1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија игра на сигурно со Кина

Максимилијане Кошик
9 септември 2019

Економски договори и неколку предупредувачки зборови за Хонгконг - скромни резултати од посетата на канцеларката Меркел на Кина. Германија со Кина сака да игра на сигурно, а потребна е храброст, смета Максимилијане Кошик

https://p.dw.com/p/3PGOJ
Bundeskanzlerin Merkel in China
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Како може да се измери успехот на самитот на Германија и Кина? Со бројот на потпишани договори? Со тоа колку пати беше кажан зборот „човекови права“? И покрај тоа што германската канцеларка се враќа со единаесет договори за соработка во куферот и на личните средби, а и јавно се изјасни за протестите во Хонгконг, нејзината посета на народната република нема да ги задоволи ниту стопанствениците ниту борците за човекови права.

Сојузното здружение на германската индустрија (БДИ), на пример, критикува дека германската индустрија се губи обидувајќи се да се натпреварува со кинеската економија водена од државата. А сите оние кои се надеваат дека посетата на Меркел ќе доведе до вистински дијалог со кинеското граѓанско општество се исто така разочарани. Со адвокатите за човекови права Меркел имаше приватна средба.

Maximiliane Koschyk, Korrespondentin der DW
Максимилијане КошикФотографија: DW/B. Grogan-Avignon

Лагата на надворешната политика на Германија

Кога станува збор за Кина, Германија се држи до старите политички убедувања. Додуша со социјалдемократската политика на „промена преку приближување“ Вили Брант имаше успех во времето на Студената војна. Либералната верзија „промена преку трговска соработка“ – во меѓувреме мутираше во една голема лага на германската надворешна политика. Хонгконг е најдобриот пример за незаинтересираноста на Кина за слободен демократски поредок.

Токму затоа сега и овде е потребна храброста на Меркел со која всушност така јасно се позиционираше на надворешнополитички план: во украинската криза наспроти Путин, како и по сексистичките испади на Трамп. Но, се чини Берлин сака да игра на сигурно со Пекинг.

Јасен став нема на повидок

Сепак, овој колеблив став кон Кина ја поткопува позицијата на Германија на меѓународно политички план. Партнерите во ЕУ го критикуваат германскиот амбивалентен однос кон Кина. А без поддршка од Унијата, Германија ризикува да биде засенета од Кина и САД.

Токму затоа Меркел се обидува да ја обедини ЕУ со Кина преку заеднички договори за инвестиции. Но сѐ додека Германија не заземе јасен став, ЕУ нема да најде заеднички став. Сето ова само го отежнува постигнувањето на некаков договор помеѓу ЕУ и Кина.

Политичкото наследство на Меркел под прашање

На Меркел не ѝ останува многу време. Посетата на Кина може да биде и една од последните во својство на канцелар. По завршувањето на нејзиниот мандат во 2021 година, таа ќе се повлече од политиката. За време на најверојатно нејзиното последно претседателствување со ЕУ во втората половина на 2020 година, таа сигурно ќе организира уште еден заеднички самит на ЕУ и Кина во Германија. Но дотогаш мора да развие јасен став.

Бидејќи за Меркел, која европска Германија ја направи лајтмотив на своето канцеларување, би било трагично ако го прокоцка своето политичко наследство поради неуспехот да заземе став во однос на Кина.