САД ќе формираат свои вселенски сили
10 август 2018Заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, при претставувањето на плановите во Министертвото за одбрана, вчера изјави дека времето е зрело за создавање вселенски сили. Конгресот треба да донесе одлука и да се обезбедат финансиски средства, без кои тие не можат да бидат формирани, рече тој.
Идејата за американски вселенски сили ја изнесе пред неколку месеци американскиот претседател Доналд Трамп, аргументирајќи дека САД мора да бидат доминанта сила во вселената и да парираат на Русија и Кина.
Формирањето шести род на војската е непотребно, прескапо и може да ја стави авијацијата во драстична криза, тврдат критичарите на проектот. Досега за безбедноста во врска со вселената е одговорна авијацијата.
Владата го оправдува планот со растечката закана во и од вселената произлезена од Русија и Кина. Вселената сѐ повеќе се претвора во воено поле и „ние мораме да се сочиме со оваа реалност“, истакна министерот за одбрана, Џим Матис. Предлогот на неговото министерство предвидува до крајот на 2018. година да биде формирана Вселенска команда, што ќе треба да осмислува доктрина и стратегии за вселенските војни.
САД се потписници на Договорот за вселената од 1967. година, кој забранува стационирање оружје за масовно уништување во вселената. Освен тоа, вселенските тела, како Месечината, смеат да се користат исклучиво во мирољубиви цели. Американската влада планира проширување на националните вселенски активности - НАСА најави од идната година повторни активности за испраќање луѓе на Месечината, каде последен пат човечка нога стапи во 1972. година.