Започнаа игрите на Трамп
14 ноември 2016Да се потсетиме, идниот претседател на САД нема никакво политичко искуство. За време на неговите 70 години на планетата тој не држел никаква политичка функција. Како бизнисмен, богатиот наследник потфрлуваше често, а исто така често прогласуваше и банкрот. Во бизнисот преживеа бидејќи банките и доверителите кои го финансираа ќе загубеа многу повеќе пари доколку дозволеа целосно да пропадне. Преголем за да пропадне, може да се каже.
Вистинскиот успех на Трамп дојде со „The Aprentice" - реално шоу кое тој го модерираше и го втемели во брендот „Трамп“. Ова беше времето кога Трамп научи како да заведува луѓе, да ги наведе да веруваат во фантастични светови кои не беа ништо повеќе од „ветер во магла“. Светови базирани на илузии, а не факти. Тој го рафинираше успешниот рецепт низ годините, се додека не доби можност да го примени истиот во трката за Белата куќа.
Достоинството на функцијата
Сега Трамп ја презема најважната политичка функција во светот и никој не знае што го очекува светот. Поради тоа, неговите први коментари по изборите беа проследени и интерпретирани со големо внимание. Како ќе реагира тој? Дали достоинството на функцијата ќе го скроти? Дали ќе продолжи да напаѓа жени, муслимани и Латиноамериканци? Или ќе се однесува со почит? Најважно од се, какви советници ќе донесе покрај себе? Затоа што тие советници ќе ја постават политичката агенда.
Веднаш по победничкиот говор на Трамп, можеа да се слушнат шепоти на олеснување од некои од неговите најголеми критичари. Неговиот тон беше резервиран. Тој дури и се заблагодари на Хилари Клинтон, наместо да упати навредувачки коментари. Следниот ден, за време на посетата на Белата куќа Трамп знаеше дека треба да се однесува примерно, така се појави и пред претседателот Обама - како ученик.
Моќта на сликата
Тогаш конечно Трамп го даде своето прво интревју. Тоа не беше прес-конференција како што направи неговиот претходник. Наместо тоа, тој имаше интервју со почитуваната телевизиска програма „60 минути“.
Трамп е свесен за важноста на симболите, тој знае дека сликите оставаат белег во колективната меморија на луѓето. Затоа скромната содржина на интервјуто не е од некоја голема важност. Освен, се разбира, дека е доказ дека претседателот не планира да ја заврши својата домашна задача и барем да има спремни одговори на дел од најважните прашања.
Во ова интервју, Доналд Трамп покажа како тој гледа на неговото претстојно претседателство - не како демократски избран претседател кој бара политички компромиси и е спремен да работи напорно за нив. Трамп се претставаува себеси повеќе како монарх кој владее со својот свет од својот позлатен трон и кој не се интересира за детални прашања како што се законот за абортус или депортација на луѓе. Тој ќе донесе службеници кои ќе се занимаваат со овие работи.
Тука, исто така, првичните избори на Трамп докажуваат дека тој не се дистанцира себеси од неговиот расистички, нехуман курс. Тоа не може да го замаскира ниту фактот што го носи Ренс Прибус како шеф на кабинетот во Белата куќа. Прибус му е потребен на Трамп бидејќи тој е одлично поврзан политичар кој е способен да работи со републиканците.
Изолација и омраза
Трамп, покрај Прибус, како главен стратег и постар советник го постави Стив Бенон. Неговото назначување е шамар во лицето за сите оние кои се надеваа дека магнитудата на функцијата претседател на САД може да го вразуми Трамп.
Бенон, поранешен директор на конзервативниот интернет портал „Брајтбарт“, како никој друг се залага за изолирање и омраза, антисемитизам и мизогонија. Токму тие беа дел од алатките кои ги користеше за да ја осигура победата на Трамп.
Трамп знае како да влезе во улога со цел да биде успешен, но тој исто така знае кои сојузништва треба да се обезбедат со цел да се склучат договори. Тој го покажа своето лице не со тоа што и угодуваше на камерата во интервјуто за „60 минути“, туку во изборот на својот стратегиски советник. Тој, исто така, го покажа тоа со тоа што се презентираше себеси не како владетел кој е обиколен од луѓе со политичка компетентност, туку со истомисленици.