1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Вечно прв: Пред 60 години Јури Гагарин одлета во вселената

Роман Гончаренко
12 април 2021

Русинот Јуриј Гагарин беше прв човек кој одлета во вселената - пред 60 години. Што мислат за Гагарин оние кои по него беа во космосот? ДВ разговараше со германски астронаути за нивните сеќавања и наследството на Гагарин.

https://p.dw.com/p/3rs8T
Juri Gagarin in der Wostok 1
Фотографија: United Archives International/imago images

Космонаути, астронаути, тајконаути - од летот на Јуриј Гагарин на 12 април 1961 до денес повеќе од 500 луѓе од различни земји биле во вселената. Летови во Земјината орбита во изминатите 60 години станаа веќе рутински, славата на советскиот пионер се чини дека бледее. Или сепак не? ДВ разговараше со германски астронаути за првиот космонаут Јуриј Гагарин, кој во 1968 година загина на само 34-годишна возраст при вежба.

 Во сенка на Нил Армстронг

„Јас не ни знаев дека Јури Гагарин бил во вселената", се потсетува Герхард Тиле, еден од дваесетината германски астронаути. „Тоа се држеше во тајност. Дури откако летот беше успешно апсолвиран, во јавноста излезе големата вест.“ Тој има само бледи сеќавања на тоа како неговите родители разговарале на темата.

Тиле пораснал во Западна Германија. Почнал да се интересира за летовите во вселената кон средината на 1960-те години, кога и Американците летале, раскажува 67-годишникот. САД во тоа време биле „многу поотворени" отколку Советскиот сојуз.

Герхард Тиле во 2000 година полета во вселената со американскиот спејсшатл Ендевор. „Тоа што се случуваше во тогашниот Советски сојуз, човек ќе го дознаеше дури отпосле. Информациите со кои располагавме во Германија беа скудни“, се сеќава тој. Во еден момент неговото внимание го привлекол Русинот Јуриј Гагарин, но никогаш колку Нил Армстронг, првиот човек кој стапна на Месечинатана 21. Јули 1969.

Gerhard Thiele, deutscher Astronaut
Герхард Тиле: Гагарин беше во сенка на АрмстронгФотографија: gemeinfrei

Прошетка во космосот

Слично е искуството и на Рајнхолд Евалд. Кога на 12. Април 1961 Јури Гагарин со вселенскиот брод Восток 1 спектакуларно полета во вселената, Евалд бил мало дете и затоа речиси и да нема сеќавања на историскиот момент. Но, затоа пак ја памети првата прошетка во космосот во 1965 година на Русинот Алексеј Леонов. „Тоа беше моментот кога за првпат ми стана јасно дека има две струи: Американците, кои со програмата Аполо сака да се приближат до Месечината и успесите на руската вселенска програма од друга страна."

Повеќе: Летот на Гагарин - триумф за Русија

Во тогашна Источна Германија попознат бил Јуриј Гагарин. Во тој дел од Германија до денес многу улици го носат името на првиот човек во вселената. Тоа важи и за првиот источногермански космонаут Зигмунд Јен, кој во вселената беше во 1978. На почетокот на 1990-те години токму Јен го придружуваше астронаутот Рајнхолд Евалд, кој тргна по стапките на Гагарин и во Русија се подготвуваше за неговиот лет до руската вселенска станица „Мир”, кој се случи во 1997 година со рускиот вселенски брод „Сојуз”.

Raumfahrt UdSSR - Raumstation Saljut 7
Рајнхолд Евалд на тренинг за рускиот вселенски проект Сојуз-ТМ-25 во јануари 1997 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Космичко и комично“

Сега веќе 64-годишниот Евалд се потсетува на тогашното кризно расположение во пресрет на распадот на Советскиот сојуз. Соработниците на контролниот центар со недели немале земено плата и во знак на протест закачиле плакат со текст: „Нашата задача е космичка, нашата плата комична”. Евалд вели дека „тоа му оставило впечаток”.

И Тиле бил на подготовки во Русија како замена за холандски астронаут за лет во вселената, но дури во 2003 година. Таму од прва рака доживеал како се негува ликот и делото на Јуриј Гагарин. Тиле се потсетува: „Во гардеробата го гледав шкафчето на Јуриј Гагарин.“ Таму имало тениски рекети и други спортски предмети на првиот космонаут на светот внимателно сочувани зад врата од плексиглас. „Секогаш кога ќе седнев, гледав во шкафчето на Гагарин. Посебно чувство е да знаеш дека си во истата просторија и газиш по истите плочки како Јури Гагарин, првиот човек во вселената."

Повеќе

Астрономи пронајдоа индиции за живот на Венера

„Спејс Икс“ ја враќа вселенската трка

САД ќе формираат свои вселенски сили

Вселенски туризам ала Безос

„Појечали!“

А, какво мислење имаат денешните генерации за Гагарин? Матијас Маурер, еден од двајца активни германски астронаути, се подготвува за првиот лет во вселената. Ако оди сѐ по план, 51-годишникот наесен ќе полета со вселенскиот брод Драгон на американската компанија Спејсекс до меѓународната вселенска станица ИСС. „Кога се подготвувам за среќа може да се потпрам на искуството на преку 500 лица кои пред мене биле во вселената", вели Маурер. „Гагарин немал такви услови."

Колку повеќе се ближи моментот за старт, толку повеќе респект чувствува за подвигот на Гагарин, вели тој. Маурер се запознал со историското дело на Гагарин за време на наставата по руски јазик во рамки на подготовките за престојот на меѓународната вселенска станица ИСС. Легендарен, според него, не е само извикот „Појечали!" (во превод: Тргнуваме!), туку и слетувањето со падобран среде празно поле.

За германските астронаути славата на Гагарин и по 60 години не е избледена. „Тој апсолутно е херој", вели Матијас Маурер, особено со оглед на околностите под кои беше првиот човек во вселената.

Köln  Astro-Anlage LunaProjekt Mondlandschaft  Astronaut Matthias Maurer
Матијас Маурер во Европскиот центар за астронаути во Келн во декември 2019-таФотографија: picture-alliance/dpa/F. Hörhager

„Речиси лекомислено“

„Кога ќе помислам на Гагарин ми текнува на Кристифор Колумбо", вели Герхард Тиле и додава дека бил „храбар" и „речиси лекомислен". „Техниката тогаш била толку едноставна, што сѐ можело да тргне и наопаку."

На пример, при враќањето на Гагарин назад на Земјината топка: „Агрегатниот модул не се одвоил од капсулата за слетување, поради што не штимала рамнотежата и дури откако се стопиле каблите капсулата во најтешкиот дел ја заземала правилната положба", потсетува Тиле.

„Нил Армстронг и Јуриј Гагарин се две величини од вселенската програма кои секогаш ќе бидат присутни во сеќавањата", вели Тиле. Во Европскиот центар за астронаути во Келн биста потсетува на првиот космонаут на светот. „Со тоа сакаме постојано да оддаваме почит за неговото достигнување. Првиот човек во вселената, тоа беше Јури Гагарин", вели Матијас Маурер. „И тоа засекогаш ќе остане така.”

Со Аполо 11 до Месечината