозира годишен пораст од 3,4 насто.

Поуки од историјата

Египќаните извлекоа една поука од историјата. Градењето на првиот Суецки канал во 60-тите години на 19. век ја турна земјата во економска, а потоа и во политичка пропаст. За да го финансира градењето, државата се задолжи кај француски и британски банки, но потоа не можеше да ги отплати долговите. Како последица на тоа, Британците го ставија Египет под своја превласт - во почетокот наводно само за да ја кренат на нозе неговата економија и да ја доведат во состојба да ги отплатува долговите. Но, Египет стана британски протекторат. Дури во 1922 година, по силни протести на секуларните и религиозните националисти, земјата си го врати суверенитетот. Шест години подоцна беше формирано Муслиманското братство, што е во тесна меѓузависност со искуствата од британското владеење. Дури во 1936 година Британците дефинитивно политички се повлекоа од Египет.

Овој пат, проширувањето на каналот Египет го финансираше од сопствени извори. Државата издаде инвестициони сертификати во вредност од девет милијарди долари, со камата од 12 проценти. Египќаните ги купија тие хартии од вредност. Но, за да биде тоа добар бизнис за нив, прво мора да биде стабилизирана египетската фунта. Во моментов стапката на инфлација изнесува 10 проценти. Тоа и оди во прилог на државата, како и фактот дека таксата за транзит-пловидба низ Суецкиот канал се плаќа во долари.

Ägypten Eröffnung Suez Kanal 1869
Од отворањето на Суецкиот канал во 1869 годинаФотографија: Getty Images/Hulton Archive

Повеќе отколку само воден пат

Египетската влада има амбициозни планови и за опкружувањето на Суецкиот канал. Досега тој беше само воден пат, без било каква друга позначајна инфраструктура. Сега на бреговите треба да се изградат станици за бродско гориво и работилници за поправка на бродови. Се размислува и за сопствени бродоградилишта, кои би работеле за египетски логистички претпријатија. Тие сега кај извозот и увозот се зависни од услугите на странски бродосопственици, кои тоа го наплатуваат во долари, што значително ги оптоварува египетските транспортни претпријатија.

Суецкиот канал севкупно треба да се претвори во огромна индустриска зона. Таму треба да бидат изградени фабрики за челик и цемент, но да се сместат и други сектори, како на пример прехранбената индустрија. Според пресметките, на Каналот треба да се создадат еден милион нови работни места. Се’ уште е сето тоа само перспектива. Но, со проширувањето изведено во рекордно време, Египет покажа дека - и покрај сите револуционерни пресврти - е во состојба да ја има под контрола својата иднина.